lina

Ослободување на вистината

Конечно го имаме прототипот на македонскиот парламентарец, и на неговите гласноговорни поддржувачи. Не само во бројните примери од четиридневната јавна дискредитација на специјалната јавна обвинителка, туку и во настапот на Александар Пандов, бивш пратеник, сега невработен со „пасивна заработувачка“, како што самиот беше кажал во ТВ емисијата „Топ Тема“ во која имаше соговорници од калибарот на Ирена Цветковиќ и Павле Богоевски.  (https://www.youtube.com/watch?v=aSRRD1CaQbY)

Што покажа оваа емисија, во разобличената неинформираност, ад-хок споредбите и квази анализите на Пандов, наспроти аргументираноста на неговите соговорници, поткрепена со истражувачки резултати, познавање на законски одредби, регулативи и цитати од извештаи?  Соочен со двајцата слободоумни, автономни и по многу нешта различни соговорници, Пандов се исцрта себе си во вистинскиот формат на лесен и банален манипулатор на вистината. Без никаква намера да биде оцрнет, или нападнат, сосема спротивно од стилот на парламентарните стратегии на владеење на правото, во текот на целиот разговор тој беше соочуван со податоци од истражувања за чии институции /дури и владини, како „Институтот за демократија“/ не беше чул дека постојат, како што не го беше прочитал ни извештајот на СЈО, за чија работа покажа непомирлива одбивност и исклучивост, за да каже дека само повремено ја следел парламентарната комисија во распитот на Катица Јанева.  Како круна на сето тоа се лизна и призна, повторно без срам и свесност од последиците на таквиот свој испад, дека по изгледот ги избира и вреднува луѓето и нивните способности и квалитети. Ве потсеќа ли сето ова на нешто познато и веќе видено? И широко распространето и недопустливо срамно во нашево општество, за 21 првиот век – како гледаме на изборот на човек на било која позиција, денес?

И што би било, и колку шанси би имале тој/таа, колку би вределе, кога би биле во инвалидска количка, или „недајбоже“ геј? Тоа се веќе пресериозни прашања за една заедница, па нека е и нашата, кои мораат да се решат еднаш за секогаш, барем во јавниот простор, ако не и во нашите глави.

И така, познатиот ни лик на Пандов, на прв поглед безопасен, речиси добронамерен, со произволните, извртени и јавно искажани тези и проценки на нашите состојби, станува прототип на владеење на злото (лагата) со кое медиокритетите и подржувачите на божем демократијата, оддработуваат, во одбрана на сопствените позиции, кои само така и успеале да ги стекнат. Со фабрикување и промовирање на произволноста.

Но, опасноста не е тој самиот, затоа што веќе ги има многу и премногу, како него, меѓу нас. Опасноста е што ја создадовме почвата во која таквите лесно виреат, и што тоа што тие го говорат се прифаќа и добро се продава. Дозволивме да никнат полиња на фабрикување на лагата, без контрола и санкционирање, особено меѓу „учените“, и тоа во моментот е најголемото зло и закана, преку вистината, и по целиот наш развој и напредок.

Ете, колку сме сите заробени и колку страшно оддалечени од реалните теми и прашања… колку сме далеку од вистинскиот постоечки човек за чие право на еднакви можности за здрав и нормален живот божем се бориме и мораме да се избориме.

И кога сето ова ќе стане највисока вредност во највисокото законодавно тело во заедницата, парламентот, навистина сме го „обрале бостанот“. Ако погледнеме, нашиот парламентарец најчесто и не е посебно едуциран, ниту од било кого насочен да ги препознава и застапува интересите на граѓанинот и неговите права. Тој, напротив, од него се повеќе се дистанцира, можеби затоа што длабоко во себе го презира, и се плаши од него.

Во улогата на пратеник, тој знае дека е избран, не од народот туку од својот „газда“, и за тоа треба да му биде лојален и вечно благодарен. Затоа и не му треба да знае ништо повеќе од тоа да биде снаодлив и брз во исполнување на очекувања. Тој има своја, или веќе исцртана вистина и право, и тие ќе ги брани, ако треба и со сила, не за доброто на граѓанинот и заедницата, туку за да покаже колку умее да биде добар и послушен (тоа толку јасно го видовме во снимените разговори, што беше тешко да се поднесе). Со увежбани театрални настапи и неконтролирани изблици на насилство, без никаква друга цел освен дискредитација, подметнување и уцени кон неистомисленикот, тој ќе ја брани „вистината“, без било каква совест и свесност за реперкусиите на таквото однесување не само за заедницата, туку и за него самиот.

Затоа тој и не може да види, во обидите на јавна егзекуција на вистината, како се доживува вистинско фијаско пред аргументите. И не е свесен дека во која и улога да настапи, како пратеник, политичар, „експерт“, „новинар“, се разобличува во застапник на злото, на беззаконието и на криминалот врз македонскиот граѓанин.

Во таа смисла искуствата од изминатата недела за нас се нови и поучни. За нив треба да говориме и да ги анализираме, за конечно да го отвориме патот на човековото достоинство и право на различност,  и на интересот за заедницата за кои сме заборавиле дека постојат. Да ги вратиме на висинското место, во парламентот, за тој да почне да ги негува и штити.

Мораме да почнеме со разобличување на сите алатки, механизми и спреги на незнаењето, лагата, малограѓанштината и моќта, кои во моментот како плевел се раширија во сите сфери на општествената стварност. Мораме да го искорениме тој плевел во медиумите, во училиштата, на факултетите, насекаде,  инаку го изгубивме компасот.

Важно е да го видиме тоа, и да почнеме да ги препознаваме и враќаме работите на свое место, со моќта на вистинските аргументи и вредности наспроти вулгарно – инструментализираните тези и пакувања.

Мораме да почнеме со дистанцирање од своите лични инфериорности, да излеземе од стегите на зададените улоги и очекувања, и да создадеме нови отворени простори за професионалното, еснафското, аргументираното и фокусирано бавење со темите, со животните теми  – од изборот на вистинските луѓе на вистинските места, до откривање на вистинските интереси на човекот во заедницата, во која тој самиот мора да почувствува дека е важен и дека одлучува.

Во спротивно никогаш нема да се одлепиме од сопственото чувство на помала вредност, длабоко вкоренето во нашата научена послушност и исполнителност кон посилниот, и никогаш нема да си го вратиме достоинството, изгубено во компезациската глад по признанија, макар и лажни.

Лина Ќостарова Унковска

Check Also

Фото: Pixabay

АНАЛИЗА: Општини тонеле во долгови ама не запреле со нови вработувања!

Повеќе од 120 000 000 евра должат општините за неизмирани обврски кон добавувачи, кредити, долгорочни …

One comment

  1. Штета што г-ѓа Лина не пишува или не ги објавува почесто своите текстови.
    Задовослтво е да се читаат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *