Доналд Трамп и Били Буш. Едниот е уште претседателски кандидат, но Буш ја изгуби работата. Фото: википедија/imdb
Доналд Трамп и Били Буш. Едниот е уште претседателски кандидат, но Буш ја изгуби работата. Фото: википедија/imdb

Како се справува светот со сексизмот и навредите

Доналд Трамп и Били Буш. Едниот е уште претседателски кандидат, но Буш ја изгуби работата. Фото: википедија/imdb
Доналд Трамп и Били Буш. Едниот е уште претседателски кандидат, но Буш ја изгуби работата. Фото: википедија/imdb

Случајот со фалбите од вклучените микрофони во разговорот меѓу Доналд Трамп и Били Буш и последиците што произлегоа од тој муабет покажуваат колку непочитувањето, сексизмот, а за криминалот и да не говориме, се третира различно во САД и кај нас

 

Пишува: Владимир Петрески

Во 2005-та година актуелниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп заедно со познатиот ТВ водител Били Буш, чија специјалност се интервјуа со познати личности, се возеа во промотивниот автобус на ТВ шоуто „Access Hollywood“, не знаејќи дека микрофоните закачени на нивните ревери го снимаат нивниот разговор.

Разговорот се однесуваше на сексуалните авантури на Доналд Трамп и беше преполн со самофалби за тоа дека тој како славна личност може да се однесува кон жените на редица непристојни начини и да не сноси никакви последици за тоа. Тој отворено говори како неуспешно се обидел да освои мажена жена, носејќи ја на шопинг по намештај, како жените кои ги среќава може да ги допира дури и по најинтимните делови од нивните тела, а на излегувањето од промотивниот автобус говори како треба да  земе тик-так бомбони за да го освежи својот здив, оти има навика да ги бакнува жените на кои им пристапува, додавајќи и дека за такво нешто не бара никаква дозвола, зашто, како славна личност, тие, жените, „ти дозволуваат сѐ“, вели тој.

Цело време додека Трамп го говори ова, тој е охрабруван од водителот Били Буш, кој е инаку во сродство со двајца поранешни претседатели на САД и, на пример, е братучед со Џорџ Буш, претседател кој беше претходник на актуелниот претседател Барак Обама. Покрај охрабрувањата, Били Буш го фали и му честита на Трамп за неговите „успеси“ со жените и сето тоа е кажано со најпростачки сексистички јазик од кој се гледа дека овие двајца жените не ги сметаат за личности, туку за објекти чија единствена цел на постоење е да бидат средство за забава и евентуално задоволување на нивните ниски сексуални страсти.

Откако се објави овој аудио разговор, никому, се разбира, не му падна напамет да кажува дека станува збор за „сечена, лепена, монтирана, креирана и незаконски стекната лента“, ниту, пак да ја негира нејзината содржина. Кампањата на Трамп лентата ја отфрли како „вообичаен фалбаџиски машки муабет, кој се практикува во спортските соблекувални, каде мажите се фалат со своите сексуални авантури,“ арно ама ретко кој се согласува со ваквото мислење зашто од разговорот се гледа дека третманот на Трамп кон жените како да се објекти за негова забава е нешто што тој постојано го практикува, што и лесно може да се заклучи од неговото признание дека тој постојано кон жените се однесува на истиот начин.

Покрај ова, се појави и аудио лента од радио емисија во која тој самиот признава како без никаква покана влегува во женската соблекувална пред снимањето на емисиите за избор на убавици, кој тој ги организира и чиј бренд го поседува, оправдувајќи го тоа со фактот што тој е газда и има оправдување да направи такво нешто за да „изврши инспекција“, иако на радио водителот Хауард Стерн јасно му вели дека неговата цел е, всушност, да ги види разголените женски тела во соблекувалната.

После овие епизоди, во јавноста излегоа досега 9 жени кон кои Трамп се однесувал недолично, или вербално или преку бакнежи без дозвола или преку допирање на делови од нивните тела, исто така, на сосема недоличен начин.

И покрај сето ова, иако рејтингот на Трамп после овие епизоди паѓа, тој е, сепак, се уште кандидат на Републиканците за претседател на САД.

 

БИЛИ БУШ ИЗГУБИ РАБОТА

Прикзаната со ТВ водителот Били Буш е сосема поинаква. Веднаш по објавувањето на аудио лентата, Били Буш повеќе никогаш не се појави во утринската емисија „Today“ на NBC, каде што почна да работи во август, значи пред само неколку недели со договор од 3,5 милиони долари годишно. Today е инаку едно од најпопуларните утринските телевизиски шоуа во САД и како такво не смее да си дозволи никаков скандал, а особено не скандал од ваков вид, каде што еден од неговите главни водители е претставен во сексистичко светло, каде што охрабрува и се воодушевува на недоличните авантури на славните личности каков што тогаш беше Доналд Трамп.

Неговите адвокати цели 4 дена преговараа со менаџментот на NBC за условите како Били Буш да си замине од емисијата, зашто беше јасно дека по објавувањето на аудио лентата неговото останување беше невозможно. Огромно мнозинство од публиката на Today се жени и веднаш по објавувањето на лентата почнаа да се појавуваат лути коментари на веб сајтот на емисијата. Се говореше дека Били Буш ќе добие износ од 10 милиони долари, само да си замине, но ваквиот износ беше негиран како преголем, иако сигурно станува збор за износ во милионски доларски суми, а Буш не е обврзан да потпише клаузула за неконкурентност. Ова значи дека ќе може веднаш да почне да бара работа на друго место, иако е тешко дека може да се замисли оти неговата следна работа ќе го има престижот на Today, туку тој ќе мора да се задоволи со настапи пред далеку помала публика, ако воопшто и реши да се зафати со нов медиумски проект веднаш после овој скандал.

Били Буш, веднаш по појавувањето на аудио лентата се извини до сите свои гледачи, додавајќи дека станувало збор за разговор кој се случил пред 10 години (значи кога имал 35 години), додавајќи дека во тоа време не бил толку зрел како денес и истакнувајќи оти е „длабоко благодарен за разговорите кои ги водел со своите ќерки  и за сета поддршка од семејството, пријателите и колегите“.

 

ВО МАКЕДОНИЈА СОСЕМА ДРУГА СЛИКА

Вака е ова во нормалниот свет. Ајде сега да се вратиме на наш терен и тоа во контекст на сето она што го изнаслушавме во прислушуваните разговори. Меѓу нив имаше и такви кои по нивото на сексизам, и по нивото на непочитување на жените и тоа особено непочитување на колешки за кои лицата од лентите искажуваа далеку потешки квалификации. За ништо од тоа не слушнавме ниту јавно извинување, а камоли оставки. Напротив. Вината беше комплетно префрлена врз самото објавување на прислушуваните разговори, без воопшто да стане збор за она што се говори во нив.

Понатаму, слушнавме силни индиции за местење на тендери, па дури и од устата на министер беше речено дека станувало збор за тендер кој бил неетички и кој беше поништен. Во овој тендер беше повторно замешан новинар од висок профил, но и тука немаше ниту извинување, а камоли оставки или отказ. Да не говориме за редицата сомнителни и потенцијални криминални активности, како и најобичното распродавање на просторот на ударниот ТВ дневник за потребите на Владата. Слушнавме за 12 нарачки на прилози од министри во владата, како и дека вестите личеле на владино рекламно пано. И повторно, ниту извинување, ниту оставки или откази. Да не говориме, пак за спомнување на конкретни износи пари, каква што беше бројката од 2 милиони евра и додавката дека тие пари  воопшто и не морало да бидат дадени на една телевизија, туку дека властодржецот можел сам да направи телевизија со нив за своите потреби.

И после сето ова, не само што нема извинувања, нема ниту признавање на вина, туку сме сведоци на битка од петни жили да се оправда нешто што во суштина не може да се оправда – ниту од морална, ниту од етичка, ниту од законска гледна точка.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Check Also

Намалени проекции за економски раст и пад кај штедењето. Фото: Вистиномер/НБРМ

АНАЛИЗА: Страв од неизвесност – штедењето забави!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *