dame

ДАМЕ ЧКАТРОСКИ

dame

Панама фајловите – Двојниот клуч за тајните на политичарите 

Панама Фајловите. Што се има во нив и какви импликации ќе имаат за Балканот и Македонија е прашањето за оваа седмица, година или 25 години од независноста на Македонија.
Малку да објаснам:

1.Аферата е наречена „Панама“ заради регистрацијата на фирмата „Мосак Фонтеса“ (од Панама) која регистрира „Офшор“ компании во 21 земја во светот. Имаат и седиште на Кипар, Белизе, Швајцарија, Лихтенштајн, Луксембург, Гиблартар, Девствени Острови и уште неколку дестинации важни за Македонија и за истрагите кои претстојат.

2.Веќе низа бизнисмени и политичари ова утро почнаа со изговори „сечено, лепено, монтирано“ додека Москва молчи, каде што освен Путин и неговите најблиски, има уште 3000 компании на неговите поддржувачи и партија.

Ситуацијата е многу нестварна за сопствениците на овие компании. На пример, од еден Лионел Меси, па до претседателите на Кина, Пакистан и 500 компании и лица од Индија (каде се пишува дека и Субрата Рој е во списокот на лицата со такви компании).

Неофицијално, „Мосак Фонсека“ има регистрирано помеѓу 30 и 40 компании на граѓани на Македонија. Списокот е следен – 160 бугарски, 240 грчки, 100 српски, 50 црногорски, 30 косовски, 70 албански…

Главното, кое го наменувам за тие новинари или читатели кои сериозно ќе се зафатат со истражувањето на „Панама Фајловите“:

1.Фирмата „Мосак Фонсека“ е фирма, правна фирма која регистрира фирми во 21 земја од кои повеќето се „офшорни“ дестинации. Постапката е следна. „Мосак Фонсека“ ви регистрира или ви продава готова регистрирана фирма на ваше име каде вие ќе одберете од овие 21 дестинација. Вие не треба никаде да одите, тоа секогаш се правело преку пошта, факс, компујутер за овие 40 години од оснивањето на „Мосак Фонсека“ во Панама. Ја добивате оригиналната регистрација на фирмата со која отворате сметка во која банка сакате во светот. Легално и нормално. Во прилогот на регистрацијата кој го поднесувате до банката не фигурираат основачите на фирмата. Фигурира еден директор наименуван од вас под рента и вработен во „Мосак Фонсека“. Таков директор може да има и до 10.000 компании и да управува со нив, а вие сте сопственик. Истиот тој директор наименува ваш некаков човек од доверба или вас самиот, да отвора сметки во било која банка и со тие средства располага баш како што ќе посака. Таксите за профитите зависат од дестинацијата каде регистрирате компанија, но се од 3-15 %. Обично се пријавува помалку заради што земјите (овие 21) ретко ќе ја контактираат институционално вашата банка, за да проверат какви тоа профити правите и дали за нив им плаќате данок на профит.

Годишно плаќате некаква симболична вредност за одржување на фирмата, директорските работи, комуникациите, телефон, сандаче и било што, но ретко ова поминува цифра од 2.000 долари годишно. Имено, што е поскапо тоа е посигурно и посериозно. Ова правило баш и не се почитува кај клиентите.

2. Фирмите се регистрираат со интенција да не се дознае кој или кои се сопствениците. Бизнисмените обично регистрираат вакви фирми заради малите такси, да останат анонимни во работењето, за добивање на тендери во кои не сакаат да бидат познати. Проблемите започнуваат кога при добивање на тендер од него не се почутуваат пропозициите, па домицилните институции вршат редовно истраги доколку има голема криминална загуба на пари. Банки со сомнителни менаџери обично често даваат кредити на вакви „офшор“ фирми кои обично и не се враќаат. Класично перење на пари – истиснување на буџетски средства на институции преку фиктивни про-фактури.

Големи компании преку овие фирми добиваат често фактури за некакви консултантски услуги со многу нули, за да не би платиле данок на профит во сопствените земји. Етички гледано, нема одговорност од фирми во „офшорни“ дестинации регистрирани од блиски на политичари кои потоа добиле работа и тендери од политичарите и испорачале тоа што требало да си испорача. Доколку обвинителствата констатираат неправилности, тогаш работата може да гори, па политичарите редовно си даваат оставки и истрагите си продолжуваат.

Главната квака – ,ДВОЈНИОТ КЛУЧ НА ТАЈНОСТА НА ПОЛИТИЧАРИТЕ“ е следна:

Никој од тесната и поширока фамилија на политичарите не отвора сам на лично име сметка во банка која би служела да заврши некаква провизија. Тоа лесно се докажува и е лесно достапно по операциите на банките со „СВИФТ“ системот кој подлежи на истраги (ретко, но се можни). За политичарите да го спречат откривањето на сопственикот на фирмата, честопати регистрираат компании во „офшор“ дестинации и сметките на кои завршуваат провизиите преку „СВИФТ“ системот се сите од вакви фирми отворени на лица блиски на политичарите или самите тие.

Беше недокажливо или истрагите завршуваа во ќор-сокак кога домицилните законодавства истражувале чии се овие фирми. Имено, малку од овие 21 „офшор“ земји биле кооперативни. Посебно што сиромашните земји немаат никакви полуги да ги притиснат овие 21 „офшор“ дестинации да им ги соопштат сопствениците од фирмите.

Кога се во прашање тероризам и нарко-трговија се пишуваат легенди дека тогаш големи земји како САД лично испраќале инспектори во овие земји, па ги дознавале сопствениците на фирмите со не баш обични мерки, но тоа се случувало многу ретко кога сите параметри биле на црвено.

Денеска за голема радост на обичните луѓе ,двојниот клуч на тајноста на политичарите“ пукна. „Панама фајловите“ ги содржат информациите за сопственост и комуникации со сопствениците и директорот на нивната фирма на било која 21 дестинација.

ШОК. Падна интернетот во светот за кратко време. Хаос од вчера од 20 часот средноевропско време. Хаос од Европа до Москва до Пекинг и Нов Зеланд. Нема обвинителство кое во овие 40 години не истражувало случај за перење пари, кражби на пари, провизии, огромна корупција, а да не се соочиле со главната „квака“ – непознат сопственик и неможност да дојдат до неговото име.

Затоа „Панама Фајловите“ се земјотрес. Банките ги имаат само регистрациите на фирмите и нив не ги интересира кој стои зад овие фирми. Се е легално освен провизиите од работи кои не можеа да се докажат – легнуваа на овие сметки, но крајниот сопственик на парите беше непознат.

Затоа Панама фајловите се најголемиот удар до политичарите во светот за овие 40 години.

Ќе има многу уапсени. Многу. Илјадници меѓународни потерници. Ќе има судења, но едно е само точно. Парите од непознат сопственик ќе завршат на име на буџет. Нема никој да изгуби ни еден долар, а најмногу ќе добијат тие што ги полнат буџетите.

Check Also

Фото: Pixabay

АНАЛИЗА: Општини тонеле во долгови ама не запреле со нови вработувања!

Повеќе од 120 000 000 евра должат општините за неизмирани обврски кон добавувачи, кредити, долгорочни …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *