„Диктатор“ за диктатура други обвинува. Фото: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ
„Диктатор“ за диктатура други обвинува. Фото: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ

Контраспин: Груевски владееше „диктаторски“, за другите ќе видиме

„Диктатор“ за диктатура други обвинува. Фото: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ
„Диктатор“ за диктатура други обвинува. Фото: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ

Само диктатори се опираат до последно за да се симнат од тронот и да се согласат да заминат во опозиција. За тоа има премногу јасни показатели за целата домашна и меѓународна просветлена јавност

 

Пишува: Теофил Блажевски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски преку својот ФБ профил и веб страната на неговата партија, вчера го испорача следниот став што го oценуваме за спин:

Спин: Во демократско општество владеењето на мнозинството доколку не се заснова врз начелото на владеење на правото, всушност преставува и се нарекува „Диктатура“. Ниедна демократска влада во светот не смее да биде избрана со кршење на начелото на владеење на правото. Тоа во старт претставува диктатура.
Талат Џафери влезе во кабинетот на претседателот на Собранието со брутално кршење на Уставот, законот и Деловникот на Собранието. Се што во иднина би се донело со негово учество, потпис или било каква активност, ќе биде плод на затруено дрво, ќе биде плод на диктаторски акт за назначување на Претседател на Собрание.
Многу диктаторски влади биле признати од демократски системи, од една или друга причина. Тоа нема да ја смени сликата. Ниту пак дека имале мнозинство, за кое немаше ниту запис, броење, стенограм и слично, за противзаконскиот и противуставен акт.

[Извор: ФБ статус на Груевски/Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 03.05.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Статусот на ФБ страната на Никола Груевски е наменет за да укаже дека начинот на гласање и устоличување на Талат Џафери за претседател на Собранието бил „брутално кршење на Уставот, законот и Деловникот на Собранието“ и дека тоа било кршење на начелото на владеење на правото. „Тоа во старт претставува диктатура“ вели Груевски, спинувајќи притоа дека се околу изборот, вклучувајќи ја и идната влада е нелегално.

Груевски, пратеник во Собранието на РМ и екс-премиер, кој беше на чело на извршната власт околу 10 години, заборава дека постојат многу примери кои докажуваат дека „диктаторското“(станува збор всушност за автократско) однесување во сите полуги на власта – и извршната и законодавната и судската, ги правеше и правел во минатото токму тој и врхушката на неговата партија.

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, може уште десет стручни реферати да напише за тоа дали нелегално прибавени аудио материјали може да се користат како докази во судската пракса во Македонија, но за просветлената јавност тоа не е важно. Зашто, снимките од телефонските разговори на Груевски и на врвот на извршната власт, сите од неговата партија, се кристално јасен доказ како, всушност, се управувало и се владеело во земјата.

Од врзувањето на три-четири јаки шамари за Жерновски, преку давањето тендер за ископ на јаглен на „оној со Ибицата“, преку тоа како „му течело низ ногавици“ на Фијат Цановски кому му рушеа инвестиција од 60 милиони евра со динамит, до тоа каде да се лоцирале зградите на ААВМУ и на АЕК, зашто тие станари таму и онака не биле нивни гласачи – биле комуњари….

Само овие примери се доволни, а ги има илјадници и сите тие се наоѓаат во сефот на Специјалното јавно обвинителство, кое Груевски, индиректно и директно преку својата конекција со судската власт се обидува да го попречи да ги истражи сите прекршувања на законот и да докаже како се владеело во оваа земја без почитување на правото и спротивно на законите, да докаже корупција и криминал во самите врвови на власт, но и да докаже индиректно со тоа, кој навистина владеел „дикаторски“.

Но, дури и ако се вратиме на основната поента на спинот на Груевски – за тоа како бил избран Талат Џафери, тој не го споменува целиот контекст. А, контекстот е многу важен, зашто ако некој, во случајот Груевски и покрај јасно декларираното парламентарно мнозинство за добивање мандат за состав на нова влада, изнаоѓа триста начини да не дозоволи трансфер на власта, тогаш тој се однесува дикаторски.

Зашто, само диктатори се опираат до последно за да се симнат од тронот и да се согласат да заминат во опозиција. Дали, според Груевски, мнозинството и граѓаните што го гласале тоа парламентарно мнозинство требаше да чекаат со години тој и неговите пратеници да се изживуваат со парламентарната говорница за да се задоволеле демократските процедури? Зарем тоа е демократска процедура?

И ова е јасно за секој просветлен и во земјата и во светот. Ваквите пораки дека е недозволиво да се става иднината на земјата во заложништо затоа што некоја политичка гарнитура не сака да ја предаде власта, многу јасно му беа кажани на Груевски од севкупната домашана и странска демократски ориентирана јавност. Сите други трикови за одбрана на земјата од некаков таен план за уривање на ВМРО-ДПМНЕ и на Груевски, за промена на името како крајна цел, сето тоа беа и се, евтини, но опасни спинови.

Оттука, ставот на Груевски за тоа дека изборот на Талат Џафери бил „диктаторство“ е недвосмислен спин.

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Многу смешно! Фото: скриншот

КОНТРАСПИН: Корупцискиот магнет „Синохидро“ и спинот на Груевски

Не само што „Синохидро“ е поврзана со редица случаи на корупција на разни континенти, туку …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *