Кој ќе го организира фестивалот „Браќа Манаки“?

manaki

Аплицирањето на здружението „Центар за филм“ од Битола на објавениот Конкурс за финансирање проекти за организирање домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер кој го распиша Агенцијата за филм, ги разгоре страстите кај филмските работници.

Прв пат од постоењето на Интернационалниот фестивал на филмската камера (ИФФК) „Браќа Манаки“, постои можност организацијата на престижната културна манифестација да му биде одземена на Друштвото на филмски работници на Македонија и доделена на друго здружение. Во битолското здружение „Центар за филм“ не гледаат ништо спорно во нивната кандидатура од причина што, како што велат, никој го немал заштитено ексклузивното право на организација на фестивалот. Освен тоа, тие тврдат дека за Фестивалот не постои основачки акт и дека досегашниот организатор не се потрудил да ги заштити ниту брендот, ниту логото. Што се однесува до нивното здружение, тоа настанало како иницијатива на група граѓани кои живееле и твореле во Битола.

„Ние решивме да повлечеме прв чекор и да помогнеме да се анимираат што повеќе наши сограѓани за да покажеме дека Битола и битолчани треба и мора да учествуваат во реализација на проекти кои се нивни и кои се симбол на културата во овој град. Ние сакаме несебично и волонтерски да помогнеме да се подигне нивото на културата и да придонесеме битолчани да бидат дел од своите културни активности. Ние сакаме, граѓаните на Битола, да не сме само декор и инструмент во нечии раце, туку да сме активни субјекти кои ги реализираат своите проекти и кои носат решенија за развој на истите“, велат од здружението „Центар за филм“ од Битола.

Од здружението потенцираат дека минатата година Фестивалот имал катастрофално издание, дека тлеел во 19 век, а покрај сѐ тој не бил регистриран во Централен регистер како посебен правен субјект. Од „Центар за филм“ велат дека таму не бил регистриран ниту неговиот директор, иако бил одговорен за фестивалскиот буџет “тежок“ 300.000 евра.

За разлика од нив, досегашните организатори на ИФФК „Браќа Манаки“, Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) потсетуваат дека во Статутот на нивното здружение било запишано дека тие се организатори на Фестивалот, заради што упатуваат апел до Агенцијата за филм и Министерството за култура да не дозволат политизирање на ситуацијата. За нив ова е обид да се украде традицијата на Фестивалот, против што, како што тие истакнуваат, ќе се борат со сите сили.

Директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓорговска-Илиевска вели дека долгогодишната работа и организација на фестивалот од страна на ДФРМ била неспорна, но дека мора да се има во предвид фактот дека за прв пат на објавениот Конкурс се јавуваат два апликанта.

„Согласно правната процедура, потребна е дополнителна документација која би ни овозможила да донесеме соодветна одлука согласно објавениот Конкурс за организирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер. Сметам дека по доставувањето на оваа дополнителна документација, Филмскиот совет при Агенцијата за филм ќе може во најкраток можен рок да ги евалуира доставените пријави“, вели директорката Ѓоргоска-Илиевска.

Следното 38.издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ треба да се одржи во средината на септември оваа година во НУ Центар за култура во Битола.

Check Also

Пари за обнова на битолскиот Офицерски дом има, дали има волја?

Не постојат зборови кои можат да опишат колку тажно изгледа денес Офицерскиот дом во Битола, …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *