Од систем против елементарни непогоди, до „организирање помош“ од лице место. Фото: Гугл; колаж: Вистиномер
Од систем против елементарни непогоди, до „организирање помош“ од лице место. Фото: Гугл; колаж: Вистиномер

Контраспин: Парадирањето на Груевски е непочитување на системот

Од систем против елементарни непогоди, до „организирање помош“ од лице место. Фото: Гугл; колаж: Вистиномер
Од систем против елементарни непогоди, до „организирање помош“ од лице место. Фото: Гугл; колаж: Вистиномер

Две работи се неспорни. Во РМ законски и во пракса постои СИСТЕМ за справување со кризи со институции во кои работат над 600 луѓе. Парадирањето и командите на Груевски врз институциите од тој СИСТЕМ, како и самата состојба на терен, покажуваат дека системот не е до крај функционален, за што пак, одговорност има и самиот Груевски, кој како претседател на влада во десетгодишен период имал обврска да се грижи и за оваа работа

 

Пишува: Теофил Блажевски

Еден ден по катастрофата што му се случи на Скопје и во која загинаа над 20 лица, Никола Груевски, во својство на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на терен во погодените подрачја, направи неколку извртувања на вистината, од кои тука ги издвојуваме следните:

Спинови:

(1) Значи луѓе тоа е, се наоѓате во тешка ситуација и сите ние се трудиме да помогнеме, едноставно треба да се издржи ова време. Денеска Владата имаше состанок и донесоа одлуки да се помогне. Но, не може итно да се помогне, во секунда. Дури за тоа што треба итно да се помогне пак ќе треба време, организација, проценки да се направат хитни, итн.

(2) Во контакт ли си со градежните фирми? (Прашање упатено до директорот на Агенција за патишта)…Не, најважен не е автопатот, тој ќе се среди понатаму, тој не е приоритетен…, за механизација за чистење на дворовите, бидејќи војска ќе дојде, но тие имаат само обичен алат…градежни фирми ни требаат со механизација да го извлечат сметот, како се вика тоа…

(3)  Груевски: Здраво Шабан (Шабан Салиу, директор на ДЗС)…

Салиу: Здраво Претседателе, значи имам околу дваесет и три камиона обезбедено, негде околу 15 багери, големи….

Груевски: Шабан, дали се распределени? Дали имаат прецизно команда каде да одат и што да прават? Шабан, дали добија прецизни приоритети каде да се упатат?

Салиу: Е немаме прецизни приоритети, а веќе се движат на таа страна.

Груевски: (Му се обраќа на Никола Тодоров – вицепремиер, а во присуство на Емил Димитриев – премиер) Собирајте се на Влада, оти џабе што собрал ако нема прецизни приоритети…ОК Шабан, во 9 саат има седница на Влада…И уште една работа Шабан, собирате ли мобилизирате ли луѓе преку Дирекцијата за спасување…Ок Шабан, колку луѓе сабајле ќе имате мобилизирано?

Салиу: Сабајле ќе имаме најмалку 120-130, со пумпи, со сите работи.

Груевски: Не може ли повеќе?

Салиу: Moже, може, може, ќе направиме.

Груевски:(се смее) Е, па, ако може повеќе, направите…На Нино си му рекол 150.

Салиу: Можам, можам, можам.

Груевски: Значи Шабан, гледај најмалку 150 , ако можеш и повеќе, тоа е прво. Второ, многу е важно откако ќе ги соберете да им дадете алат и прецизни инструкција, прецизна команда што и каде да прават.

Салиу: На кои места, некој од таму да не насочи…

[Извор: Канал 5 – Вести, Датум: 07.08.2016]

 

Контраспин: Во еден деспин ќе ги демаскираме овие извртувања на вистината кои пред камери, во манир на one man show, ги правеше Никола Груевски доцна попладнето и вечерта на 7. август, 2016, по трагедијата што ги снајде луѓето во ноќта на 6-ти спрема 7-ми август во приградските населби на Скопје, при што загинаа најмалку 21 лице.

Груевски таму се упати откако заедно со премиерот Емил Димитриев се вратија во земјата прекинувајќи ги одморите – првиот во Турција, вториот во Црна Гора. Во присуство на Димитриев, вицепремиерот Никола Тодоров, министерот за внатрешни работи Митко Чавков, градоначалниците на Скопје и на Гази Баба, директори на агенции и јавни претпријатија, Груевски, како што напиша еден портал, се однесуваше и како врховен командат, премиер и како претседател на држава, но таа оценка е споделена и од други новинари и редакции во текстови со наслов Само одговорноста за последиците од поплавите е одвоена од државата, Наместо одговорност политички маркетинг или Дојдов, видов, наредив и се сликав, а негативно реагираше и пошироката јавност.

Kontraspin - foto Vistinomer

 

ЦУК И ДЗС ПОСТОЈАТ НАД 10 ГОДИНИ

За да го објасниме спинувањето на Никола Груевски, најнапред кусо запознавање со кризниот менаџмент во Република Македонија. Имено, во државата постои СИСТЕМ за справување со кризи, во кој основна активност лежи врз две клучни институции задолжени за тоа, со преку 600 вработени.

Клучни закони, базирани врз уставни обврски, се два закона. Едниот е Закон за управување со кризи, а другиот е Закон за заштита и спасување. Врз основа на овие два закона, во 2005 година, најнапред е формирана Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), а некој месец подоцна и Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Со овие закони и институции требаше да се осовремени и унапреди поранешниот систем за кризи, заштита и спасување кој почиваше на Територијалната одбрана и Цивилната заштита, за кои најодговорна институција беше Министерството за одбрана, во соработката со Министерството за внатрешни работи и сите други надлежни министерства, управи, агенции, и т.н.

Поедноставен приказ на овие две институции и надлежностите делегирани со закон би бил дека ЦУК е нешто како поглавно тело и има улога на проценка, планирање и менаџмент со кризната состојба, додека  ДЗС е главното оперативно тело, кое треба да ја има механизацијата, материјалните резерви, тимовите за брз одговор, но, исто така, планирање, проценки и справување со кризна состојба во даден момент.

Овие две институции работат врз законски и подзаконски акти. ЦУК врз основа на матичниот закон има управувачки комитет за кризи, плус Главен штаб, а работата на ДСЗ е поделена секторски по вертикала и таа ги има планирањето, проценките, ресурсите, вклучувајќи ги и луѓето со кои треба да командуваат оние од Главниот штаб.

 

УШТЕ ВО 2007 Е ПРОЦЕНЕТА ОПАСНОСТА ОД ПОПЛАВИТЕ

Основни два други документи, покрај законските, се Проценка за загрозеноста на Република Македонија од природни и други несреќи и Национална стратегија за заштита и спасување.

Во Проценката, која патем е документ од 2007 година, значи од пред 9 години, во делот за поплави на стр. 17, се наведува:

…Врз основа на претходно наведеното, може да се заклучи дека преземените инфраструктурни мерки и активности во однос на заштитата од поплави не се доволни и не обезбедуваат ефикасна заштита од поплавите кои секоја година во помал или поголем обем ја зафаќаат Република Македонија. Во РМ не постои целосно изграден систем за заштита и спасување од поплави (целосна регулација на водотеците и реките…целосно уредени порои, планови за заштита и спасување од поплави во сите подрачја….)

Водостопанските објекти во Републиката недоволно и несоодветно се оддржуваат, што претставува голема пречка во ефикасноста…во заштитата и спасувањето од поплавите.

Трансформацијата на јавните водостопански претпријатија ја влошија и така лошата состојба на системите за одводнување…. Системите не се во функционална состојба, така што и при појава на врнежи од помал обем, водата се излева и поплавува.

Дополнителен проблем претставува децентрализацијата на власта и профункционирањето на локалната самоуправа во однос на надлежностите со стопанисување со водостапанските ресурси…. (Проценка….стр. 17)

Веројатно базирано и врз наодите во оваа проценка, во Националната стратегијата за заштита и спасување во периодот 2014-2018, што ја усвои Собранието на РМ, се наведуваат и следниве приоритети во донесување и усовршување на мерките за спасување:

Заштита и спасување од поплави

Во оваа мерка посебно ќе се организираат и подготвуваат:

– заштита и спасување од поплави од природни водотеци и

– заштита и спасување од поплави од рушење на брани на вештачки акумулации

Во истиот документ во главата за Утврдување на стратешки среднорочни цели, на почетокот, под наслов Состојбата со заштитата и спасување, се наведува:

Во изминатиот период вложувањето во заштитата и спасувањето беше под реалните потреби, поради што системот за заштита и спасување не е во можност да го следи трендот на развој и осовременување. Ваквите состојби негативно се рефлектираа во спроведувањето на мерките и активностите за спречување на настанувањето на природните непогоди и други несреќи и ефикасно справување со последиците предизвикани од истите.

 Во Стратегијата се наведени прецизно и ОРГАНИЗИРАЊЕ НА ДЕЈСТВА, АКТИВНОСТИ И ПОСТАПКИ ОД ПРЕВЕНТИВЕН И ОПЕРАТИВЕН КАРАКТЕР кои ги спроведуваат органите и институциите, при што во делот за поплави, точно е утврдено кој е носител на активностите, во соработка со кои институции и органи:

Заштита и спасување од поплави

Дирекција за заштита и спасување како носител во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за транспорт и врски, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за животна средина и просторно планирање, Центарот за управување со кризи, Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Управата за хидрометеоролошки работи, единиците на локалната самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установи и служби.

 

ДРЖАВАТА МОРА ДА ИМА ОБРОЦИ ЗА 5000 ЛИЦА ЗА 30 ДЕНА

Покрај основните закони и стратешки документи, постојат повеќе десетици подзаконски акти, уредби, правилници, упатства, интерни акти какви што се стандардно-оперативните процедури за разни типови активности и постапки при несреќи и акции за спасувања…

Со нив, меѓу другото, прецизно е регулирано и кој командува и кој ги собира тимовите за брз одговор, (разговорот меѓу Груевски и Салиу), но и колкави треба да бидат материјалните и резервите во храна што задолжително треба да ги имаат институциите, во овој случај претпоставуваме ДСЗ, а не Црвен Крст, со чии претставници Груевски пред камери се натегаше колку оброци можат да подготват и што ќе содржеле оброците. Еве што вели еден таков подзаконски акт, наречен Уредба за видот и обемот на материјалните средства за заштита и спасување:

Член 2

Видот на потребните средства кои треба да се обезбедат како резерви на материјални средства за настраданото население е:

– прехранбени производи (житарици, компир, грав, сол, шеќер, масло за јадење, храна од животинско потекло, млеко и млечни производи),

– прибор за јадење (порција, нож, виљушка),

– лекови и медицински потрошен материјал,

– средства за одржување на хигена (хигенско санитетски комплети),

– средства за престој и сместување (шатори, вреќи за спиење, ќебиња и перници) и

– садови за вода (канистри и помали садови).

 

Член 3

Распоредувањето на средствата од член 2 на оваа уредба ќе се врши по човек и семејство во количина или обем како следи:

– прехранбени артикли по човек во висина не помалку од 2100 ккал,

– еден прибор за исхрана по човек,

– еден семеен пакет за одржување на лична хигена за еден месец,

– еден шатор за сместување со капацитет од 4 – 12 лица за едно семејство,

– по едно ќебе, вреќа за спиење и перница за едно лице,

– лекови според потребите утврдени од здравствена служба,

– садови за вода по еден канистер за семејство и

– нафтени деривати според извршена проценка на потребите.

 

Член 4

Резервите од материјалните средства од членот 2 на оваа уредба се обезбедуваат за загрозено население од 5.000 лица за времетраење од 30 дена од настанувањето на непогодата.

Како што може да се види од документот донесен уште во 2006 година од претходната Влада, не онаа на Груевски, државата донела Уредба во која прецизно се наведени стандардите и потребите од материјални резерви и тоа, од бројот на калориите на оброците, до бројот од 5.000 лица за 30 дена или приближно обезбедени и готови во постојана резерва 450 илјади оброци! Зошто Црвениот крст или ДЗС или друга институција или орган не ја исполниле оваа обврска предвидена со подзаконски акт, не е јасно.

 

СИСТЕМОТ Е ДЕЛУМНО НЕЕФИКАСЕН

Но, како што може да се види не само од овој документ, туку и од другите што ги посочивме тука за пример, сосема се јасни две работи:  Во РМ законски и во пракса постои СИСТЕМ за справување со кризи, со институции во кои работат над 600 луѓе. Парадирањето и командите на Груевски врз институциите од тој СИСТЕМ, како и самата состојба на терен, покажуваат дека системот не е до крај функционален, за што пак, одговорност има и самиот Груевски, кој како претседател на влада во десетгодишен период имал обврска да се грижи и за оваа работа. При тоа не ги негираме и проценките и коментарите во јавноста за невкусниот политички маркетинг во моменти на национална трагедија.

Па, така, врз основа на погоре изнесеното, може да се констатира дека изјавите на Груевски дадени на 07.08.2016 во кризното подрачје, а кои се наведени на почетокот на текстот, се спинови односно извртување на вистината, зашто, ниту голем дел од тоа што го зборува е точно, ниту, пак, тој е во состојба да направи стручна проценка без претходно севкупно да биде согледана и проценета состојбата од институциите, ниту, пак, по Устав и законите, тој може да си дозволи какви било командни активности врз институциите или органите на управување со тие институции (Шабан Салиу, Црвен крст, Началник на Генералшатаб на АРМ, и.т.н.).

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NEDNational Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Check Also

Дел од поранешното раководство на УЈП на прослава на 22 години од формирањето на Управата. Фото: Веб страна на УЈП

АНАЛИЗА: Што покажа ревизијата – како работела УЈП?

Наодите што ги објави Државниот ревизор за работата на Управата за јавни приходи во 2016 …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *