сообраќајка

Зголемен бројот на сообраќајни незгоди во Гевгелија

Скорешната тешка сообраќајна несреќа и трите изгубени млади животи, не’ натераа да се запрашаме каква е безбедносната состојба на патиштата во општина Гевгелија и регионот.
Според полицискиот извештај на ПС од општа надлежност во Гевгелија за минатата 2016 година, сообраќајниот биланс на незгоди во општината и регионот во однос на претходната 2015 година зголемен е за 40%.

Во текот на годината евидентирани се вкупно 125 незгоди. Од нив 83 биле на отворен пат. При тоа имало 69 повредени лица, од кои 12 со тешки телесни повреди, 53 со полесни телесни повреди, а за 4 лица сообраќајките биле со кобен епилог.

Како најчеста причина за случување на сообраќајките е „брзото возење“, а во 2015 година рекордот во причините за сообраќајките бил на страната на „управување на возило под дејство на алкохол“.
И податокот за причинета материјална штета од 4.143.000,- денари, наспроти 2,6 милиони денари во 2015 ја прави 2016 година за 55% поскапа и поштетна по однос на сообраќајната безбедност во Гевгелија.

Интересен е и податокот дека повеќе од половината сообраќајни незгоди се случуваат во интервалот од 12 до 24 часот. Исто така, поголем број на удеси има во понеделникот, првиот работен ден во неделата кога учесниците во сообраќајот се изгледа поопуштени и со олабавена концентрација од викендот, и секако саботата како ден за излегување и забава кога фреквенцијата на возилата на патиштата е зголемена поради викенд посетите на казинските гости од соседна Грција.

Заради непридржување на возачите и другите учесници во сообраќајот кон сообраќајноте просписи и правила  полициските службеници примениле мерки според законските овластувања: издадени се 1.541 мандатни платни налози, 796 прекршочни платни налози, поднесени се 380 барања до Основен суд и 475 барања до прекршочен орган, 757 регистрирани негативни бодови, 70 лица повикани на сообраќајна поука. Според Законот за возила, дополнително издадени се 204 прекршочни платни налози и уште 301 поднесени барања до прекршочен орган. Тоа се вкупно 6.777 изречени мерки во текот на 2016 за учесниците на сообраќајот по основ на ЗБСП и ЗВ, или во просек по 18,6 казни на ден за неправилности утврдени кај учесниците во сообраќајот.

Check Also

DSC_1470

Локалната власт го заборави, а ИПА фондовите ќе го спасуваат Динќут

После единаесет години заборавеност и запуштеност, општина Гевгелија со ИПА средства се подготвува да го …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *