anastasVangeli

АНАСТАС ВАНГЕЛИ

ОВОЈ ПОРЕДОК НЕ ДОЗВОЛУВА БОРБА ЗА ВРЕДНОСТИ И ПРИНЦИПИ

И ЗАТОА МОРА ДА БИДЕ СРУШЕН

 

Интервју со Анастас Вангели, политолог, социолог и активист во левичарското движење „Солидарност“.

Македонија – економски опустошена полуколонија

Слободна Македонија: Некои сметаат дека Република Македонија ја преживува најголемата политичка криза по 2001 година. Според тебе, како политолог и социолог, кои се главните причини и „генератори“ на кризата?

Анастас Вангели: Кризата во Македонија има премногу причини и „генератори“ од кои тешко е да се издвојат главните. Сè си има своја улога: кусата историја на државност, (релативната) економска неразвиеност, културата на коруптивност, немањето контролни механизми во институциите, фрагментираноста на општеството по етнички и секакви други припадности, недостатокот на консензус помеѓу општествените актери, одливот на високо-образовани кадри итн. Регионалните и глобалните трендови исто така се важен фактор. Сепак, ми се чини дека еден особено важен, а занемарен фактор е профитерството во сите сфери на живеењето. Во Македонија, економски опустошена полуколонија, поредокот го насочува индивидуалното делување кон личен економски профит, кој пак е виден како засебен од колективниот, без премногу грижа за последиците. Никој не работи на структурно решение на општествените проблеми, во прв ред економската неразвиеност, на долг рок, туку само на решавање на сопствената ситуација на краток рок. Во тој систем, прифатливо е политичарите, но и сите останати, да играат валкано; прифатливо е да се даде поддршка на тие што играат валкано ако од тоа се има лична корист; исто така, прифатливо е да не се преземе акција, доколку од тоа се нема лична корист. Таквиот поредок не дозволува борба за вредности и принципи и затоа мора да биде срушен ако сакаме воопшто некогаш да имаме некаков напредок.

vang

 

Договор со Груевски не може да биде основа за надминување на кризата

Слободна Македонија: Дали „Договорот од Пржино“ придонесува за надминување на кризата во Република Македонија?

Анастас Вангели: Не. Договор со Груевски не може да биде основа за надминување на кризата, особено ако цената што се плаќа со тој договор е замолчување на револтот на народот и преместување на политичкиот процес зад затворени врати. Договорот од Пржино само ја пролонгира кризата и и дава нови шанси на старата политика да се спаси. Притоа, наместо генератор на промената да бидат граѓанките и граѓаните на Македонија, генератор на промената сега се странските дипломати, што на никој начин не е одржливо демократско решение.

 

Граѓанското движење мора да се дистанцира од партиската политика

Слободна Македонија: Каква треба да биде улогата на граѓанското движење во услови кога четирите најголеми партии, со посредство на „меѓународната заедница“, практично се обидуваат да ја монополизираат политиката?

Анастас Вангели: Граѓанското движење во добар дел не сакаше или немаше свест дека мора да се дистанцира од партиската политика за да ја истера борбата против Груевски до крај; а делот кој сакаше, пак, не успеа доволно да се оттргне од гравитацијата на СДСМ во текот на настаните во мај 2015. Граѓаните беа на раб на уривање на диктатурата во мај 2015. Оттогаш натаму секоја акција и секој протест кој има за цел нешто помалку од уривање на диктатурата е откажување од тешко освоениот простор. Притоа, се создадоа многу линии на поделба во граѓанското движење. Но, сепак, ова може да биде и „конструктивен неуспех“ – ако ги научиме лекциите за понатаму. Во таа смисла, мислам дека граѓанското движење во овој момент мора да се ориентира кон интроспекција, анализа и дебата, кон обновување на комуникацијата и градење на мостови и да го подготвува теренот за нов изблик на револт, кој неминовно ќе се случи во скоро време.

 

Манипулацијата со симболи е опасна игра

Слободна Македонија: Како изучувач на национализмот, како ги оценуваш најновите обиди за манипулација со верски и етнички симболи во поделеното Скопје?

Анастас Вангели: Манипулацијата со симболи не е ништо ново, но секогаш е опасна игра од страна на елитите. Драго ми е што имаше силен отпор и не се дозволи ситуацијата да ескалира.

 

Груевизмот е комбинација на приученост, манипулација и лажење, силеџиство, коруптивност

Слободна Македонија: Пред извесно време напиша дека „борбата со интернализираниот груевизам ќе трае двапати подолго од борбата со Грујо, и ќе биде далеку покрвава“. Како и каде го препознаваш „интернализираниот груевизам“ и како го разликуваш од „екстернализираниот груевизам“?

Анастас Вангели: Груевизмот како политичка, но првенствено ментална матрица е комбинација на приученост, манипулација и лажење, силеџиство, коруптивност, шиканирање на неистомисленици, водење тефтерчиња и злопамтење, мислење дека сè ти следува итн. Тие „вредности“ се интернализирани помеѓу другото и од страна на голем број луѓе кои се декларираат како политички противници на Груевски. Таа матрица ќе ни биде оставена во наследство кога Груевски ќе си оди. По неговото заминување, во Македонија ќе има многу мали „Грујчиња“ од секаква провиниенција, низ целиот политички спектар и граѓанското општество и иако мала земја, Македонија можам лесно да ја замислам во состојба на војна на „секој против секого.“

 

Промената мора да се случува „од долу“

Слободна Македонија: Имаш ли идеја или „рецепт“ како да се победи „груевизмот“ и да се изгради социјално поправедно општество? Како левичарски активист, како ја замислуваш Република Македонија во 2026-та година?

Анастас Вангели: Левичарските активистки и активисти мора да бараат и креираат нови простори, да отвораат нови теми и да не запаѓаат во стапиците на војната секој против секого, т.е. во „или си со нас, или си против нас“ размислување. Воедно, не смееме да се залажуваме дека суштинските промени може да дојдат „од горе“ – дури и да имаме подобри политичари на власт во иднина, улогата на меѓународните организации, банките, и општо механизмите за наметнување на интересите на капиталот, нема да дозволат големи исчекори и трансформации. Промената затоа мора да се случува постојано и постепено, „од долу“. Затоа, не смееме да се ограничиме само на борба против одредена гарнитура на власт. Ние мора да се бориме за подобро општество и тоа општество мораме и самите да го создаваме. Една важна цел кон која треба да се стремиме е создавање на нови, автономни и самоодржливи задруги за остварување на економските и општествените потреби кои ќе почиваат на принципите на заемност и солидарност, и кои ќе бидат водени од логиката на окрупнување, а не раситнување. Притоа, мора да се има свест дека промена само во рамките на Македонија не може да се случи. Промената ќе има регионален и глобален контекст и затоа е нужно и транснационално делување и поврзување.

 

„Левица“ мора да стане вистински отворена

Слободна Македонија: Со каква програма и тактика, според тебе како левичарски активист, би требало да настапи на македонската политичка сцена новоформираната партија „Левица“?

Анастас Вангели: Мислам дека клучен предизвик за „Левица“ во поглед на претстојните избори е подобрување на нивната комуникација со јавноста и со нивните поддржувачи и нудење на модел на современо левичарско партиско делување. Тие се единствена партија која произлезе од големиот број движења кои процутеа во последните неколку години и воедно имаат амбиции да бидат сериозна идеолошки профилирана лево-ориентирана партија. Затоа, меѓу другото, мора да најдат сили да ја надминат моменталната перцепција на „мала партија“ која ја споделуваат со Демократскиот Сојуз, ДОМ или ЛДП. За тоа да се случи, „Левица“ мора да стане вистински отворена и да го надмине досегашното реактивно делување исклучиво преку прес конференции и соопштенија, и да се фокусира на работа на „граструтс“ нивото.

Старите партии ги критикувавме за оддалеченост од народот; партиските активисти на „Левица“ во овој период ќе мора да покажат дека знаат да сослушаат и да фаќаат белешки од тоа што нивните (потенцијални) поддржувачи имаат да им кажат. Засега, многу од нив во комуникацијата на социјалните мрежи, за жал, делуваат како да не ја сфаќаат својата нова улога на служители на народот, кои не треба само декларативно да велат дека претставуваат одредени групи, туку да им дадат простор и глас. Во очите на јавноста – вклучително и на левичарските активистки и активисти кои не се дел од нивната партија, тие ќе бидат критички оценувани и ќе мора секој глас да го заслужат. Сепак, познавајќи ги и знаејќи ја нивната посветеност, сметам дека имаат потенцијал за брзо време да созреат и значително да напредуваат.

Слободна Македонија: Благодариме за интервјуто.

Check Also

zborot1

Питер Ванхауте

ШЕГА Е ДА СЕ ОДИ НА ИЗБОРИ СО НУЛА РЕФОРМИ Република Македонија – авторитарен режим …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *