Пари за обнова на битолскиот Офицерски дом има, дали има волја?

17308771_272380136546493_1722225926238629228_n

Не постојат зборови кои можат да опишат колку тажно изгледа денес Офицерскиот дом во Битола, еден од симболите на градот на конзулите. Фотографиите направени деновиве само делумно ја доловуваат страшната глетка на некогаш репрезентативниот објект, изграден во далечната 1911 година од страна на управникот на битолскиот вилает, Абдул Керим Паша.

17425105_272380189879821_8887701391496981693_n

 

Префрлањето на сопственоста, а со самото тоа и на одговорноста за Офицерскиот дом од локално на централно ниво и обратно, трае цела една деценија. Последниот обид кој актуелната Влада го направи со цел да се ослободи од него беше на 22.12.2015 година, кога распиша оглас за негова продажба со почетна цена од 900.000 евра за површина од околу 2.000 м2. Сепак, соочен со огромниот притисок на битолската јавност која отворено застана против неговата продажба, поранешниот премиер Груевски ја повлече донесената одлука, за да веќе следниот ден заедно со градоначалникот Талески најават дека Офицерскиот дом ќе прерасне во Куќа на културата, во која ќе се одржуваат концерти, театарски претстави, изложби. За реализација на овој проект Владата најави издвојување на 2 милиони евра.

17424660_272380319879808_6706093141633167424_n

Најголемата вина за искажаната негрижа за бисерот на Битола, членот на општинскиот Совет од редовите на СДСМ Горан Козаров ја гледа кај локалната самоуправа и градоначалникот Владимир Талески. Тие, како што вели Козаров, се покажале неспособни да се грижат за објектот што резултирало со негово целосно руинирање.
17457821_272380439879796_2969893914667020416_n

„Немањето визија и желба од страна на ДПМНЕ и Талески за зачувување на вистинското културно наследство кое го има градот, доведе до уништување на сите објекти кои имаат историско значење за Битола и битолчани. Дали со ваквиот однос кон културно-историското наследство сакаат да кажат дека историјата и животот во Битола започнале со нивното доаѓање на челните функции во партијата и општината? После низата реакции на советниците од опозицијата и барањето Советот да расправа за Офицерскиот дом, конечно по итна постапка е распишан тендер за поставување видео надзор и физичко обезбедување на објектот“, појаснува советникот Козаров.

Независно од парите кои го вети Владата, опозицијата смета дека средства за реконструкција на Офицерскиот дом можат да се обезбедат и од Програмата за култура на Општина Битола. Според опозициските советници, иако организацијата на „Битфест“ официјално чини околу 500.000 евра, тие се сомневаат дека од други буџетски ставки за негово одржување се издвојуваат близу 1.000.000 евра. И покрај тоа што прашањето за вистинската цена на чинење на „Битфест“ во повеќе наврати му било поставено на градоначалникот Талески, советниците и ден денес го чекаат неговиот одговор. Тие сметаат дека токму оттука можат да се издвојат средства кои во голема мера ќе помогнат во санацијата на Офицерскиот дом. Со оглед на тоа што обврската на Општината да се грижи за чување на културното наследство произлегува и од Законот за локална самоуправа, и од општинскиот Статут, се чини дека иницијативата на опозицијата е издржана.

 

„Ова што се случи со Офицерскиот дом е само едно од мноштвото злосторства кое актуелната власт, и на централно и на локално ниво, му го нанесе на културно-историското наследство на Битола. Некогашната гордост на Битола во која престојувале многу значајни личности од општествениот живот од Балканот па и пошироко, ја претворија во збиралиште на бездомници и наркомани. Знаејќи дека градот изобилува со вакви или слични објекти, опозицијата интензивно се залага за нивно зачувување. Наша заложба е Офицерски да го врати некогашниот сјај, да се реконструира салата која ќе се користи за одржување на разни манифестации од областа на културата, а зошто да не се размислува и за идејата тој да прерасне во нов дом на градоначалникот на Битола? Она во што сум сигурен е дека Офицерскиот дом повторно ќе биде гордост на градот и дека повторно ќе го добие и културното и историското значење кое отсекогаш го имал за градот“, убеден е членот на Советот на Општина Битола Горан Козаров.

Check Also

Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *