fak

На лагата ѝ се кратки нозете: особено со едноставно објаснување на сложена материја

fak

Куп податоци прикажани на јасен и едноставен начин се моќно оружје против манипулациите. Фото: Собрание на РМ и СПФМ

Споредбеното и табеларно прикажување на промените со посочување на недоследностите во прераспределбата на средствата погледнато низ призмата на основното образложение за пристапување кон ребаланс, може да ѝ помогне на јавноста во разбирањето на ситуацијата

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт по човекови права

Ребалансот на Буџетот на државата секогаш е атрактивна тема за медиумите. Заради фактот дека станува збор за трошење на парите на граѓаните, потребата од максимална транспарентност, можноста за злоупотреба, можноста да биде поддржана власта и нејзините активности, или да бидат проблематизирани овие активности.

Кога станува збор за специфичен ребаланс на буџетот поврзан со конкретна ситуација во која треба да се изврши наменско преструктуирање на средствата, овој интерес станува уште поголем и позначаен. Имено, во ваква ситуација полесно може да се види изигрувањето на наведените причини за ребаланс и да се следи одливот на парите.

Таква е ситуацијата и со најновиот ребаланс на буџетот на Република Македонија најaвен за септември 2016 кој и во најавите и во образложението дадено од страна на Владата се прави со цел да се обезбедат доволно средства потребни за санирање на штетите од поројниот дожд од 6.08.2016 година (Димитриев ќе предложи ребаланс на буџетот за да се обештетат засегнатите од поплавата,Владата ќе прави ребаланс на Буџетот за обештетување на поплавените ).

Со образложение дека се потребни пари за отштета на граѓаните по основ на поплавите, а само неполн месец откако Владата на странските пазари позајми 450 милиони евра преку издавање на Еврообврзница – се скрои нов, ребалансиран Буџет.

Набрзо се очекува комисиска расправа во однос на предлог – ребалансот на Буџетот кој веќе е доставен во Собранието. Во него Владата бара дополнителни 36,4 милиони евра кои треба да се искористат за санирање на штетите во поплавените подрачја. Предлог-ребалансот на буџетот го најави премиерот Емил Димитриев е со цел целосно да се обесштетат граѓаните од поплавените подрачја, а дел од парите ќе се обезбедат од кредити.

Премиерот вели дека Владата ќе му предложи на Собранието ребаланс на Буџетот со кој ќе се обезбедат две милијарди денари за обештетување на поплавените семејства.

Дел од медиумите се задоволуваат со пренесување на информацијата за најаваениот ребаланс на буџетот и реакциите на спротиставените партии во врска со оваа најава (Ребалансот на Буџетот во собраниска процедура). Дел од медиумите искажуваат отворено сомневање дека ребалансот на буџетот воопшто не е поврзан со потребата од интервенција во врска со штетите предизвикани од поројниот дожд на 6.08.2016 година (Ребаланс за поплавените, но и за друго).

Меѓутоа, треба да се истакне дека значаен број медиуми прават солидни анализи на предложениот ребаланс и свртуваат внимание на промените кои не соодветствуваат на образложението дадено во предлогот доставен од страна на Владата. Во дел од медиумите  е направена/пренесена и суштинска анализа на проблемот низ перспективата на транспарентноста на трошењето на парите предвидени за вакви ситуации и направена е врска со промените кои се правеле на оваа ствка во претходните години (Буџетот бил пресушен и без поплаваПАРИТЕ СО РЕБАЛАНСОТ ДА СЕ ТРОШАТ САМО ЗА ШТЕТИТЕ ОД ПОПЛАВИТЕ, НОВ БУЏЕТСКИ КОЛАЧ: Дали поплавите ги потопија владините политики?).

Економските аналитичари предупредуваат дека ставките во буџетот се нетранспарентни и од јавните документи не може точно да се види за што се трошат парите наменети за „резерва“.

Некои од медиумите дури навлегуваат и во детална анализа и поставуваат низа прашања поврзани со промените во конкретни буџетски ставки:

Она што изненадува е и зошто расте ставката за плати и надоместоци, и тоа за 212 илјади евра, иако ребалансот се носи заради санирање на штетите од поплавите. Другите расходни ставки се благо намалени, односно кај субвенциите и трансферите падот е за 110 илјади евра, а кај социјалните трансфери има намалување за 122 илјади евра.

Многу добро е прашањето поставено во врска со основата врз која се прави ребалансот на буџетот:

Дел од економистите забележуваат дека ребалансот се прави во време кога се’ уште не е до крај јасно колкави се штетите од поплавите

Ваквиот пристап на медиумите ѝ овозможува на јавноста да добие појасна и поцелосна слика за трошењето на парите на граѓаните, но и да обезбеди таков вид на видливост кој создава услови за контрола и повикување на одговорност.

Пристапот може понатаму да се развие и надгради со обид за поедноставување и објаснување на во принцип сложената материја. Имено, затрупувањето на јавноста со бројки без да се објасни нивното значење и да се постават јасни релации со материјата за која станува збор може да биде контрапродуктивно и да ја затскрие основната информација/порака која се пласира со конкретната анализа.

Посебно значајно е прашањето за начинот на кој се определува потребната сума (што е спомнато во многу мал дел од медиумите и на многу спорадичен начин). Имено, за да се направи предлог за одредени издвојувања, треба да се има барем првична процена која би ја определила рамката во која треба да се движат издвојувањата и секако ставките кон кои се врши пренамената на средствата.

Споредбеното и табеларно прикажување на промените со посочување на недоследностите во прераспределбата на средствата погледнато низ призмата на основното образложение за пристапување кон ребаланс, може да ѝ помогне на јавноста во разбирањето на ситуацијата.

На пример:

Еве, јас како граѓанин навистина би сакала да знам, каква врска имааат поплавите изнаоѓањето средства за надоместок на штетите на граѓаните со Државниот архив на Република Македонија, или со Агенцијата за иселеништво, или со Дирекцијата за безбедност и класификација на информации, или со …

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Check Also

ademi

Илинден: И слобода и живот

Неколку дена ми требаа да ги средам впечатоците од прославата на 2 август во Крушево …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *