Визијата е спротивна на десетгодишната пракса. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб
Визијата е спротивна на десетгодишната пракса. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб

Контраспин: Двете лица на ВМРО-ДПМНЕ – Манифестот спротивен на праксата

Визијата е спротивна на десетгодишната пракса. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб
Визијата е спротивна на десетгодишната пракса. Фото: ВМРО-ДПМНЕ/веб

Делови од Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме за извртена вистина или спин, бидејќи не е возможно исти луѓе на чело на оваа партија, во изминатите најмалку осум години да спроведувале политика спротивна на нивната визија за Македонија

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ започнува со визијата за Македонија на оваа партија, каде што во најважните делови пронајдовме спинови, пред сè, поради досегашното делување на истите раководни луѓе од партијата:

Спин:  „За да нè води кон ВИЗИЈАТА за нашата држава која:

(…)

  • Владеењето на Правото го смета за основен предуслов за успех на државата и поединецот во неа.
  • Има отворена пазарна економија, каде се поттикнува секој – не да учи само за диплома, туку да стекне знаење, да развива способности, како и да иновира и превзема ризик,а со тоа и да успева да го реализира сопствениот сон. Колку повеќе граѓани со таков капацитет, толку поуспешна држава.
  • Негува добрососедство и непроменливост на граници со сите околу нас, бидејќи истото е предуслов за мир и просперитет.
  • Нагласува дека стабилноста на Република Македонија е предуслов за стабилноста на цел регион,
  • Памети кому сме му помагале во тешки моменти.
  • Гради иднина базирана на почитување на човековите права, вклучително и право на самоидентификација. Тие што го кршат ова право, не можат да ни го земат…“

[Извор: ВМРО- ДПМНЕ, Манифест, датум: 02.04.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Контраспин: Горниот извадок содржи неколку точки од поглавјето насловено „Визија за Македонија“, а содржано во документот на ВМРО-ДПМНЕ наречен „Манифест“. Партијата го претстави на 2 април 2017 година и тој е само еден во серијата документи кои почнаа да ги лиферуваат по изборите што се одржаа на 11 декември 2016 година.

Првиот беше именуван како „Проглас, потоа следуваше „Патоказ, па сега Манифест, во кој Патокозат е повторно вграден во Манифестот, како водич за практично спроведување на „Визијата“ и „Мисијата“ на ВМРО-ДПМНЕ. Овие документи се сите различни, а некои од нив, како Прогласот или делови од него, се во директна спротивност со Манифестот, на пример. Тука ќе се задржиме на визијата на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија, истакната во почетокот на Манифестот, во која голем дел е извртување на вистината или спин.

 

ВИЗИЈА ЗА ЗАРОБЕНА ДРЖАВА

Визијата на партијата за земјата била „Владеење на правото“. Ова е целосно извртување на вистината, зашто најмалку 8 години, од над десетте колку што се носители на извршната, а со тоа доминираат и со законодавната и правосудната власт во Македонија, државата е претворена во држава на неправо, оценета како „заробена држава“, од страна на Европката комисија во последниот извештај. Институциите на државата функционират како институции на партијата. Не треба многу да го аргументираме она што е аргументирано во оценките на домашните експерети и на меѓународните организации и институции. Само треба да се фрли поглед на Претседателот на РМ и како тој „креативно“ го толкува Уставот, наместо да го спроведува, при што не го дава мандатот за влада на коалицијата која има мнозинство во Собранието.

Или, да се погледне како директор на училиште повикува средношколци да протестираат поради политички причини, а притоа Инспекторатот за образование при соодветното министерство, не наоѓа прекршок. Или, пак, да се види однесувањето во судството со дисциплинирањето на судии од страна на трет судија, кој е избран од тело наречено Судски Совет, кое треба да биде независно. Дали, случајно, „владее правото“ поради тоа што за прв пат во историјата на Република Македонија Јавно обвинителство се залага кај Врховниот суд да се укине притвор во случај што го води Специјалното јавно обвинителство и тоа на осомничено лице кое, патем, е во бегство!?

 

ДРЖАВНА НАМЕСТО ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА

Визијата на партијата била дека треба да има „Отворена пазарна економија“, каде се поттикнува секој, не да учи само за диплома, туку да стекне знаење … и да го реализира својот сон.

Пазарна економија е далеку од политиката што ја спроведуваше ВМРО-ДПМНЕ како извршна власт во Македонија во последните 10 години.

Дека тоа е така се потврдува и во споменатиот Извештај на ЕК, но и во последниот извештај на Американскиот Стејт департмент, за човековите права во Македонија во 2016 година, каде отворено се зборува за корупција и притисоци врз компании од страна на државни органи.

Но, овие извештаи содржат забелешки кои јавноста во Македонија добро ги познава. Дали е пазарна економија ако се злоупотребуваат инспекциските служби и другите институции за да се оствари одредена цел врз некој сопственик на фирма, на ресторан, на драгсторче? Дали е пазарна економија ако на компаниите кои се јавуваат на тендери на владини институции и јавни претпријатија не им ги исплаќате фактурите на време или, пак, им доцните со повратот на ДДВ? Станува збор за тендери вредни околу 900 милиони евра секоја година. Дали станува збор за пазарна економија ако кон домашните компании се има дискриминирачки однос во однос на странските, бидејќи не им се даваат толкави директни финансиски инекции како на странските инвеститори во слободните зони?

Што се однесува до трансферот на практични знаења за да можел секој млад човек да си го оствари сонот, тоа партијата нека им го објасни на експертите кои упорно ги повторуваат аргументите за лошиот образовен систем, за екстерните тестирања, за отворањето на бројни факултети и девалвација на знаењето во високото образование… Но, ВМРО-ДПМНЕ мора да објасни како во нивната визија се вклопува „реализирање на сопствениот сон“ со условувањето за партиска книшка или за „твоето име во тефтерчето“, како предуслов за многу вработувања во Македонија?

Визијата за добрососедството, неповредливоста на границите и сличните формулации нема премногу да ги деспинуваме, освен што треба да не се заборави дека одредени политики се оценети од нашите соседи како непријателски (и од Грција, и од Бугарија, и од Србија), потоа дека во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите десет години е извршена демаркација на границата со Косово, со што се измени и претходниот договор за демаркација со Србија. И конечно, во овој дел од визијата стои дека партијата имала визија да памети „кому сме му помагале во тешки моменти“… Помошта во тешки моменти е одраз на севкупна политика што ја води државата, а не на моментален израз на сочувство. Но, во „Визијата“ на партијата недостасува вториот дел од реченицата – да се памети кој на Македонија ѝ помогнал во тешките моменти!  Од стекнувањето на независноста, преку природните катастрофи!

 

ЧОВЕКОВИ ПРАВА – ТОПЛО, ЛАДНО

И конечно, партијата ВМРО-ДПМНЕ имала визија да гради иднина базирана врз почитување на „човековите права“, вклучувајќи го и правото на „самоидентификација“. Ако некому му е сè уште нејасно колку се почитуваат човековите права во Македонија, треба само да го погледне последниот Годишен извештај на Народниот правобранител на Република Македонија за 2016 година. Не треба да ги гледа извештаите од странство на нашите партнери, на нашите пријатели, ниту, пак, на домашните или странските невладини организации кои се занимаваат со оваа проблематика. Белким Народниот правобранител, кој го гласаа како претставник на нивната коалиција на власт, е доволно релевантна институција за нив.

Овие точки од визијата за Македонија на ВМРО-ДПМНЕ, ставена во Манифестот – нивен документ со стратешко значење, се всушност основните делови од Критериумите од Копенхаген, кои ЕУ ги има усвоено како предуслови за воопшто да започне со некоја земја преговори за членство.

Поради се погоре нaведено, деловите од визијата на Манифестот на ВМРО-ДПМНЕ ги сметаме за извртена вистина или спин, бидејќи не е возможно исти луѓе на чело на оваа партија, во изминатите најмалку осум години да спроведувале политика спротивна на нивната визија за Македонија.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

 

Check Also

Дел од поранешното раководство на УЈП на прослава на 22 години од формирањето на Управата. Фото: Веб страна на УЈП

АНАЛИЗА: Што покажа ревизијата – како работела УЈП?

Наодите што ги објави Државниот ревизор за работата на Управата за јавни приходи во 2016 …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *