Поднесени две кривични пријави против директорот на прилепската Гимназија Киро Николоски

17342722_270108513440322_7355070701938001331_n

Директорот на прилепската Гимназија „Мирче Ацев“, Киро Николоски, денес „заработи“ две кривични пријави. Со првата пријава која ја поднесе Општинската организација на СДСМ-Прилеп, Николоски се сомничи дека ги сторил кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Присилба“ и „Малтретирање во вршење на службата“.

Според подносителот на пријавата, во деновите 13, 14, 15 и 16 март 2017 година, злоупотребувајќи ја службената положба и овластување и без претходно донесена одлука на Управниот одбор на училиштето, Николоски ги организирал, поттикнувал и им овозможил на учениците да го напуштат воспитно-образовниот процес. Истовремено, директорот ги поттикнувал и им овозможил на ученици од други училишта со знамиња и пароли да влезат во СОУ „Мирче Ацев“, со цел истите да учествуваат во протестите кои се однесуваат на политички прашања а кои се организирани од иницијативата „За заедничка Македонија“. Истовремено, Николоски на дел од професорите од позиција на моќ, со закани и опомени им ги одземал дневниците за работа, со цел да не биде евидентирано отсуството на учениците од наставата.

Поднесената кривична пријава, по истите основи, се однесува и на директорот на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“, Жарко Темелкоски, како и на НН лица вработени кај прво и второпријавениот.

Втората кривична пријава против Николоски, за злоупотреба на службената положба и овластување, ја поднесе лицето С.Р. чие дете е ученик во прилепската Гимназија.

Адвокатот Жарко Стеваноски, овластен полномошник на родителот кој ја поднесе пријавата, вели дека со своето однесување како службено лице на Гимназијата, директорот Николоски не дозволил одвивање на воспитно-образовниот процес и извршил злоупотреба на учениците во партиски цели, што е спротивно на Законот за средно образование и училишниот Статут.

Ова е класичен пример за злоупотреба на деца во политички цели и секој оној кој учествувал во процесот на негово игнорирање, негово поттикнување и оправдување, е должен да сноси одговорност“, нагласува адвокатот Стеваноски.

На барање на родителите на дел од учениците во СОУ „Мирче Ацев“ се одржа средба со Николоски, на која родителите од директорот побараа итно свикување состанок на Советот на родители на кој би се изнеле сите забелешки на родителите поврзани со настаните од изминатите неколку денови.

Денес опозицискиот СДСМ побара свикување на вонредна седница на Советот на Општина Прилеп на која би присуствувал и градоначалникот Марјан Ристески. Со оглед на тоа што барањето е потпишано од една третина од советниците, согласно Законот за локална самоуправа, претседателот на Совет е должен да ја закаже седницата.

Check Also

Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *