taleski

Ако сака филм за Битола, Талески да го плати од сопствениот џеб

Предлогот на советникот на ЛДП Валентин Груевски за поништување на огласот за снимање документарен филм за развојот на Битола од 2005 до 2017 година, кој градоначалникот Владимир Талески има намера да го сними, беше вовед во вчерашната хаотична седница на Советот на Општина Битола.

Груевски рече дека снимањето филм не е тоа што во моментов ѝ треба на Битола, но доколку Талески има желба истиот да биде снимен, му порача тоа да го направи со свои пари што, според мислењето на советникот, немало да му биде тешко.

„Снимањето ваков филм во овој момент претставува една голема лудорија. Да се планира да се потрошат 508.000,00 денари во време кога на Битола и недостигаат основните и многу други работи, да се снима филм во кој се глорифицира работата на Талески, е непотребно“, нагласи Груевски.

Предлог за проширување на дневниот ред имаше и советничката Габриела Илиевска. Таа испрати апел до советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за прв пат во нивниот мандат да гласаат против желбата на градоначалникот Талески и предложи формирање привремена комисија која ќе работи по две точки:

„Комисијата да испита од каде Талески ги обезбедил финансиските средства за снимање на филмот, како и да им овозможи на советниците да го искажат своето мислење дали во Битола треба да се снима филм и дали за својата одлука ги консултирале оние кои нив ги изгласале – граѓаните на Битола. Ќе прифатам и одлагање на оваа точка до наредната седница, сѐ со цел да им се овозможи на советниците да свикаат јавни трибини, да се консултираат и со граѓаните и со граѓанските здруженија“, предложи Илиевска.

Текот на седницата замина во несакан правец откако советникот на ВМРО-ДПМНЕ Пеце Милевски, на говорницата извади македонското знаме и лажни банкноти отпечатени на албански јазик, за кои рече дека требало да најдат свое место во филмот.

После поединечното гласање, со 17 гласови „против“ мнозинството ги одби предлозите на опозицијата за проширување на дневниот ред.

Одлуката на градоначалникот Владимир Талески да распише оглас за прибирање понуди за снимање и монтажа на документарен филм со наслов „Развојот на Битола 2005-2017 година“, што го опфаќа периодот на неговото 12 годишно владеење со градот под Пелистер, наиде на остри реакции и кај медиумите и кај огромен број битолчани. Од друга страна пак, незадоволни од начинот на кој одредени медиуми информирале за огласот за снимање документарниот филм, Одделението за правно – нормативни работи при Општина Битола излезе со писмена реакција во која меѓу другото се вели:

„Реализираните капитални проекти во изминатиот дванаесетгодишен период (односно периодот од почетокот на децентрализацијата до денес) се од практично, но и од развојно и историско значење за понатамошниот напредок на сите нови инвестиции и проекти, поради што општината, транспарентно и отчетно и овојпат низ документарен филм, ќе овозможи секој граѓанин да добие јасна слика, првично за поставените основи за одредени проекти, а потоа и за целокупниот тек на изведба, до конечната реализација“. 

 

Зоран Милошески

Check Also

Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *