haj

ХАЈДИ ШТЕРЈОВА

МВР И КРИВИЧНИОТ СУД ВИНОВНИ ЗА КРШЕЊЕ НА ПРАВАТА НА СЕКСУАЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ

Интервју со Хајди Штерјова Симоновиќ, адвокатка за заштита на правата на сексуалните работници.
Втора пресуда против МВР и судот
Слободна Македонија: Хајди, веќе втор пат добиваш пресуда во која македонски суд утврдува дека граѓанските права на група сексуални работници биле флагрантно прекршени не само од страна на МВР, туку и од судот, во акцијата „Улична проституција“ во веќе далечната 2008 година. Какви беа твоите лични реакции по добивањето на првостепените пресуди против МВР и судот кој издаде колективна наредба за присилно тестирање за ХИВ?
Хајди Штерјова Симоновиќ: Иако нашата тужба беше силно аргументирана и поткрепена со бројни докази, сепак, со оглед на тоа како се случи целата таа акција за ,,сузбивање на проституцијата“ но, и со оглед на целокупната состојба во судството, со колегите со кои заедно го работевме предметот очекувавме дека постапките пред националните судови нема да бидат во корист на нашите клиентки и дека ќе треба правдата да ја бараме пред судот во Стразбур. Затоа бев навистина многу пријатно изненадена кога ја примив првата пресуда со која првостепениот граѓански суд делумно го усвои тужбеното барање и утврди дека МВР и Основниот суд Скопје 1 Скопје ги повредиле правата на нашите клиентки. Тоа само значеше дека судот постапувал согласно домашното позитивно право и меѓународните ратификувани конвенции. Во повторената постапка веќе очекував дека и втората пресуда на судот ќе биде позитивна за нашите клиентки.

Повреда на неколку граѓански права
Слободна Македонија: Кои права им беа повредени на сексуалните работнички од страна на МВР, а кои од страна на судот во акцијата „Улична проституција“?
Хајди Штерјова Симоновиќ: Со првостепената пресуда, првостепениот суд утврди дека и првотужениот и второтужениот со дејствијата кои ги преземале, односно пропуштиле да ги превземат, на тужителките им ги повредиле правото на слобода и безбедност, правото на приватен и семеен живот и забраната за тортура, нечовечко и деградирачко постапување и казнување.

Прва пресуда против кривичен суд
Слободна Македонија: Дали ти е познат друг случај, некој во граѓански спор да добил пресуда против МВР и кривичниот суд?
Хајди Штерјова Симоновиќ: Мене лично (а и колку што се распрашував) не ми е познато дека постои граѓанска пресуда со која се утврдуваат повреда на овие права против МВР и Кривичниот суд. Против МВР веројатно е да има и пресуди во кои истите имаат изгубено одредени граѓански спорови против граѓани, меѓутоа, против Кривичниот суд мислам дека ова е прва таква пресуда. Може дури и да е прва постапка во која некој воопшто пред граѓански суд бара утврдување на повреда на одредени права од страна на Кривичниот суд. Меѓутоа, со оглед на тоа дека и судската пракса на Европскиот суд за човекови права се движи во насока дека треба да се исцрпат сите ефикасни правни лекови пред националните судови, а позитивните прописи даваат простор за заштита на овие права во граѓанска постапка, ја поднесовме тужбата пред граѓанскиот суд во Македонија, наместо да одиме директно пред судот во Стразбур.

Пресуди дочекани со неверување
Слободна Македонија: Претходно, сексуалните работнички беа условно осудени за ширење на заразни болести и ги изгубија споровите против медиумите кои го повредија нивното право на приватност со објавување на сензационалистички фотографии од полициската станица и пред инфективната клиника. Каква беше реакцијата на сексуалните работнички кога судот по втор пат им додели парична отштета за понижувачкиот третман од страна на МВР при апсењето и престојот во полициската станица?
Хајди Штерјова Симоновиќ: Реакциите на тужителките се позитивни, иако и тие со неверување и изненадување ја дочекаа веста за нивната победа пред првостепениот суд. Ова секако им дава мотивација и надеж дека и нивните права можат да бидат остварени во законска судска постапка во Република Македонија.

Огромна победа за правата на сексуалните работници
Слободна Македонија: Дали оваа пресуда може да се смета за некаква победа, ако се земе предвид дека и по седум години од првобитното поведување постапката за заштита на правата на сексуалните работнички, немаме правосилна пресуда?
Хајди Штерјова Симоновиќ: Оваа пресуда независно од времетраењето на постапката и независно од тоа каков ќе биде крајниот исход, односно, што ќе одлучи повисокиот суд по веќе вложените жалби, претставува огромна победа за унапредување на правата на сексуалните работници во Република Македонија. За првпат сексуалните работнички, во услови кога самата сексуална работа е недозволена, односно претставува прекршок, се охрабрија да излезат пред судот и да побараат заштита на нивните права. Се охрабрија да кажат за навредите и понижувањата кои ги претрпеа во полициската станица, но и за омаловажувањето и последиците од присилното земање на крв, а најмногу од снимањето и прикажувањето во јавноста и последиците од таквиот третман во нивниот приватен живот. И, на крај, ова е голема победа за сексуалните работници бидејќи со оваа пресуда се потврди дека и правата на маргинализираните заедници поддеднакво заслужуваат заштита како и правата на сите останати граѓани.

Значајна битка за заштита на човековите права
Слободна Македонија: Според тебе, какво значење имаат овие пресуди во борбата за правна заштита на човековите права во Република Македонија?
Хајди Штерјова Симоновиќ: Освен големо значење на оваа пресуда за самите тужителки и сите сексуални работници, истата има големо значење во борбата за заштита на човековите права во Македонија воопшто. Како што кажав и погоре, се потврди дека постапката за утврдување на повреда на лични права пред граѓанскиот суд во Македонија може да биде ефикасен механизам за заштита на правата на сите граѓани.

Подобрен третман од страна на полицијата
Слободна Македонија: Што мислиш, дали правната битка за заштита на правата на сексуалните работнички помогна во надминување на негативните стереотипи и предрасуди кон сексуалните работници во медиумите и во јавноста?
Хајди Штерјова Симоновиќ: Јас лично мислам дека оваа правна битка го подобри третманот од страна на полицијата. Имено, иако сексуални работници сеуште ни пријавуваат злоупотреби и повремено насилство од страна на одделни полициски службеници, за да се искорени тоа веројатно е потребно повеќе време и средства вложени не само во едукација, туку и во казнување на неправилното постапување. Сепак, по покренатата судска постапка против МВР, веќе не се повтори вакво организирано и системско кршење на правата на сексуалните работници од страна на полицијата. Меѓутоа, за медиумите и за јавноста не можам да кажам дали конкретно судската постапка придонела за надминување на негативните стереотипи и предрасуди спрема сексуалните работници. Кај некои од медиумите постои одредено подобрување во известувањето за сексуалните работници. Меѓутоа, сметам дека тоа е благодарение на голем број едукативни работилници и друг вид активности за издигнување на свесноста и надминување на предрасудите и сензационалистичко известување за сексуалните работници, кои после рацијата беа спроведувани од ХОПС, Коалицијата „Сексуални и здравствени права на Маргинализираните заедници – Скопје“ и СТАР-СТАР. За жал, сеуште постојат новинари и медиуми кои не се придржуваат до кодексот и нивните правила и известуваат сензационалистички, зацврстувајќи ги кај јавноста постоечките негативни стереотипи и предрасуди во врска со сексуалните работници. Се разбира, најтешко оди надминувањето на негативните предрасуди и стреотипи кај опшата популација и јавноста, што не може да се случи без проактивна улога на државата (да се казнат сите прекршители на нивните права) и медиумите (да престанат да известуваат на сензационалистички и неетички начин).
Слободна Македонија: Ти благодариме на интервјуто, и ти посакуваме уште многу позитивни пресуди за заштита на човековите права.

Check Also

zborot1

Питер Ванхауте

ШЕГА Е ДА СЕ ОДИ НА ИЗБОРИ СО НУЛА РЕФОРМИ Република Македонија – авторитарен режим …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *