Питер Ванхауте

ШЕГА Е ДА СЕ ОДИ НА ИЗБОРИ СО НУЛА РЕФОРМИ

zborot

Република Македонија – авторитарен режим со клима на страв

Слободна Македонија: Имајќи го предвид вашето десетгодишно искуство како експерт на Балканот, која е најупадливата разлика помеѓу Република Македонија и другите земји во кои имате работено – Косово, Србија и Црна Гора?
Питер Ванхауте: Највидлива разлика што сум ја забележал во оваа земја е климата на стравот. Со кого и да разговараш, каде и да отидеш, луѓето се уплашени. Не сум видел такво нешто претходно во ниту една од другите земји од регионот. Причината за ова, очевидно, е тоа што една партија успеала да ја зароби државата, претпочитајќи авторитарен начин на владеење. Тие контролираат се – секој ќош во општеството е контролиран од нив. Тоа е она што го нарекуваме авторитарен режим. Тоа, според мене, е најголемата разлика во споредба со која и да е друга земја од регионот. И тоа е многу, многу лошо.

haute2

Шокантната политичка корупција води кон црна дупка
Слободна Македонија: Како на медијатор кој работи на спроведувањето на „Договорот од Пржино“ секако дека ви е познат „Извештајот на Прибе“ во кој е наведено дека борбата против политичката корупција (демонстрирана во објавените снимки) треба дефинитивно да биде врвен приоритет. Дали според ваше мислење борбата против политичката корупција беше врвен приоритет за Република Македонија во изминатата година?
Питер Ванхауте: Не, секако не. Тие одбија да се занимаваат со препораките од Извештајот на Прибе. На пример, за нив не беше проблем дури ни ако прислушкувањето продолжува, иако требаше веднаш да го стопираат. Во однос на политичката корупција, со кого и да зборував, увидував дека тоа е главен проблем насекаде во земјата. Каде и да одиш, забележуваш многу проблеми кои имаат врска со корупцијата. Има многу голема, огромна финансиска корупција. Но, исто така, дел од политичката корупција е тоа што се повеќе некомпетентни луѓе добиваат работни места, каде што не би требало да бидат. И тоа прави голема штета за иднината на државата. На тој начин не се управува со државата. Тоа е надолна спирала која што на крајот ве води во црна дупка. Тоа не е демократски.

haute3
Слободна Македонија: Експертите во „Извештајот на Прибе“ укажаа дека проблемот на корупцијата заслужува посебен извештај. Во моментов, нема ниту една кривична пресуда против министри од владата. Дали има потреба од некоја дополнителна експертска група која би подготвила посебен извештај со препораки како да се бориме против корупцијата во Република Македонија?
Питер Ванхауте: Да, секако дека има потреба. Борбата против корупцијата е можна. Прво нешто што треба да го направите е да ги анализирате и да ги изнесете на видело начините на корупција. На пример, неодамна беше обелоденет избирачкиот список. Сега секој од јавноста може да види во колку лоша состојба е избирачкиот список. Истото треба да го направите и со корупцијата. И затоа мислам дека е потребно да имате добри, компетентни и независни ревизори кои ќе ги проверат сите сметки, сите финансиски приходи и трошоци, од секоја владина институција но, исто така, и од сите јавни претпријатија и општини. Целиот систем треба да биде транспарентен, и сите информации треба да бидат обелоденети. Тогаш ќе се види состојбата. Ве уверувам, според она што го дознав низ годините кога бев тука, корупцијата е запрепастувачка, и е многу, многу шокантна.

haute1

Парламентот не функционира: пратениците само удираат печат на она што им е наложено

Слободна Македонија: Уште еднаш ќе посочам на „Извештајот на Прибе“, каде што причините за скандалот со прислушкувањето се лоцирани во концентрацијата на моќ во УБК и нефункционирањето на надзорниот механизам врз УБК. Како експерт за зајакнување на праламентот, со искуство во областа парламентарен надзор врз полицијата и разузнавачките служби, кое е вашето мислење за капацитетот на македонскиот парламент како надзорен механизам врз УБК?
Питер Ванхауте: Како прво, парламентот е целосно контролиран од владата и тоа е една од клучните карактеристики на авторитарните режими. Во 2014 година 50% од законодавството беше донесено во итна постапка. Во 2015 година 70%, повеќе од две третини од законодавството, беше донесено во итна постапка. Итното постапување, во основа е карактеристика на она што ние го нарекуваме „владино преземање“ на општеството, односно на парламентот, каде пратениците веќе не ја играат сопствената улога, туку едноставно само удираат печат на она што им е наложено. Ова е многу лошо за демократијата.
Што се однесува до надзорот, нема такво нешто како правилен надзор во вашиот парламент. Се работи за дисфункционална институција, во таа смисла, и ние треба да најдеме начин како да ја вратиме на прав пат. Надворешен надзор врз парламентот е многу потребен бидејќи, на крајот, пратениците се очите и ушите на граѓаните. Тие имаат добиено мандат од граѓаните за да го прават тоа, и затоа треба да го прават тоа. Но, ние треба да создадеме соодветни механизми за да им овозможиме да го прават тоа.
На пример, познатата собраниска комисија за снимките од прислушкувањето беше само обична шега што егзактно докажува дека парламентот е во потполност дисфункционален. Не можам да си замислам дека во која и да е европска земја, некој би можел да се измолкне, дека владата би можела да се измолкне, за такво нешто какво што се случи во вашата земја. Тогашниот премиер да не одговара на ниту едно од прашањата? Вие сте одговорни како министер, и како премиер, мора да се појавите во парламентот, и мора да дадете одговор на сите прашања што ќе ви ги постават. Ако не го направите тоа, не сте ни достојни да бидете премиер. Треба да си заминете и веднаш да ја оставите земјата.

haute4

Одењето на избори со нула реформи е шега
Слободна Македонија: Директната политичка вмешаност во изборните манипулации од 2014 година не е адресирана ниту на судско, ниту на политичко ниво. Бројните обелоденети нерегуларности од претходните избори сеуште не се адресирани од новиот состав на Државната изборна комисија. Дали сме спремни за предвремени избори, без да ги надминеме сериозните манипулации и нерегуларности од претходните избори?
Питер Ванхауте: Секако дека не сте спремни за никакви избори во овој момент. Поради конфликтната ситуација што ја перципираме денес, согледувајќи ја огромната измама од претходните неколку години до денешен ден, како и неверојатниот притисок со кој се соочуваат луѓето кои работат во јавната администрација, неверојатниот притисок што го гледаме врз луѓето што работат во образовниот систем. Ова е неприфатливо. Такво нешто не сум видел во ниту една земја од регионот претходно, ниту на било кое друго место. Нема таков преседан. Како резултат на ова, мојот заклучок е дека оваа земја не е подготвена за избори. Нормално е, во една конфликтна ситуација, прво да ги решите проблемите, реалните проблеми, а потоа да се договарате за тоа кога да се организираат избори. Овде се прави сосем обратното. Од сите препораки во Ургентните реформски приоритети и извештајот на Прибе, досега не е постигнато ништо. Има нула постигнувања! И да се оди така на избори е шега. Не треба да го правите тоа.

haute5

Не може да имате слободни и фер избори без независно судство
Слободна Македонија: Повеќе од очигледно е дека истите политичари кои биле вмешани во претходните изборни криминали, прават се што е во нивна моќ за да ја попречат правдата, и повторно да добијат политички легитимитет на предвремени избори. Зошто предвремените избори се сугерираат од страна на ЕУ како решение на „политичката“ криза во Македонија, наместо ефикасните кривични постапки против корумпираните политичари?
Питер Ванхауте: Во тек се одредени постапки, како што се истрагите од страна на специјалното обвинителство. Првото нешто што се поставува како прашање е ефикасноста на судовите, кои во основа се уништени по налозите од страна на една, или можеби две партии. За да направите напредок во вистинска насока, во еден момент мора да се справите со овој проблем. Луѓето мора да увидат дека судството не е независно, па затоа можеби мора да се востанови специјален посебен суд исто така, кој треба да се занимава со овие проблеми. Можам само да ви кажам дека бев многу јасен кон меѓународната заедница: Не можете да имате слободни и фер избори во овој стадиум, без да ги решите основните проблеми. Би било шега. Изборите не се појдовната точка на демократска реформа, тие се крајната цреша на тортата, како што се вели. Да не испадне да завршите само со црешата, без тортата под неа.

haute6
Медиумите не треба да бидат под партиска контрола
Слободна Македонија: Кои се вашите впечатоци како мета на говор на омраза од страна на провладините медиуми, поради твитовите-мемиња со мачки? Дали има лек за корумпираните новинари кои сеуште примаат директни наредби од корумпираните политичари и кои користат говор на омраза како инструмент за замолчување на критичарите?

Питер Ванхауте: Тоа е многу добро прашање. Се разбира, гледам што се случува. За мене, интересно е да се види дека има одреден вид динамика во моментот кога некој ќе направи нешто што ним не им се допаѓа. Тие веднаш реагираат на некој начин. Тоа е начинот на кој се однесуваат. Како прво, тоа е непочитувачки. Исто така, тоа не е начин на кој медиумите треба да реагираат и да функционираат. Затоа мислам дека треба да има соодветен механизам на располагање. Медиумската агенција која е главна контролна компонента за надзорот на аудиовизуелните медиуми е сосем нефункционална. Таа агенција треба да ги казнува сите прекршувања и непочитувања на законот и на основните принципи на доброто, објективното и неутралното критичко новинарство, но не го прави тоа, бидејќи е повторно под контрола на извесна политичка партија. Прво треба да го исправиме ова и да се осигураме дека медиумите не се повеќе под контрола на некоја партија, туку дека има надворешно критичко, регулаторно тело – независно тело – кое во основа ќе го прави сето она што треба да се направи. Сеуште е рано за тоа, но се надевам дека во блиска иднина ќе се случи и тоа.

haute7
Слободна Македонија: Ви благодариме за интервјуто.

(Интервјуто е графички опремено со меме-твитови на Питер Ванхауте)

One Response to Питер Ванхауте

  1. prof. d-r Marija Pandevska says:

    Dali gospodinot Peter Vanhoutte bi bil zainteresiran za knigata: Marija Pandevska “The Member of Parliament: Between Personal Prestige and Public Expectation (Phases in the Development of the Macedonian Parliamentary System), BIGOSS, 2007?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *