bitola

Битолската Клиничка болница ја отфрла вината за смртта на родилката

Надлежните од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола отфрлаат секаква вина за смртта на 31 годишната родилка која пред 2 дена почина од сепса на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје. Според нив, во битолската Клиничка болница биле преземени сите потребни мерки од страна на здравствениот кадар во врска со пациентката.

„При давањето здравствени услуги на конкретната пациентка, постапено е по сите медицински протоколи и комплетно е спроведена медицина базирана на докази, што значи дека во овој случај се преземени сите потребни мерки од страна на здравствениот кадар во нашата установа“, се вели во денешната изјава од Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола.

Младата 31 годишна битолчанка починала од компликации кои настанале после породувањето од пред четириесетина дена, после што речиси цел месец се борела за живот. Според неофицијалните информации, две недели после породувањето состојбата и се влошила откако добила висока температура, болки во стомакот, имала низок крвен притисок а освен тоа била и дијабетичар. Пред неколку денови била однесена на КАРИЛ, каде и починала од сепса.

Веднаш после обзнанувањето на трагичниот настан, на социјалните мрежи се проширија шпекулации дека во битолската болница била лекувана од стомачен вирус, како и дека после породувањето со царски рез лекарите во нејзиното тело оставиле инструмент од операцијата, после што родилката добила сепса.

 

Зоран Милошески

Check Also

Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *