ivan1

На прославата за независноста Иванов жестоко ја искритикува власта, заборавајќи дека е дел од неа

Вчерашниот свечен говор на Иванов по повод 25 години од независноста на Република Македонија се темелеше на куп претпоставки, некои сосема погрешни, а некои не. Да се обидеме да ги експлицираме.

ivan На пример, инсистирањето на Иванов, „неопходно е Македонија да направи стратегиско свртување кон внатре“ содржи неоснована претпоставка дека Македонија во минатото била свртена кон надвор. Но, Македонија последниве 10 години беше свртена токму кон внатре. Најголем показател за тоа е капиталниот (и капиталистички) проект „Скопје 2014“ кој сигурно ќе достигне една милијарда евра.

Додека „малиот диктатор“ Никола Груевски во јавноста се рекламираше како голем градител на нов национален идентитет и нова историја, неизбројани милиони евра од капиталниот проект „Скопје 2014“ завршија во капиталистички џебови и кај „уметници“ и градители/грабители блиски до врхушката на власт.

Македонија остана „слепо црево“ на Балканот и во енергетска и во сообраќајна, и во политичка смисла, токму поради одлуката да се „инвестира“ во  создавање нова историја и нов национален „имиџ“. Се разбира, зад наводната „инвестиција“ во „Скопје 2014“ не стојат никакви патриотски мотиви и национални интереси. Стојат лични фрустрации и финансиски интереси на „малиот диктатор“, но голем профитер од „Скопје 2014“, кој го претвори Скопје во меѓународна некропола на кичот и корупцијата.

ivan1

Се разбира, во говорот на Иванов имаше и основани претпоставки. На пример, повикот на Иванов „ние самите треба да си ги отвориме 34-те поглавја, и ние самите треба да си ги исполниме критериумите за членство во Унијата“ содржи признание дека во последниве 10 години не сме ги исполнувале критериумите. И изјавата „неопходно е да ги зацврстуваме институциите, да го реформираме судството, образованието…“ содржи признание дека институциите не се баш цврсти, а дека долгогодишните реформи во судството и образованието биле неуспешни.

Погледнете само на какви претпоставки се темели следнава критичка изјава на Иванов:

„По изборите, новата влада, но и сите ние заедно ќе треба напорно да работиме за релаксирање, наместо заострување на односите во општеството. За враќање на културата на дијалог и на компромис во политиката.“

Ако треба „враќање на културата на дијалог и на компромис во политиката“, тоа значи дека сега ги нема. Зарем не е ова имплицитно обвинување од Иванов на старата влада дека ги заострувала односите во општеството и дека ја уништила културата на дијалог и компромис во политиката?

Во следнава изјава Иванов имплицитно критикува за неуспешност, „политизација и партизација“:  „Треба да ја градиме Македонија како држава на успешните. Како општество поштедено од политизација и партизација, во кое политичките битки ќе се водат во институциите, а не на улиците.“

Зарем не е ова имплицитно обвинување за неуспешно градење на Македонија (како држава на неуспешните) и како поделено општество во кое политичките битки не се водат во киднапираните институции?

Во својот говор, Иванов ја критикува лојалноста кон партијата, наместо кон државата залагајќи се за „општество во кое врвна вредност ќе биде лојалноста кон државата и нејзините институции, а не кон партијата“ и „лојалност кон сограѓаните, а не кон сопартијците.“

И погорната изјава содржи жестока критика кон старата власт која промовирала погрешни вредности, како што е „лојалноста кон партијата“. Но, дали Иванов беше лојален кон својата држава и сограѓаните, или пак кон партијата што го донесе на власт кога се обиде да ги помилува партиските челници Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и останатите осомничени за изборен и друг криминал?

Реакции на публиката при обраќањето на Иванов

Во својот говор Иванов се залага за држава со „здрава и зрела политичка елита“, во која „власта ќе ги прифаќа конструктивните предлози на опозицијата“, а „опозицијата ќе ги поддржува добрите политики на власта“. Што да се каже на ова, освен: Фала ти „Џорџе“ што ја обвини нездравата и незрела политичка елита која те доведе на власт и опозицијата која не ги прифати твоите добри политики за аболицирање на изборните и други криминалци.

Додека Иванов се залагаше за „медиуми кои ќе го вратат и ќе го чуваат достоинството на новинарската професија и пристојноста во јавниот простор“, медиумите контролирани од партијата која го доведе на власт не прекинаа да блујат омраза кон опозицијата и критичарите на власта. Додека Иванов во свечената сала на „Стариот-нов театар“ од 37.8 милиони евра се залагаше за „медиуми кои ќе бидат совест на општеството“, полицијата на неколку стотини метри ги спречуваше медиумите и граѓаните, за да не го снимаат извлекувањето на фекалиите од големата поплавена дупка спроти МНР и ФДУ (кои заедно чинат над 45 милиони евра). Како медиумите да бидат совест на општеството кога совеста на „куртон-медиумите“ е (пот)купена со владини реклами од наши пари, или пак е пикната во шише, или е сокриена во фиока заедно со кривична пријава која може за миг да се активира?

Иванов се залага за „Судство кое ќе дели правда втемелена врз утврдената вистина“. Уште едно имплицитно признание дека судството ни дели неправда, врз основа на невистини.

Иванов се залага за „општество во кое родителите ќе им овозможат безбедна иднина на своите деца, тука, во Македонија“ и „држава во која ќе се создадат услови за да запре процесот на иселување на младите.“ Уште едно имплицитно признание на Иванов дека во македонското општество родителите не можат да им овозможат безбедна иднина на своите деца, тука, во Македонија.

Ако Иванов се залага за „држава во која ќе се создадат услови за да запре процесот на иселување на младите“, тогаш фактички признава дека државата на која е тој претседател не создала услови за да запре процесот на иселување на младите.

Само последниве признанија се доволни за Иванов да си поднесе оставка како претседател на државата во која родителите не можат да им овозможат безбедна иднина на своите деца, тука, во Македонија и која не создала услови за да запре процесот на иселување на младите.

Токму Иванов, во својот говор, повика на „одговорност што е конкретна и лична, а не општа и безлична“. И ќе го држиме за збор. Ќе бараме конкретна и лична одговорност од Иванов за тоа што по 7 години како претседател не создал држава во која родителите ќе можат да им овозможат безбедна иднина на своите деца.

Жарко Трајаноски

Check Also

dupka

Хром: Проблеми со канализација, водата, струјата

Жителите на Хром се жалат на проблеми со канализацијата која поради слабиот капацитет истекува во …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *