kejti

КАТЕРИНА КОЛОЗОВА

КАТЕРИНА КОЛОЗОВА:
АВТОРИТАРНИОТ СИСТЕМ ТРЕБА ДА СЕ ДЕМОНТИРА

 

Интервју со Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје и професор по филозофија, општествена/културна теорија и родови студии.

kate

ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ НЕ СЕ ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА

Слободна Македонија: Дали предвремените избори се излез од политичката криза во Македонија?
Катерина Колозова: Не, не верувам дека се излез од кризата. Единствениот излез од кризата е спроведувањето на темелни реформи според насоките на Прибе. Со оглед на тоа дека проблемите идентификувани од Прибе се децениски, за длабински реформи неопходно е учество на сите политички релевантни актери – и владејачките партии и опозицијата. Во мигов имаме метастаза на болест што се развивала најмалку две децении, а чии корени одат и подалеку – во тоталитарното минато на земјата.

КОЈ И ДА ГО НАСЛЕДИ ОВОЈ СИСТЕМ,
АВТОКРАТИЈАТА ЌЕ ОСТАНЕ

Слободна Македонија: Тврдиш дека Македонија отсекогаш претставувала еден вид мека диктатура или хибриден режим и дека „Македонија ќе потоне во уште попродлабочена автократија доколку победата ја однесе премногу брзо само една од двете партии“. Зошто сметаш дека Македонија ќе потоне во уште попродлабочена автократија ако победата ја однесе, на пример, опозицијата?

Катерина Колозова: Тоа не е мој впечаток, туку заклучок на автори како Левицки и Веј (изумителите на концептот „хибриден режим“), а втемелени на мерливи податоци од, на пример, Фридом Хаус. И самата се изненадив дека единствено ние од поранешните југословенски држави стабилно стоиме на листата на хибридни режими од независноста до денес.
Дури и кај Србија има промени – периоди во кои се вбројува во редот на хибридни режими и периоди кои се подемократични. Ние сме непоместливо закотвени на истата позиција. Последните податоци се од 2013, така што, претпоставувам, од тогаш до денес сме се поместиле нешто поблиску до отворен авторитаризам, но се уште сме хибриден режим поради формалната изборна демократија. Ако е така, тогаш за коренито себе-редефинирање и вистински, конечен почеток на плурална демократија, потребно е плебисцитарно учество на сите политички елити и општеството.
Затоа, изборна победа и власт само на едните не е доволна за оваа темелна промена. Можен е и подлабок авторитаризам поради волунтаризмот и на едните и на другите. Со други зборови, не се проблематизираат политиките на владеење, туку нивните злоупотреби, не се проблематизира авторитарниот систем, туку авторитарниот менталитет. Следствено, кој и да го наследи овој систем, оваа инсталација, дури и да не е корумпиран и да нема намера да биде корумпиран – автократијата ќе остане.
СИСТЕМОТ БИ БИЛ ПРОБЛЕМ
ДУРИ И КОГА НЕ БИ БИЛ ЗЛОУПОТРЕБУВАН
Слободна Македонија: Сакаш да кажеш дека проблемот е поскоро во автократскиот систем, отколку во тоа кој го управува?
Катерина Колозова: Добронамерноста и правдољубивоста не можат да се вградат и спроведат преку ваков автократски систем на заробена држава (што не е нешто што се сведува на корумпирана туку на апсолутна извршна власт).
Системот би бил проблем дури и кога не би бил злоупотребуван. Мантрата дека имаме добри закони ама лоша примена не е точна. Имаме автократски закони на автократска извршна власт и додека ова устројство не се демонтира, и најдоблесните повторно би владееле авторитарно. Не е до добрата волја, туку до концептот на ред и поредок кој е авторитарен, па и тоталитарен.
ВЛАДА НА НАЦИОНАЛЕН СПАС

Слободна Македонија: Веруваш дека владата на национален спас би била верен одраз на определбата на граѓанското движење за „надпартиска и надетничка мобилизација“. Од кои причини?
Катерина Колозова: Не сметам дека таквата влада би била одраз на желбите и потребите на надетничката граѓанска мобилизација од лани, туку дека таква влада најмногу би одговарала на потребите на таквата мобилизација. Причините лежат во она што го одговорив претходно – хибридниот режим од над две децении бил граден од овие елити и тие заедно се должни да го демонтираат. Владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2011 наваму се упати кон отворен авторитаризам, но, како што реков, ако се потпреме на изворите и анализите цитирани погоре, ќе мора да заклучиме дека станува збор за метастаза на дведецениско (а можеби и подолго) боледување.

ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО
ТРЕБА ДА ИМА НАДЗОРНА УЛОГА

Слободна Македонија: Каква улога треба да има граѓанското општество во надминување на кризата – како набљудувач на политичките процеси, или поскоро како полноправен учесник со јасно дефинирани политички барања?
Катерина Колозова: Сметам дека треба да има надзорна улога, но и улога на страна која ги повикува на отчет и одговорност политичките елити, отчетност од страна на сите консензуално посветени на спроведувањето на Итните приоритетни рефроми според извештајот на Прибе.

МАКЕДОНИЈА КАКО ДЕЛ ОД ЕУ

Слободна Македонија: Како ја замислуваш Република Македонија за 10 години од сега?
Катерина Колозова: Како дел од Европска унија која ќе биде поблиску до федерација, одошто наднационална унија на држави-нации.
Слободна Македонија: Благодариме за интервјуто и се гледаме за 10 години на наше море во Кан.

Check Also

zborot1

Питер Ванхауте

ШЕГА Е ДА СЕ ОДИ НА ИЗБОРИ СО НУЛА РЕФОРМИ Република Македонија – авторитарен режим …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *