Ендемски вид на образование – сопругот синдикалец, сопругата во Училишен одбор

 

17458310_275968212854352_8188857130712436885_n
На последниот состанок на наставничкиот совет од ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп, одделенскиот наставник Верица Думбалоска е избрана за член на Училишниот одбор при истото училиште.

Ваквата вест воопшто и не би предизвикала никакво внимание, доколку не се знае дека сопругот на Думбалоска, Златко Думбалоски, освен што е наставник во истото училиште, истовремено е и прв човек на основната синдикална организација, но и претседател на Регионалниот одбор на СОНК – Прилеп. Логично, првото прашање кое се наметнува после оваа информација се однесува на евентуалните законски пречки или постоењето конфликт на интереси при изборот на Думбалоска за член на Училишниот одбор.

Адвокатот Дејан Тошески вели дека ваквата ситуација не е изречно уредена ниту со Законот за основното образование, ниту пак со Законот за работни односи, но сепак длабинската анализа на случајот потсетува на народната изрека „Кадија те тужи, кадија те суди“. Имено, според Тошески, таквиот заклучок произлегува од законските ингеренции на Училишниот одбор кој, покрај другото, врши оценка на способноста на наставниците за реализација на работните активности, поднесува предлог до директорот на училиштето за престанок на работниот однос на некој од наставниците, одлучува по приговорите и жалбите на вработените во училиштето и сл.

„Од друга страна, синдикатот се грижи за заштита на правата на вработените и истиот треба да реагира на соодветен начин доколку се повредени правата на вработените. Во конкретниот случај, постои ситуација каде сопругот се бори за заштита на правата на вработените, а сопругата е таа која, потенцијално, била дел од Одборот кој донел одлука за дисциплинска одговорност на некој вработен. Се прашувам каде е тука непристрасноста во донесувањето на одлуките на Училишниот одбор, но што е уште поважно, колкава ќе биде силината на борбата за заштита на правата на некој од вработените од страна на претседателот на синдикалната организација, доколку истиот знае дека повредата на правата на вработениот е направена со одлука на Одбор каде неговата сопруга е член?“, прашува адвокатот Тошески.

Фанче Јошевска 12 години го водеше битолскиот Регионален одбор на СОНК. И таа потврдува дека не постојат законски ограничувања за назначување на Верица Думбалоска за член на Училишниот одбор при ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп, но истовремено потенцира дека во однос на вработените и членовите на синдикатот, тоа не е ниту етички, ниту морално. Сепак, имајќи ги во предвид неодамнешните статутарни измени кои ги донесол Советот на СОНК, Јошевска вели дека не би се изненадила и на многу поекстремни примери од посочениот. Во тој контекст го посочува, како што вели, “осакатувањето“ на член три, кој години наназад претставувал тампон зона која го попречувала инфилтрирањето на политичките партии во раководните структури на синдикалните организации и регионалните одбори на СОНК.

„Од членот три останата е само алинејата 1, со која се ограничува предлагање и избирање на директорите и раководните работници кои работодавачот ги овластил да донесуваат одлуки сврзани со работниот однос на работниците. Жално е што Советот на СОНК изгласал одлука со која дозволува во раководствата на синдикалните организации и во органите на СОНК да учествуваат членови на органите на политичките партии на сите нивоа на нивно организирање, претставници на политички партии во државни и други институции и други организации, како и членови на управни одбори“, појаснува Јошевска.

На овој начин, со измените на Чл.3 од Статутот, СОНК широко ги отвори вратите за официјализирање на неговата партизираност. Оттаму воопшто и не треба да нe изненадува тоа што претседателот на Регионалниот одбор на СОНК – Прилеп Златко Думбалоски, е редовен учесник на сите партиски активности организирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку што неговата сопруга Верица Думбалоска е избрана за член на Училишниот одбор. Посочениот пример е само уште една потврда дека македонското образование никогаш не било на пониски гранки.

 

Check Also

Пари за обнова на битолскиот Офицерски дом има, дали има волја?

Не постојат зборови кои можат да опишат колку тажно изгледа денес Офицерскиот дом во Битола, …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *