Модел во весник. Фото: Max Pixel/Pixabay
Модел во весник. Фото: Max Pixel/Pixabay

Македонија – земја без весници

Модел во весник. Фото: Max Pixel/Pixabay
Модел во весник. Фото: Max Pixel/Pixabay

Ако новата власт има добри намери, своето влијание во весниците нема да го остварува со притисоци и уцени, туку со отвореност и соработка со овие важни посленици на јавниот збор, објективноста, слободата и демократијата

 

Пишува: Александар Шољаковски

Секоја земја има свои весници. Сите држави имаат национални дневни весници кои се своевидна легитимација на државата, народот, политиката, културата, институциите… Весниците се огледало на општеството. Какви да се, тие сведочат за општествената стварност, за состојбата на духот, културата… Тие се едноставно неопходни за проценка и оценка на актуелната состојба на демократијата и слободите воопшто.

Македонија не спаѓа во тие земји. Едноставно, затоа што нема весници. Згасна и Дневник. Без жалење,впрочем. Она што останува, едвај да вреди да се спомене. Освен како дел од  дегенеративните општествени состојби кои направија весници веќе да нема.

Македонскиот список на весници се сведе на неколку дневни весници, два неделника и скоро безначајни периодични изданија. Сега ја имате Нова Македонија која кубури со многу проблеми, Вечер кој е највулгарно пропагандистичко издание на  ВМРО  и единствениот опозициски Слободен печат кој во вакви услови тешко си го пробива патот. Од неделниците како критички достојно  се задржа само Фокус. А Република? Жали Боже скапата хартија на која се печати.

За тиражите да не зборуваме, едвај да се вредни за анализа. Но, за причините можеме да заборуваме. Што се случи со македонскиот печат низ годините на плурализмот? Периодот пред тоа не би го разгледувале зашто се работеше за сосема поинаква поставеност на печатот.

 

ВЛИЈАНИЕ И ДИКТАТ

Како и приватизацијата во стопанството воопшто и приватизацијата на медиумската сфера сосема се оттргна  од логиката на информирањето, објективноста, далеку од демократските потреби и барања. Во почетокот новопокренатите приватни весници (главно од новинари) беа на  добар пат да се изборат за таа објективност и слобода, но полека во нив упаднаа политичките интереси, партиските особено, приватизацијата се одвиваше по логиката на ставање рака врз медиумите, на непринципиелно влијание и диктат. Од влезот на германскиот ВАЦ во Графички центар и откупот на 3 дневни весници се очекуваше многу , но тоа стана своевидна карикатура со приватните аранжмани на менаџерски избор – Срѓан Керим. Потоа ВАЦ се повлече или беше истеран.

Наместо професионалниот и  поширокиот општествен интерес, се наметнаа политичките и бизнис интереси, со јасна намера од медиумите да се направат апологетски партиски гласила, некритички, полтронски поддржувачи и на најлошите политики. Весниците почнаа да паѓаат во рацете на луѓе кои немаа ни чувство за јавен интерес и слободи. На крајот се виде, немаа ни колку-толку добри намери. Напротив.

Весниците послужија за промоција на партиски, персонални или строго лични бизнис аранжмани. Тој процес се одвиваше подолго, сè до последниве години, кога медиумите речиси целосно беа поклопени од тогаш актуелната власт на Груевски и Фамилијата. На најбрутален, уценувачки начин, новинарите беа присилувани да ги глорифицираат токму нивните политики. Под закани и реализации на присилни отпуштања, новинарите од егзистенцијални причини дојдоа во ситуација да мораат да ги прифатат погубните уредувачки политики. На чело на весниците  дојдоа  некомпетентни  уредници, нереализирани новинари, манипуланти, измамници… Впрочем, како и нивните газди и наредбодатели. Весниците се поистоветија, не со државата и нејзините општи интереси, туку со актуелната власт која постојано ги испорачуваше своите барања за потчинетост, за слепо афирмирање и на најлошите потези. Сè тоа условено, уценето со приливот на средства од донации, реклами, плаќања под рака, корупција.  Таквите уредувачки политики доведоа до тотален пад на угледот и кредибилноста  на  весниците. Згаснатиот  Дневник,  од респектабилен дневен весник, полека, заради уредувачката политика и некадарното уредување, од најчитан, најтиражен  дневен весник долги години со ред, рапидно  го губеше тиражот и се сведе на најодвратно апологетско издание на лошата политика.

 

КАКВИ УРЕДНИЦИ, ТАКВИ НОВИНАРИ

На лошите уредници се залепија лоши новинари без искуство и образование со непознавање на основните норми и барања на новинарството. Таму се вгнездија и еден куп „аналитичари“, „колумнисти“ и „коментатори“, кои со својата митоманска опседнатост  ги туркаа лажните погубни теми и тези на власта.

Уредувачката политика ги  сведе весниците на тоа да немаат своја ориентација. Наместо на леви, десни или центристички политички ориентации, весниците се сведоа на тоа да се поделат на весници кои ја подржуваат власта и оние (сосема малку) кои ја критикуваат. Со тоа што овие вториве беа безначајни зашто ја немаа материјалната поддршка од власта.

Ќе го оправдате тоа со новите процеси и времиња? Ќе речете дека сега се други времиња и процесите се нормални! Дека Меклуан го победи Гутенберг! Но, процесите на електронската ера се уште поодминати  во понапредните земји, а тие сепак ги одржуваат печатените медиуми во живот. И не само што ги одржуваат туку ги унапредуваат. Се говори за подем на големите национални дневници. Њујорк тајмс, Вашингтон пост… и многу други, бележат стабилни големи тиражи. Извесното назадување во последните години е надополнето, па дури се забележуваат нагорни тенденции кај тиражите. Зошто? Затоа што се тоа земји со развиени општествени и пазарни односи, кои водат сметка за околностите и се прилагодуваат според потребите. И како политики и како општества.

 

СУБВЕНЦИИ

Земете ја Франција, на пример, колепката на демократијата. Во неа весниците се субвенционираат. Дотациите одат по примерок и на други начини. Без разлика кој е на власт. Па, така, прославениот центристички весник Ле Монд, по основа на партиципација во секој примерок од државата добива  скоро 5 и пол милиони евра годишно. Десничарскиот Фигаро скоро седум и пол милиони, левичарскиот Либерасион шест и пол. На списокот на дотации се и весници со левичарски уредувачки политики  како комунистичкиот  Иманите, но и строго католичкиот Круа. Се финансираат изданија и од локален карактер, изданија за млади и по таа основа  државата придонесува во печатот преку 400 милиони евра годишно.

Но и тоа е само дел од субвенциите зашто по други основи  весниците од државата инкасираат повеќекратно поголеми суми помош. Весниците имаат сериозни попусти на поштенските трошоци за експедиција на изданијата, особено до подалечните рурални региони. Имаат попусти и на националната железница. Персоналните бенефиции на новинарите се значајни. Тие до одредена сума се ослободуваат од плаќањето даноци, имаат додатоци за деца, полесно обезбедуваат социјални станови со повластени кирии… Да не зборуваме за тоа дека со новинарска легитимација е слободен влезот во сите  државни установи – музеи, изложби, театри… Или, најмалку 18 проценти од  прометот кој се остварува во печатените медиуми  го обезбедува државата. А да не зборуваме за проекти  од ЕУ кои се наменети за печатените медиуми. И сè е тоа законски средено, иако од весниците негодуваат дека има уште простор за помош.

 

РЕХАБИЛИТАЦИЈА

Впрочем, ако оваа нова власт ги регистрираше негативните состојби во медиумската сфера ќе мора да направи многу нешта за да ја подобри состојбата. Под други услови можеби ќе се родат иницијативи за создавање на весници независни од политиката. Ако има добри намери, своето влијание во весниците нема да го остварува со притисоци и уцени, туку со отвореност и соработка со овие важни посленици на јавниот збор, објективноста, слободата и демократијата.

Ако ништо друго, рехабилитацијата на овој важен општествен домен треба да се помогне од едноставна причина  – луѓето да не заборават да читаат!

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Од толку грижа за народот државата остана речиси без институции. Фото: Веб сајт на ВМРО-ДПМНЕ

Контраспин: За ВМРО-ДПМНЕ локалните се алатка за нови општи избори

Премногу аргументи укажуваат дека токму ВМРО-ДПМНЕ сака да ги злоупотреби на некој начин локалните избори …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *