tr2

Кукасти крстови и националистички графити на битолското училиште „Ѓорѓи Сугарев“

Последниот ден пред почетокот на второто полугодие од учебната 2016/2017 година, ѕидовите на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ од Битола осамнаа исцртани со кукасти крстови и со испишани графити со националистичка содржина „Смрт за Ѓупци“ и „Умрете Ѓупци“. Симболот на фашистичката идеологија и напишаните пораки се особено загрижувачки од причина што околу 80% од учениците во битолското основно училиште се од ромската етничка заедница, што значи дека постоеше можност децата да се соочат со пораките кои во себе, покрај другото, содржат и говор на омраза.

rt1

Неформалната група граѓани, претставници на ромската заедница од Битола, како и здруженијата на граѓани кои работат на застапување на правата на Ромите, искажаа сериозна загриженост за немилиот настан. Освен што упатија апел до ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ за отстранување на графитите, тие побараа зајакнување на надзорот на училишната зграда, што ќе овозможи поголема сигурност на учениците кои тука посетуваат настава.

„Воедно ги повикуваме надлежните државни институции, Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да преземат итни и неодложни мерки за сузбивање на говорот на омраза. Неказнивоста на ширењето и промовирањето говор на омраза во јавниот простор, претставува негово толерирање и оправдување што може да резултира со дела од омраза. Покрај тоа што причинил повреда на достоинството на Ромите, сторителот на кривичното дело повикува на нивно исчезнување и непостоење како заедница, ја загрозува сигурноста на поголем број лица и прави обид за разгорување на насилството помеѓу заедниците во општеството“, се вели во реакцијата на шесте граѓански здруженија кои излегоа со остра осуда на настанот.

tr2

Двете битолски здруженија „Ромски Граѓански парламент“ и „Баирска Светлина“, прилепското „РОМА С.О.С.“, тетовското „Романо авази“, „Европскиот центар за правата на Ромите“ од Будимпешта и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, велат дека сторителот на делото ги извршил кривичните дела „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, верска и друга дискриминаторска основа“, „Расна и друга дискриминација“ и „Загрозување на сигурноста“.

„Сторителот со ваквите пораки причинил емоционална и психолошка болка на припадниците на ромската заедница, што има штетно влијание на квалитетот на животот на заедниците во РМ. Нашиот интерес е да градиме меѓусебно почитување без разлика на етничката или религиозната припадност, а за секое спротивно однесување или постапување од било кое лице, бараме да се сноси одговорност согласно законските норми“, порачуваат во заедничкото соопштение шесте граѓански здруженија.

После остварениот контакт со директорката на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“, веднаш беше започнато бришење, односно покривање на испишаните пораки. Случајот беше пријавен во СВР Битола, а во битолското Основно јавно обвинителство беше поднесена кривична пријава против непознат сторител.

 

Зоран Милошески

Check Also

Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *