gruevs

Груевски е издишан балон како и „Преродбата во 100 чекори“

Некои политичари многу повеќе кажуваат со она што не го кажуваат, особено кога премногу работи сакаат да кажат. На вчерашниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во спортската сала „Борис Трајковски“ (која собира максимално 8 илјади гледачи) беше одржан само еден говор во траење од околу седумдесет минути со околу 7 илјади зборови. Говореше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој беше дочекан во салата со бурно ракоплескање кое траеше десетина минути. (Квиз прашање: Како се вика партијата во која ракоплескањето на „водачот“ трае цели 10 минути пред да го одржи единствениот говор на митингот во траење од 70 минути?)

Што ни кажува анализата на најчесто употребуваните зборови во говорот на Груевски? Зборот Македонија се среќава точно 50 пати, зборовите инвестиции/инвестира – 49 пати, зборот народ – 42 пати, проект – 35 пати, држава – 32 пати, компанија/компании – 32 пати, вработени/вработи/вработува(ња) – 30 пати, време – 29 пати, избори – 27 пати, криза – 22 пати, граѓани – 22 пати, власт – 20 пати, луѓе – 20 пати, милиони – 17 пати, работни места – 15 пати, невработеност – 14 пати, ВМРО-ДПМНЕ – 6 пати, а СДСМ дури 25 пати!

Но, кои зборови воопшто не се среќаваат во долгиот говор од 70 минути? Кои зборови Груевски воопшто не ги спомена? Еве една интересна и мошне симптоматична топ-листа на неспоменати зборови која многу повеќе кажува за она што Груевски не го кажа:

  1. Зборот „преродба“! Како е можно Груевски ниту еднаш да не го спомене зборот „преродба“, кога изборното ветување со кое дојде на власт пред 10 години беше токму „Преродба во 100 чекори“!
  2. Зборот „корупција“ Груевски ич не го спомна, иако во „Преродбата од 100 чекори“ имаше цело поглавје за „Добро владеење и борба против корупцијата“ и „решително справување со корупцијата“.
  3. Не беа спомнати ниту зборовите сиромаштија и мизерија, иако Македонија е една од најсиромашните и најмизерните земји во Европа! Ниту пак зборовите „трошоци за живот“, „животен стандард“.
  4. Груевски ништо не спомна за иселувањето (еден од најголемите проблеми во Македонија), ниту пак ги спомна иселени/ци/те.
  5. Во долгиот говор на Груевски не се најде место ни за зборовите (човекови) права, правда и неправда, еднаквост!
  6. Замислете, Груевски не го спомна ниту зборот „транзиција“ .
  7. Груевски не ги спомна зборовите „интеграција“ и „НАТО“, а ЕУ ја спомна во небитен контекст само еднаш! (Како е можно Груевски ниту еднаш да не ги спомене зборовите интеграција и НАТО кога „Интеграцијата на Република Македонија во Европската унија и НАТО е најзначаен столб на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за развој на надворешната политика“ (Преродба во 100 чекори, 2006, стр. 60).
  8. Груевски воопшто не ги спомна учениците, наставниците, професорите, а студентите ги спомна само еднаш!
  9. Груевски воопшто не ги спомена зборовите „прислушкување“, „аболиција“, „Договорот од Пржино“, „Извештајот на Прибе“ (ниту „Пуч“ и „снимки“) иако тоа беа клучни зборови кои ја дефинираа политичката криза.
  10. Во целиот говор Груевски ниту еднаш не ги спомна зборовите „демократија“ и „демократски“, а ниту зборовите „национално единство“ и „демохристијани“ иако неговата партија се дефинира(ше) со овие зборови.

Што ни кажува погорната едноставна анализа на спомнати и неспомнати зборови?

Прво, во однос на кажаното. Најчесто спомнуваните зборови на Груевски сведочат за еден нов „македонски народен парадокс“: Колку што повеќе Груевски од уста не ги вади зборовите „Македонија“ и „народ“, толку помалку народ од Македонија доаѓа на неговите здодевни и веќе видени митинзи. Колку што повеќе зборува за странски инвестиции и компании, толку повеќе Груевски паѓа во очите на граѓаните кои на времето ги убедуваше да купуваат „македонски производи“ со „патриотски сметки“.

Во однос на она што воопшто не сака ни да го спомене, работата е уште појасна. Никола Груевски е издишан балон, како што е издишана и неговата ветена, а неостварена „Преродба во 100 чекори“. Токму затоа не сака ни да го спомене зборот „преродба“. Не сака ни да го спомене зборот „корупција“, затоа што прва асоцијација на „корупција“ е Груевски и неговата „фамилија“. Не смее да каже ниту збор за сиромаштијата и мизеријата, затоа што го продлабочи јазот помеѓу сиромашните и богатите, а самиот за себе си порача Мерцедес од речиси 600 илјади евра. Зошто би зборувал за животниот стандард кога платите реално не ги зголеми, а трошоците на живот енормно пораснаа? Не смее да ги спомне зборовите еднаквост, правда и човекови права затоа што нема ништо заедничко со нив. Не смее да го спомне зборот неправда, затоа што првата помисла на неправда е Никола Груевски. Зошто би ги спомнувал учениците, наставниците и професорите кои се организираа против него во пленуми? Зошто сега би зборувал за неостварените ветувања за интеграција во ЕУ и НАТО – зборови кои не ги вадеше од уста цела деценија?

Зошто Груевски би го спомнал зборот „транзиција“, кога секој жив човек во Македонија веќе знае дека Груевски е транзициски политичар со најдолг стаж – четири години како министер и повеќе од десет како премиер и претседател на владејачката партија? Зошто би зборувал за „прислушкување“ и „аболиција“ кога на цел свет му е јасно кој ја злоупотребил опремата за прислушкување и кој беше (пишман) аболициран? Зошто би зборувал за демократија кога демократскиот свет го нарекува „малиот диктатор“? Зошто би зборувал за национално единство, кога секому му е јасно кој го спроведува принципот „раздели па владеј“? Зошто би се декларирал како „демохристијанин“ кога цел свет виде дека ги гази заповедите „Не кради“, „Не сведочи лажно“, „Не почитувај никакви идоли“, и „Не оди кај гатачка“?

Како што кажав: некои политичари многу повеќе кажуваат со оние зборови кои не сакаат или не смеат да ги кажат.

Жарко Трајаноски

Check Also

pravda

Кампања „Прав(д)а за сите“: Напаѓачите на ЛГБТИ луѓето да се изнесат пред суд!

Вчера, при одбележувањето на 17 мај, меѓународниот ден за борба против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *