fal1

Модерен Аеродром…

Денеска во Аеродром се случи чудо! Воскреснаа членови на фалангата и ги поздравија коњаниците кои тргнаа накај славното Крушево. Доволна инспирација да пишам нов пост.

fal1

Јас сум од оние луѓе што читаат политички програми и гласаат за нешто во кое веруваат.

Се сеќавам дека пред некоја година, кога Ивица Коневски се кандидираше (по втор пат) за градоначалник на општина Аеродром, се утепав од раскажување колку е трагично во изборната програма како културни манифестации да му стојат Мичуринската средба и Коњаничкиот марш, а при нејзината промоција (некаде во 2013та година) да дава изјава дека „Општина Аеродром е сликата за модерна и современа општина“. Не разбрав тогаш, а не разбирам и денес што подразбира човекот кога вели „модерна и современа“.

Денеска, 28.07.2016 година, истиот лик, од позиција на Градоначалник на општина Аеродром вели „Илинденскиот марш е најголемата и најзначајната културна манифестација во Аеродром“.

Ај сега да се разбереме, немам јас ништо ниту против традицијата, ниту против културата, напротив, тие што ме знаат ќе потврдат дека силно се залагам за нивното зачувување и придонесувам кон тоа онолку колку што е во мој домен. И да, теба да има манифестции од културен, верски и историски карактер. Има оваа земја и што да покаже и со што да се гордее.

Но не само такви манифестации и токму затоа имам едно големо АМА за ова што се случува во Аеродром. Да резимирам како јас ја гледам состојбата.

Наместо да твориме и да градиме модерна култура со која идните поколенија ќе се гордеат ние се закопавме во минатото и останавме таму да го уредуваме и преуредуваме. Наместо на трендовите на новиот век и потребите на луѓето што живеат во него се посветивме на одамна мртви работи и ги оживеавме духовите. Наместо да го надградуваме она што го затекнавме и да оставиме белег на векот во кој што живееме, нашата неспособност ја прекрстивме во „патриотизам“ и гласно ја славиме.

Навистина нема потреба да правиме „будали“ од себе. Нема потреба да измислуваме нови „антички комити“ и да им „се плукнеме“ на оние кои умреле за ова со што денеска се гордееме за да бидеме „поголеми Македонци“. Нема потреба да шетаме во „кинески апостолки“ за да го заслужиме приматот на „модерна општина“. Нема потреба да бидеме „потомците на Алаксандар“ за да бидеме „светски деца“.

Доволно е само да ја извадиме главата од тињата и да восприемиме наоколу со сите сетила.

И да не се лажеме, минатото никогаш нема да биде иднина!!! Само иднината еден ден ќе биде минато!!! Наша е одговорноста кон иднината !!!

P.S. Се надевам дека следната година ова време ќе пишувам за тукушто одржаната „Недела на одржливо живеење“, седната на клупа направена од реупотребен отпад и врзана со полнач на штекерот кој произведува струја од сончевата енергија.

Билјана Дуковска

Check Also

pravda

Кампања „Прав(д)а за сите“: Напаѓачите на ЛГБТИ луѓето да се изнесат пред суд!

Вчера, при одбележувањето на 17 мај, меѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *