prilep2

Прилепските дуќани полни со роба, муштерии ни за лек

Познатата Стара прилепска чаршија ги доживува своите најтешки денови. Дуќаните полни со роба, муштерии ни за лек.

„Нема работа. Еве гледате и самите, денеска е сабота, пазарен ден, жив човек не влегува во дуќанов. 15 години работам трговија, ама вака не било. Секоја година е сѐ полошо и полошо. Летоска малку кренавме глава, кога беа дојдени на одмор иселениците и другите наши сограѓани кои се на привремена работа во странство. Сега пак по старо. Како ќе издржиме, навистина не знам да ви кажам. Тешко, многу тешко“, вели еден од прилепските дуќанџии чиј дуќан се наоѓа во срцето на Старата чаршија.

prilep2

Истата приказна ја раскажуваат и останатите дуќанџии. Велат, ако во пазарните денови уште и има некакво движење, во останатите денови е штама. Чаршијата зјае празна, нема ни обични минувачи, камоли пак некој да влези во дуќаните и да купи нешто. Најтешко им е на кираџиите кои во зависност од големината на дуќанот секој месец за кирија плаќаат од 300 до 600 евра. Заедно со другите трошоци, месечните давачки им се движат околу 1.000 евра, пари до кои тешко се доаѓа.

Чаршијата е најдобар барометар за стандардот на граѓаните. Се купува само тоа што мора, за другото, ако останат пари. А нив ги има сѐ помалку. Исто како што ги има помалку и прилепчани, особено младите луѓе, кои секојдневно го напуштаат градот и државата. Тоа, раскажуваат дуќанџиите, е сѐ повидливо од ден на ден.

Голем проблем за нив претставува и нелојалната конкуренција, сивата економија, која се случува пред очите на локалната власт. Прилепскиот пазар е преполн со тезги на кои се продава секаква гардероба, која заради неиздавањето фискални сметки, неплаќањето кирии и други трошоци, се продава по значително пониски цени од онаа во дуќаните. Според кажувањето на повеќемина дуќанџии, во споредба со минатата година прометот е опаднат во просек за 40%.

Тоа е причината што сѐ поголем број дуќани во самата чаршија континуирано се празнат и што сѐ почесто се среќаваат натписите „Дуќанот се издава“, „Дуќанот се продава“.

prilep3prilep1

Тоа е реалноста и најкратката приказна за економската (не)моќ на прилепчани. Само, којзнае дали истото го гледаат и градските татковци, кои преку „независните“ медиуми зборуваат за економски препород и инвестициски бум…кој го гледаат само тие и никој друг.

 

Зоран Милошески

Check Also

pravda

Кампања „Прав(д)а за сите“: Напаѓачите на ЛГБТИ луѓето да се изнесат пред суд!

Вчера, при одбележувањето на 17 мај, меѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *