Обвинителката Фетаи денеска објави дека се отворени два нови случаја за злоуптреби. Фото: Мета
Обвинителката Фетаи денеска објави дека се отворени два нови случаја за злоуптреби. Фото: Мета

Сончев Град и Музејот на ВМРО „одвеале“ два милиона евра народни пари

Обвинителката Фетаи денеска објави дека се отворени два нови случаја за злоуптреби. Фото: Мета
Обвинителката Фетаи денеска објави дека се отворени два нови случаја за злоуптреби. Фото: Мета

Раководители на министерствата за транспорт и врски и за култура, заедно со членови на комисиите за јавни набавки при министерствата, свесно влегле во незаконски постапки со кои буџетот на Република Македонија е оштетен за повеќе од два милиона евра, посочи специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на денешната прес-конференција на која ги објави двата нови случаи „Топлик“ и „Тендер“

 

Пишува: Сашо Спасоски

Најновите случаи што ги отвори Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, односно Специјалното јавно обвинителство, се „Топлик“ и „Тендер“, а се однесуваат на незаконитости во продажбата на земјиштето за елитната населба Сончев Град – близу селото Сопиште, како и за незаконитости околу тендерите за градежни работи за Музејот на македонската револуционерна борба за самостојност и независност, обелодени специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на прес-конференцијата што се одржа денеска во СЈО.

Првата истрага што се отвора денеска е за оштетување на буџетот на Република Македонија за 64.206.839 денари, односно 1.044.000 евра, во постапката за продажба на земјиштето за елитната населба „Сончев Град“.

Во првиот предмет, кој се води под името “ Топлик “, постои основано сомнение дека во периодот од 3.4.2007 до 18.2.2013 година во Скопје, првоосомничениот како раководно службено лице од МТВ и пет осомничени службени лица-членови на комисијата за спроведување на постапка за јавно наддавање при МТВ, како соизвршители, ја искористиле својата службена положба и,  иако биле потполно свесни дека поради нивното дејствување може да настапи  штетна последица, сепак, се согласиле со нејзиното настапување, па нанеле штета на средствата од буџетот на РМ во износ од 64.206.839 денари или 1.044.000,00 евра, рече Фетаи.

Како што образложи специјалната јавна обвинителка, според документацијата, иако првоосомничениот знаел дека има законски пречки,  составил нова комисија и преку неа, и покрај недостатоците, е спроведено јавно наддавање и е склучен договор за продажба на земјиштето.

Доказниот материјал упатува на основано сомнение дека откако комисијата за јавно наддавање го информирала првоосомничениот дека поради правни и фактички недостатоци не биле исполнети условите за спроведување на постапка за јавно наддавање за продажба на  градежното земјиште за изградба на резиденцијална населба Сончев Град во општина Сопиште, истиот, на ден 03.04.2007 година составил нова комисија за јавно наддавање, за да преку нив и покрај наведените недостатоци ја реализира објавата за јавното наддавање и склучи договор за продажба на градежното земјиште, посочи Фетаи.

Само еден ден потоа, новата Комисија, стара само еден ден, до весниците Дневник, Вечер, Вест и Фајненшел Тајмс доставиле  објава за јавно наддавање за оттуѓување на градежно земјиште сопственост на РМ, за изградба на резиденцијална населба Сончев Град  во општина Сопиште.

На 14.05.2007 година спроведено е јавното наддавање по што комисијата составила извештај дека биле исполнети условите и дека е избран најповолниот понудувач со кого да биде склучен договор. На 8.06. 2007 првоосомничениот склучил договор со Сан сити ДООО Скопје за отуѓување на земјиштето, иако знаел дека постојат суштински недостатоци, поради кои министерството не може да ги исполни договорените обврски, посочи Фетаи.

Поради тоа на 20.7. 2011 година договорот бил раскинат, бидејќи како што рече обвинителката Фетаи, сопственикот, компанијата Сан Сити не можела да го спроведе договорот поради недостатоците кои ги навела и првата комисија во Министерството за транспорт и врски.

Поради раскинување на договорот, Министерството морало да исплати затезна камета и на 18.02.2011 година од сметката на Министерството за транспорт на сметката на „Сан Сити“ се префрлени 64.206 839 денари или еден милион евра, со што директно е оштетен Буџетот на РМ. Со овие дејствија, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ, рече Фетаи.

Инаку, „Сончев Град“ го споменува и тогашниот премиер Никола Груевски во еден од прислушуваните разговори од 34-от сет, во кој му сугерира на тогашниот министер за транспорт и врски како да се однесува со странските инвеститори, при што инвеститорот на „Сончев Град“, односно фирмата „Сан Сити“, ја споменува во негативен контекст.

НГ: А ти, мој впечаток е, независно кој колку е крупен-ситен, исти третман му даваш.
МЈ: Не, не е така.
НГ: Не можеш на некој што доаѓа да направи мини трговски центар од 1.000 квадрати да му дадеш ист третман со овие. Или со некои како овие, како Сончев град, гледаш кај сме стигнати со Сончев град, на меѓународен суд ќе одиме.

А,  како што потсетува „Призма“, ‘, првиот владин состав на Никола Груевски го најавуваше Сончев град како проект вреден 100 милиони евра, а Израелците што го добија тендерот прифатија обврска да ги пробијат и да ги асфалтираат улиците и да го прилагодат просторот за живот. Првичните процени беа дека таму можеше да се вселат 6.000 жители.

Вториот случај кој СЈО го отвори денеска, е за местење на тендерот за завршни градежни и занаетски работи на објектот Музеј на ВМРО. Првоосомничена е раководно службено лице од Министерството за култура, а покрај неа осомничени се и тројца членови на Комисијата за јавни набавки при Министерството за култура. СЈО смета дека тие незаконски ја повластиле фирмата ГТД Бетон Штип АД – Штип.

Постои основано сомнение дека пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на принципите на конкуренција и транспарентност предвидени во член 2 од Законот за јавните набавки и спротивно на чл.28 од истиот закон, пред да се донесе одлука за потребата од јавна набавка, првоосомничената веќе донела одлука кој, и да ја добие и да ја заврши работата, предмет на набавката.

Доказите упатуваат на основано сомнение дека првоосомничената на 14.06.2011 г. преку телефонска комуникација со сведокот, тогашен генерален директор на ГТД Бетон Штип АД Штип, му кажала на истиот да Бетон Штип продолжи со работа на објектот каде тековно изведувале градежни работи по претходно склучениот договор за јавна набавка, да ги изведе и сите работи што произлегувале дополнително и да не се чека дваесет дена за спроведување на нова јавна набавка.

Според доказите, првоосомничената на сведокот му кажува и дека истата веќе средила со второосомничената да комисијата за јавни набавки откако ќе се објави огласот, договорот го додели на ГТД Бетон Штип, бидејќи договориле да предвидат такви услови и критериуми за доделување на договорот, кои единствено ги исполнувал Бетон Штип, и не може друг субјект да победи, појасни специјалната обвинителка Фатиме Фетаи.

Без да се изведе постапката за јавна набавка, Бетон Штип АД веќе ги вршел работите, а на 18.07.2011 година доставил понуда во постапката за јавна набавка. Веќе следниот ден фирмата била формално избрана како најповолен понудувач.

Потоа, на 05.08.2011 г. е склучен договорот за јавна набавка за изведување, на како што напомнав, веќе изведени работи. Договорот е склучен  помеѓу МК, застапувано од првоосомничената и ГТД Бетон Штип АД Штип, застапувано од сведокот -Генерален директор, со вредност од  62.480.543  денари (околу 1 милион евра).

Врз основа на договорот од МК на ГТД Бетон Штип АД Штип заклучно со 31.12.2013 му било исплатено износ од 54.501.336 денари.

Со ваквите дејствија постои основано сомневање дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 в.в. со чл.22 од КЗ, посочи Фетаи.

Големиот проект „Скопје 2014“, чиј дел е Музејот на македонската борба, Владата предводена од  ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го туркаше и покрај огромното противење на опозицијата и огромен дел од јавноста во Македонија.

Обид да се подзаскријат трагите, слушаме и во 35-от сет прислушувани разговори. Во еден од разговорите слушаме дека Груевски донел одлука министерката за култура Канческа – Милевска да не се појави на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија, за да не мора да одговара на прашања за „Скопје 2014“, односно да не се дознае колку пари се потрошени или наменети за овој контроверзен проект.

НГ: Силвана?
СБ: Повели претседателе.
НГ: Сега сте и рекле на Бети да доаѓа у Собрание
СБ: Само момент. Само момент, не се слуша тука премногу силно, да излезам, само момент. Да
НГ: Сте и рекле на Бети утре да доаѓа на седница, во Собрание. За Скопје 2014.
СБ: Не јас кажах да размисли убаво дали да дојде
НГ: Мое мислење е не, затоа што целата дискусија ќе биде прашања до неа колку кошта. Ако она каже колку кошта ние ќе губиме.
СБ: Ок.
НГ: Ако па не кажува колку кошта и да го заобиколува пак ќе губиме, ме разбираш, е, нејќе да каже, те прашавме, кажи колку кошта, и колку и да каже само тоа ќе биде дебатата. Јас мислам ради тоа да не доаѓа она.
СБ: Ок претседателе.
НГ: А вака не може вас да ве прашуваат колку кошта.
СБ: Ве разбирам.

 

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Знаел дека нема докази, се било местенка. Фото: Скриншот

Контраспин: Груевски како Ходорковски – 29.000 страници не биле докази

Голем апсурд е да се тврди дека „немало никакви докази и не можело да има“, покрај …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *