sjo6

„Трезор“: СЈО бара изземање на судија, притвор за началник на УБК, одземање пасоши, и замрзнување сметки на „Финзи“

Од СЈО за „Мета“ велат дека со сигурност ќе поднесат жалба на одлуката за неопределување притвор на еден од осомничените во „Трезор“. Жалбата на СЈО треба да ја разгледува тричлен совет на Кривичниот суд, кој во рок од 48 часа треба да донесе одлука дали ќе го потврди решението на судијата на претходна постапка или ќе го прифати барањето на СЈО и ќе одреди притвор или, пак, ќе одреди некоја друга мерка.

Барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за определување мерки против четворицата осомничени во случајот „Трезор“ се распоредени кај тројца судии на претходна постапка, кои одлучуваат по предлозите на СЈО, појаснуваат за „Мета“ од Кривичниот суд.

Оттаму велат дека кај еден судија е предлогот за определување притвор за еден од осомничените во случајот (поранешен началик во Управата за безбедност и контраразузнавање по кој веќе е одлучено, односно, во петокот минатата недела, беше одбиено барањето на СЈО).

Друг судија на претходна постапка го добил барањето за определување мерки на претпазливост за тројца осомничени во „Трезор“, но СЈО побара негово изземање.

Трет судија, велат од Кривичен, треба да одлучи за барањето за замрзнување на сметките на фирмата „Финзи“, преку која одела набавката за опрема за УБК, со која осомничените, според СЈО, го оштетиле буџетот за околу 860.000 евра.

Специјалното јавно обвинителство во меѓувреме ја очекува и одлуката на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, во врска со барањето на СЈО за изземање на судијката што требаше да одлучува за мерките на претпазливост, односно одземањето на пасошите на тројца осомничени во „Трезор“, инаку поранешни високи функционери во УБК и во МВР.

СЈО, велат од обвинителството, бара изземање на судијката поради околности што упатуваат на сомнеж во нејзината непристраност. Поточно, деверот на судијката, односно братот на нејзиниот сопруг, работи за фирма која е во блиски деловни односи со фирмата „Финзи“.

Панчевски, според Законот за кривична постапка, има три дена да одлучи за изземањето на судијката. Од Кривичниот суд велат дека одлуката ќе биде позната најверојатно утре или најдоцна в среда.

Оттаму засега немаат информации кога третиот судија ќе одлучува по барањето на СЈО за замрзнување на сметките на „Финзи“.

Check Also

vlada-rm-860x680

МРТ ги прекршила професионалните принципи за сеопфатно информирање, оцени Владата

Владата на денешната седница ја утврдила предлог – одлука за усвојување на годишната програма за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *