kamion

Граѓанска акција „Ние одлучуваме!“ со камион „Можеме подобро“

Почнува граѓанската акција „Ние одлучуваме!“

На 26 октомври 2016 година (среда), со почеток во 12 часот, пред Собранието на Република Македонија во Скопје, се одржа прес-конференција по повод почетокот на граѓанската акција „Ние одлучуваме!“.

Граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ има цел да ги информира, мотивира и охрабри граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори на 11 декември, да ги регистрира злоупотребите на јавните ресурси и институции за изборни цели, како и заканите и заплашувањата кон граѓаните за остварување на избирачкото право.

На прес-конференцијата се обратија граѓанските активисти Ирена Стеријовска, Драган Додевски и Љуми Бекири.

Ирена Стеријовска истакна дека единствената цел на оваа акција е да се потенцира важноста на предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во декември и да се настапи одговорно во овој решавачки момент за Македонија и за сите нас како граѓани. Граѓанската акција „Ние одлучуваме!“ ќе биде составена од различни активности со кои ќе се информираат, мотивираат и охрабруваат граѓаните да учествуваат на изборите. Организациите од „Ние одлучуваме!“ ќе ги регистрираат потенцијалните злоупотреби на јавните ресурси и институции за изборни цели, како и заканите и заплашувањата кон граѓаните поврзани со остварувањето на избирачкото право. Во рамки на акцијата предвидени се мотивирачка кампања за излезност и за тајноста на гласот, бесплатна СОС линија за пријавување повреди на гласачко право и  мониторинг на партиските изборни кампањи. А преку весникот „НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ!“ граѓаните ќе бидат потсетени за состојбите во областите здравство, образование, сиромаштија, невработеност, (не)правда и животна средина. Ги поттикнуваме граѓаните да гласаат на 11 декември затоа што БАРАМЕ ПРОМЕНИ! МОЖЕМЕ ПОДОБРО! НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ!

Драган Додевски во своето обраќање истакна дека никој нема право да ги прашува граѓаните за кого гласале ниту пак тие имаат обврска да кажат како гласале. Изборните притисоци и злоупотреби се кривични дела и треба да бидат пријавени како и сите други кривични дела. Ги охрабруваме сите граѓани да ја искористат бесплатната СОС телефонска линија и да пријават било какви повреди на гласачкото право, како на пример, заплашувања, притисоци, уцени или поткуп. Линијата е достапна на 0800 88 888, секој работен ден од 9 до 21 часот, а тајноста на личните податоци на граѓаните кои ќе пријават злоупотреби е гарантирана.

Додевски додаде дека со цел да помогнеме во одржувањето кредибилни, фер и слободни избори, преку оваа акција ќе се спроведе и мониторинг на изборната кампања на политичките партии и евентуалната злоупотреба на јавните ресурси пред и за време на кампањата. Ќе бидат следени вработувањата, буџетските плаќања и користењето на други државни ресурси за партиски цели во текот на кампањата. Ќе биде следено финансирањето на политичките партии и на изборната кампања во медиумите, како и содржините и поставеноста на информативната програма на МРТ1 од аспект на функцијата јавен сервис.

pocetok-na-kampanja-3

Сите информации за акцијата може да се најдат на веб страницата www.nieodlucuvame.mk каде редовно ќе бидат објавувани аудио, видео и печатените материјали на акцијата на македонски и албански јазик, како и најавите за локални акции и за караванот кој ќе биде спроведен со шарениот камион. Ги поттикнуваме граѓаните да гласаат на 11 декември затоа што БАРАМЕ ПРОМЕНИ! МОЖЕМЕ ПОДОБРО! НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ!

– Младите се најзасегнати од политиката, а најмалку заинтересирани за гласање, рече Љуми Бекири во своето обраќање.

Младиот Бекири потенцираше дека ние веруваме дека во Македонија постои перспектива и дека подобра Македонија е можна исклучиво доколку младите повеќе се ангажираат зашто политиката им припаѓа ним и на граѓаните, а не само на политичарите. Ние навистина МОЖЕМЕ ПОДОБРО, но исклучиво со гласот и ангажманот на младите. Ние знаеме дека на овие избори ќе одлучува ГЛАСОТ НА МЛАДИТЕ и затоа ги мотивираме да преземат акција, да се заинтересираат за политичката понуда, да ја вреднуваат и критикуваат и да гласаат по свое. Само тие ќе знаат за кого ќе гласаат. Kërkojmë ndryshime! Ne mundemi më mirë! Ne vendosim! БАРАМЕ ПРОМЕНИ! МОЖЕМЕ ПОДОБРО! НИЕ ОДЛУЧУВАМЕ!

Акцијата ќе се спроведува на цела територија на Република Македонија, а нејзини носители се: Млади европски федералисти (ЏЕФ Македонија), Центар за одржлив развој на заедницата – Дебар, Здружение за развој и активизам „Аква“ – Струга, Здружение за локален развој „Акција Плус” –  Ресен, Младински културен центар – Битола, Центар за стратегии и развој „Пактис” – Прилеп, Здружение за ширење на демократија и демократски принципи, човечки права и слободни „ПРОЕКТ-ЕУ” – Кавадарци, Организација на жени од Струмица – Струмица, Здружение на граѓани „Патокази“ – Гевгелија, Центар за истражување и развој на општеството „Визио“ – Кичево, Регионален центар за одржлив развој – Кратово, Гласно – Штип, Фокус – Велес, КХАМ – Делчево, Фондација Отворено општество – Македонија, Фондација Метаморфозис, Македонски центар за европски образование, НВО Инфоцентар, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Центар за современи уметности и Младински образовен форум.

Check Also

dupka

Хром: Проблеми со канализација, водата, струјата

Жителите на Хром се жалат на проблеми со канализацијата која поради слабиот капацитет истекува во …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *