gradina1

„Елитната“ прилепска населба „Градина“ остана празна ливада

Ова што го гледате на фотографиите е „елитната“ населба „Градина“, 4 и пол години подоцна откако градоначалникот на Општина Прилеп Марјан Ристески ја најави нејзината изградба.

Според најавата, на површина од 41,4 хектари беа планирани 424 градежни парцели, од кои 369 со површина од 250 м2 до 1.000 м2 за индивидуално, а 24 за колективно домување со максимална висина на објектите од приземје + 9 ката + поткровје.

Во населбата требаше да никнат и мали деловни објекти, големи трговски центри со дополнителни сместувачки капацитети како и кино сали, галерии, кафетерии, основно училиште, објекти за спорт и рекреација…

Од сето тоа, како што покажуваат фотографиите направени во текот на вчерашниот ден, изградена е една единствена куќа до која не постои ниту пристапен пат. Сѐ останато околу неа, до каде допира погледот, е празна ливада. Ветувањата за комплетно инфраструктурно уредување на просторот се далеку од реализација. Голем број од граѓаните кои склучиле договори за купување на парцели за изградба на индивидуални станбени згради, истите ги раскинале. Неофицијално, причина за тоа била висината на комуналните давачки кои биле поголеми од првично договорените.

gradina3
Со намера да ја дознаеме причината поради која „Градина“ остана само дел од бројните нереализирани ветувања на локалната власт, се обративме до Секторот за урбанизам при Општина Прилеп. Оттаму се обидовме да дознаеме колку градежни парцели досега се продадени во населбата, за колку од нив се издадени одобренија за градење, кои се причините за слабиот интерес за купување градежни парцели и зошто поголем број на граѓани ги раскинале склучените договори?

Со оглед на тоа што од локалната самоуправа стигнуваа најави за наводна голема заинтересираност на прилепчани за владините проекти „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“, прашавме колку парцели се продадени за таа намена и, конечно, кога „Градина“ ќе биде ставена во функција?

gradina2
Како и многу пати досега кога сме побарале одговори на прашања кои се од интерес на граѓаните на Општина Прилеп, а кои се од доменот на работата на локалната самоуправа, тие и овој пат изостанаа.

Во недостиг на официјални информации за причините за фијаското на проектот, ви го пренесуваме излагањето кое градоначалникот Марјан Ристески на тема „Градина“ го имаше пред членовите на општинскиот Совет во декември минатата година.

„Ние бевме малку визионери и малку понапред гледавме од другите општини, направивме една огромна населба со преку 400 – 500 локации за изградба на куќи. Ние сме спремни. Тоа е внесено во Генерален и Детален план, се продава земјиштето. Исто така помина и тендерот и веќе се гради инфраструктурата во населбата „Градина“, ќе се гради комплетно канализација, водовод, асфалтирање, електрична енергија, да не си дозволиме како порано што се градело во градов или пак неурбанизирани населби, што понатаму отежнува околу изведување на комплетната инфраструктура, а тој проблем го имаме овие генерации.“

Еве што на истата тема и пред истиот аудиториум изјави раководителот на Секторот за урбанизам, Илија Карески:

„Еве на кратко да кажеме што се случува во „Градина“. Значи таму има негде 25-26 парцели кои се продадени. Меѓутоа, дел незнам од субјективни нивни причини и не се одлучуваат да поднесат за одобрение за градење, така да негде 10-12 парцели веќе имаат добиено одобрение. Инаку се работи етапно, ние имаме поделено во квартови каде што и ќе ја градиме инфраструктурата. Што значи дека сакаме од тие 450 парцели во „Градина“ еден квартал 40 парцели да го опремиме комплетно за да може да заживее онака како што треба урбанистички, како што треба со целосна инфраструктура“.

Населбата „Градина“ беше проектирана за 13.000 жители, а според „визијата“ на градоначалникот Ристески, таа требаше да се гради според „европски критериуми, со широки улици, паркови, тротоари, пешачки зони и велосипедски патеки“.

Зоран Милошески

Check Also

Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *