uhmrlogo

Катастрофална поплава во катастрофална држава: (Не)одговорноста на УХМР

Катастрофалната поплава во Скопје ја откри катастрофалната состојба на државните институции кои се надлежни за предупредување, спречување и справување со поплави. Речиси да нема државна институција која не потфрли во врска со поплавата. Во овој серијал од написи ќе посочиме на (не)одговорноста на сите државни институции кои се надлежни за предупредување, превенирање и справување со катастрофата.

Општ е впечатокот дека потфрлија институциите кои ги плаќаме да не предупредат за можни поплави и големи врнежи. Една од тие институции е Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) која се рекламира со слоганот „Секогаш пред времето“ . Но, УХМР не го предвиде навреме невремето и не ги предупреди навреме граѓаните за опасностите. Дури и откако силното невреме започна, немаше вклучено соодветен „аларм“ во јавноста кој би предупредил на невреме со толку катастрофални последици.

Соопштенијата на УХМР се стручни и неразбирливи за пошироката јавност која не се разбира од временски прогнози. Но, и директорот на Управата за хидрометеоролошки работи не се разбира од временски прогнози затоа што не е метеоролог, туку политиколог. Единствената негова врска со метеорологијата е што за директор на Управата за хидрометеоролошки работи го поставиле од партијата „ГРОМ“. Дали бил избран по „принципот“: „Ајде овој од ГРОМ ќе го поставиме да брои громови“?peti

Во временската прогноза потпишана од директорот на УХМР Оливер Ромевски во петокот на 05.08.2016 нема никакво предупредување за големо невреме во сабота, а се посочува дека „поизразена нестабилност се очекува во недела“. Оваа временска прогноза не им помогна, туку им одмогна на граѓаните кои патуваат во сабота со цел да го избегнат поголемото невреме во недела.

Исто така, во вонредната временска прогноза, објавена во саботата (06.08.2016) во 20.30 часот – „ЗА ИНТЕНЗИВНА НЕСТАБИЛНОСТ ВО ФОРМА НА НЕВРЕМЕ“ никаде не се предупредува за катастрофа во Скопје која може да предизвика поплави и загрозување на животи: „Во западните и југозападните делови од Скопскиот регион беше нестабилно со грмежи и засилен северен ветер кој на моменти достигнуваше брзина до 72 км/час. Вториот бран на нестабилност во форма на долготрајно невреме ја зафати Скопската котлина . Невремето беше проследено со силен пороен дожд, силни електрични празнења како и засилен на моменти и силен ветер кој достигнуваше брзина од 72 до 80 км/час. До 20 часот најмногу дожд наврна во Скопската котлона 33 л/м2, потоа 16 Пожаране, 3 Тетово , 2 Тополчании 1 во Охрид, а во Маврово се измерени 18 л/м2 воден талог до 17 часот. Во текот на ноќта ќе се задржи нестабилно со локален пороен дожд со променлив интензитет, грмежи и засилен ветер. Процесите во западните делови ќе бидат поинтензитет. Во Скопската котлина во моментов сеуште е нестабилно со пороен дожд кој на моменти е интензивен, проследен со електрични празнења и ветер. И во текот на ноќта ќе се задржи нестабилно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер.“

Отпосле, политикологот од партијата „ГРОМ“ зборуваше дека на Скопје му се случила некаква „водена бомба“ која воопшто не беше предвидена од неговата институција. Исто така, директорот од партијата „ГРОМ“ ја префрлаше одговорноста во јавноста на моделот за предвидување што го користеле во УХМР, а кој го купил директор на СДСМ во 2005 година: „колку го бива се виде за голема жал на 6-ти“. Но, ако моделот за предвидување стар 11 години не го бидувало, зошто УХМР продолжила да го користи цели 11 години, и кој треба да одговара за тоа?

Во информацијата за „Катастрофалното невреме кое го погоди скопското подрачје на ден 6 август 2016 г.“ од страна на УХМР (објавена на 8-ми август) стручно се објаснува зошто не била предвидена катастрофата: „Иако, во набљудувачкиот систем на УХМР овој процес се покажуваше како поизразена атмосферска нестабилност карактеристична за овој период, многу тешко можеше да се предвиди како ќе еволуира овој систем кој во својата позадина создавал конвективни келии, кои имаа изразени бурни процеси во многу мала временска рамка, кои допринесоа за катастрофално временско влијание. Токму ваков организиран деструктивен систем (како своевиден атмосферски феномен), со огромна енергија, вертикални движења и водена маса беше за многу кратко време формиран. Овој метеоролошки феномен се манифестираше во линија во Скопската котлина која се протегаше од Арачиново до Скопска Црна Гора и опстојуваше неколку часа со континурано регенерирање и формирање на неколку олујни жаришта, иако според патеката на движење прогнозата покажуваше дека треба да помине во краток рок . Најголемото деструктивно влијание со интензивни поројни врнежи (93 мм за само 3 часови) и силни молњи предизвика несакани последици, со поројни поплави во централниот и рурален дел на Градското подрачје, со загуба на човечки животи и предизвикување на материјални штети.“

На 8 август УХМР соопшти дека „Според податоците на 6ти август 2016 регистрираниот рекорден интензитет е со веројатност за ваква појава 0,1% или ЕДНАШ ВО ИЛЈАДА ГОДИНИ!“, информација што беше сензационалистички искористена од провладините медиуми во пропагандни цели. На фејсбук страницата на УХМР граѓани побараа „Ако може некој стварно да го напише методот, како сте стигнале до бројката еднаш во илјада години“, но не беше даден никаков одговор за научните методи со кои е пресметана ваква веројатност.

Дури и да е приближно точна оваа информација за веројатноста на „регистрираниот рекорден интензитет“ (за што има многу сомнеж), истата повеќе говори за тоа дека УХМР не е „секогаш пред времето“, туку во случајов – дека е по времето!

Токму затоа, под итно треба да се бара не само промена на слоганот на УХМР „секогаш пред времето“, туку и промена на раководството кое не презеде никаква одговорност за катастрофалното потфрлање во предвидувањето на катастрофата, за несоодветен однос за време на катастрофата, и за пропагандистичко дејствување по катастрофата.

Check Also

vlada-rm-860x680

МРТ ги прекршила професионалните принципи за сеопфатно информирање, оцени Владата

Владата на денешната седница ја утврдила предлог – одлука за усвојување на годишната програма за …