sud

Дали е неопходна декласификацијата на тајните докази во оваа фаза?

По јавното конфронтирање на Основниот суд Скопје 1 и Специјалното јавно обвинителство околу декласификација на доказите во предметите кои завршија со обвинителни акти пред судот, се отвори дилемата зошто судот повикува на декласификација, а зошто СЈО тоа го смета за штетен процес?

Се започна кога судијката Лидија Петровска го врати досието за седумтемина обвинети од УБК за уништување на докази затоа што проценила дека обвинителниот акт не може да влезе во судска постапка оти класифицираните докази не им е симната назнаката „тајно“ за да може судот да постапува. Од СЈО пак, експресно го испратија предметот назад во судот со објаснување дека со декласификација доказите би станале информација јавно достапна.

-Не постојат законски пречки судската служба да евидентира и прима класифицирани информации, како што постојат пак, законски обврски секој орган што работи со класифицирани информации да обезбеди административни и човечки ресурси за работа со ваков вид информации. Во конкретниот случај не е побарана декласификација на доказите затоа што тие би станале информација до која сите би имале пристап, а со оглед дека се работи за докази кои се поврзани со внатрешната организација и правилата на работење на Управата за безбедност и контраразузнавање и МВР, со актот на декласификација би можеле да настанат штетни последици,  велат во СЈО.

img_lokacija

Од друга страна судот има поинаков став и смета дека СЈО прави процедурални грешки.

-Тоа што судот го побара од СЈО да достави акт за декласификација, е обврска и должност на СЈО како државен орган кој располагал и ја користел ваквата документација и претставува нивна одговорност кога истата ја пуштаат во правен промет за потребите на кривичната постапка, со степен на класификација која би можела да се користи во судска постапка, а од аспект на државна тајна, заштита на државата и пред се заштита на човековите права и слободи, бидејќи постапката се иницира од нивна страна, напиша судот во реакцијата.

Но, дали судот имал ваква претходна практика и во други предмети? Дали во познатите судски процеси како „Монструм“, „Шпион“ или „Пуч“ имало декласификација на докази? Претседателот на судот, Владимир Панчевски тврди дека тоа е направено во конкретните судски предмети и тоа од страна на самото Јавно обвинителство, уште пред да се поднесат обвинителните акти.

-И по закон и по правилник треба да се направи таквата декласификација затоа што е важна судската постапка. Ние пред 2013-та го правевме тоа, но со новиот Закон за кривична постапка докази собира обвинителот и тој ја има таквата обврска околу декласификацијата. Во судот има сетификати за класифицирани информации, но може да се појават обвинети или сведоци кои немаат безбедносен сертификат, затоа е така. Во членот 59 од Законот за класифицирани информации, а во врска со членот 16, јасно е наведено дека во случај на судска постапка задолжително мора да се обезбеди согласност од создавачот на информацијата за ослободување од обврската за чување на тајноста на класифицираната информација, во случајов создавач е МВР, коментира Панчевски.

Некои адвокати не гледаат причина за спор меѓу судот и СЈО затоа што во судската пракса потојат далеку повеќе предмети кога доказите биле декласифицирани за време на суските процеси, односно и по започнување на рочиштата, отколку пред да бидат поднесени обвинителните акти, како што сега инсистира судот. За Ване Андреев, адвокат во „Пуч“ реакцијата на судот да го врати предметот е непотребна.

-Во процесот „Пуч“, за да можат да се користат, некои докази мораше да се декласифицират, но тоа не се направи наеднаш, како што сега се бара, ниту пак судот некогаш реагирал ако обвинителството тоа не го направило. Знам за многу случаи во кои и судот сам барал од МВР да се симне тајноста на документите за да може да се изведат како доказ. За „Шпион“ знам дека имавме и тајни седници со исклучена јавност за да зборуваме за овие докази и знам дека еден по еден се декласифицираа и дека и судот учествуваше во тоа, не само обвинителството. На крајот, сум имал случаи каде судењата биле започнати, биле одржани по 5 или 10 расправи, па дури потоа се декласифицирале докази. Затоа кажав дека оваа игра на судот му е непотребна“- коментира Андреев.

Ако Панчевски како претседател на судот го поддржува ставот на судијката Петровска дека е неопходна декласификација и ако тоа го аргументират со законски одредби тогаш тешко дека позитивно ќе биде одговорено на барањето на СЈО за изземање на судијката од предметот во кој се обвинети високи функционери од УБК предводени од Горан Грујевски, иако токму ексдиректорот на УБК, Мијалков,  на аудио снимките зборува како ги избирале судиите со негово влијание, па ја споменува и Петровска.

Ова е само почеток. Како што ќе се нижат обвинителните акти и како ќе се наближуваат судските процеси за високи преставници на власта, така битката меѓу СЈО и судот ќе се интензивира. Токму затоа многу пати до сега беше отворано прашањето за специјален суд или избор на специјали судии, за да може ваквите процедурални пропусти или сопки да не се користат во постапките, односно сите да имаат цел што побрзо да се стигне до пресуда, секако, во законска постапка.

Љубиша АРСИЌ

Фокус

Check Also

dupka

Хром: Проблеми со канализација, водата, струјата

Жителите на Хром се жалат на проблеми со канализацијата која поради слабиот капацитет истекува во …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *