Никој не ни рече дека ќе учиме албански, ама може тоа да се случи, затоа протестираме!

protesti-srednoskolci-prilep-2-750x354

„Епицентарот“ на протестите на прилепските средношколци од Гимназијата „Мирче Ацев“ денес се префрли во медицинското училиште СОУ „Ѓорче Петров“. За разлика од вчера, бројот на ученици кои денес им се приклучи на групата од 30-40 ученици од различни училишта кои се јавуваат како организатори и иницијатори на протестите, денес беше многу помал.

Станува збор за, генерално, истата група која вчера влезе во прилепската Гимназија. И денешното сценарио беше идентично на вчерашното: групата тргна од ЕМУЦ „Ристе Ристески-Ричко“ и се упати кон Гимназијата „Мирче Ацев“. Видно разочарани што одѕивот не беше како вчерашниот, групата се упати кон медицинското училиште СОУ „Ѓорче Петров“.

Она што е зачудувачко, беше зошто никој не ја спречи групата да влезе во холот на училиштето? Таму, организирани со знамиња и свирчиња, групата скандираше „Неќам три, неќам два, еден јазик сакам јас“.

Ученикот во трета година во медицинското училиште Филип Тодороски ја имаше улогата на неформален „лидер“ на групата, кој цело време го координираше протестот, кажуваше кога и што да се скандира и пее, за да на крајот прифати да даде и изјава. Според него, учениците протестираат затоа што не сакаат да учат албански јазик.

„Протестираме за Македонија, за да имаме еден јазик, да си го чуваме јазикот. Не сакаме друг јазик освен македонски“, изјави Тодороски. Меѓутоа на прашањето кој им рекол дека ќе учат албански, тој рече оти никој не ни рекол, меѓутоа можело да се случи да учат албански!?

Откако на групата и се приклучи мал број на ученици, нивната следна дестинација беше центарот на Прилеп, додека наставата во училиштето продолжи да тече. Според кажувањата на служителите, директорот на СОУ „Ѓорче Петров“ Дејан Димоски во моментот не бил присутен во училиштето, иако претходно се појавил на работното место. Никој од вработените не сакаше да даде изјава за настанот.

Отсутни од своите работни места денес беа и директори на повеќето прилепски средни училишта, меѓу кои и директорите на ЕМУЦ „Ристе Ристески-Ричко“ и Гимназијата „Мирче Ацев“.

Денес дваесетината родители чии деца учат во Гимназијата „Мирче Ацев“ отидоа на средба со директорот Киро Николоски, но од причина што директорот беше отсутен, средбата не се реализира. Родителите на секретарот на Гимназијата му доставија писмено барање за целосно расчистување на вчерашните настани. Воедно тие побараа директорот Николоски да свика родителска средба на која ќе им објасни кои се причините поради кои тој ги повикува децата да одат на протести.

Check Also

Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *