Многу смешно! Фото: скриншот
Многу смешно! Фото: скриншот

КОНТРАСПИН: Корупцискиот магнет „Синохидро“ и спинот на Груевски

Многу смешно! Фото: скриншот
Многу смешно! Фото: скриншот

Не само што „Синохидро“ е поврзана со редица случаи на корупција на разни континенти, туку и во периодот кога ѝ е доделен тендерот во Македонија, кинеската компанија беше на црна листа на Светската банка со забрана да учествува на нејзините тендери. Само затоа што парите за двата автопати во земјава не беа од Светската, туку од кинеската Ексим банка и што фирмата добитник е државна, тоа не значи дека корупцијата одеднаш престанала да постои

 

Пишува: Владимир Петрески

Интервју на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на ТВ Нова:

Прашање: Земавте ли пари од Кинезите?

Одговор: Никакви пари не сум земал, какви пари, тоа се државни фирми, државни компании, на памет не ми паднало такво нешто!

[Извор: ТВ Нова(од 19.48) датум: 07.07.2017]

 

 

Ваквиот одговор на Груевски имплицира како небаре да не можело да се земе никаква провизија, никакво мито од кинеските фирми, кои учествуваа на тендерот за изградба на патиштата Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, затоа што, ете, тие биле „државни фирми, државни компании“, па заради тоа нему ни на памет нему „паднало такво нешто“. Ваквиот одговор имплицитно кажува дека земањето мито како да е небаре незамисливо или во најмала рака многу тешко токму заради државната сопственост на овие фирми.

Но, ова е многу далеку од вистината. Имено, корупцијата во Кина е раширена далеку повеќе кај државните компании, отколку кај приватните, како што тоа и редовно се случува во еднопартиските држави и генерално во земјите со голем деловен сектор во државна сопственост и каде што контролните механизми на демократската држава се неразвиени или не постојат. Потоа, кинеските државни фирми се огромни. На пример, на листата на 225 светски компании, кои се глобални лидери во инженеринг и градежништво, првите 5 се кинески, а „Синхидро“, компанијата која го доби тендерот за автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип е на 14 место во светот. Заради ова, зделките кои ги договараат кинеските државни фирми се големи, а со тоа и корупцијата е на високи суми.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281

Колку таа корупција во кинескиот државен сектор е раширена, најдобро покажува и фактот што пред само две години, кинеските власти одеднаш приведоа дури 115 директори од најголемите државни фирми токму заради сомневања за корупција. Покрај ова, околу 150 директори и други високи службеници во државните кинески компании беа репатрирани од цел свет во Кина, откако побегнаа поради сомневања дека биле корумпирани. Значителен дел од нив беа пребегнати во европските земји со кои Кина нема договори за екстрадиција.

„Синохидро“, пак, која е компанија во склоп на кинескиот државен енергетски џин „Power China“, е посебна приказна кога станува збор за корупцијата. „Синохидро“, како прво, е огромен. Во моментов работи во 72 земји на 486 градежни објекти од различни видови, чија вкупна вредност е 43 милијарди евра. Голем дел од овие проекти, како и автопатите кај нас, се финансирани од кинеската Ексим банка.

Во некои земји, просто е зачудувачки како проблемите со кои компанијата се соочува таму се слични како и овде. На пример, во Еквадор „Синохидро“ гради хидроцентрала и како што овде има проблеми со клучките и трасата на автопатот Кичево-Охрид, таму има проблем со очекуваното производство на електрична енергија, кое се смета дека ќе биде двојно помало од предвиденото, што значи дека има проблеми со физибилити студијата, а покрај ова забележани се еколошки проблеми, како и корупција. Слично како и овде.

Во Африка, пак, Африканската банка за развој (АБР, нешто слично како ЕБОР – Европската банка за обнова и развој овде во Европа) го стави „Синохидро“ на црна листа и го натера да се согласи на сеопфатна проверка дали ги почитува нејзините правила, откако беше откриено дека се вршени измами во тендерските постапки и договорите за работа во Уганда. „Синохидро“ во Африка доби тендери и во Зимбабве за зголемување на капацитетите на две електрични централи со вкупен износ од 533 милиони долари, но проблемот е во тоа што овој износ е двојно повисок од оној кој е платен за слична зделка на другата страна од истата држава. За тоа колку или дали се натплатени автопатите кои ги гради „Синохидро“ во земјава тешко е да се утврди. Како што е познато, со оглед на тоа што стануваше збор за кинески пари, на тендерот можеа да се јават само кинески фирми, а во однос на понудата на второпласираната „China International Water & Electric Corporation“ (CWE), Специјалното јавно обвинителство вели дека со неа воопшто не е ни преговарано и од неа не е воопшто побарано да достави дополнителна понуда. Но, сличен ваков случај со натплаќање имаме кај еден друг автопат, оној од Демир Капија до Смоквица, кој го гради грчки „Актор“, каде што веќе има завршена истрага од страна на Бирото за борба против корупција на ЕУ (OLAF) и каде што се смета дека е прифатена понуда која е далеку поскапа од најниската, како и дека натплатениот износ е околу 100 милиони евра.

Истрагата на АБР утврди и дека во текот на тендерската постапка за изградбата на пат во Уганда се правени измами во кои е вмешан „Синохидро“ и како дел од договорот за да не и се забрани на компанијата да учествува на тендери во период од 3 години, таа ќе биде под засилен мониторинг, а потоа и ќе биде оценувана дали ги подобрила своите корпоративни практики за воопшто да може да продолжи да учествува во зделки финансирани од АБР. Инаку, во рамките на тендерот за изградба на патот во Уганда, откриено е дека „Синохидро“ поднел неточни референци за искуството кое го имал во изградбата на вакви патишта и учество во вакви проекти. Имено, референците кои се поднесени се однесувале на патишта кои се уште не биле довршени и не биле дадени во употреба, што не е дозволено според стандардите на АБР, известува „Хералд“, најголемиот весник во Зимбабве, со седиште во престолнината Хараре.

Покрај ова, кога сме веќе кај црните листи, Светската банка објави јавна опомена на својот сајт, до „Синохидро“ (која на сајтот на Банката ќе стои објавена една година – од 29 јуни 2016 до 29 јуни 2017, значи уште две и пол недели) заради тоа што има големи изгледи дека кинеската компанија била вмешана во измамнички практики, односно скрила дека платила провизии на друг субјект со цел да влијае врз процесот кој се одвивал во рамки на тендер финансиран од Светската банка. Ова, според правилата на Банката е забрането. „Синохидро“, имено, има платено 6,9 милиони долари на локална консултантска фирма откако има добиено тендер за изградба на хидро-електрична централа во Мали, вреден 172,6 милиони долари, а финансиран од Светската банка. И во периодот од декември 2013 година, па се до јуни 2016, на „Синохидро“ му беше забрането да учествува на тендери финансирани од Светската банка зашто беше по тнр. рана привремена суспензија, за оваа забрана да биде отстранета во јуни 2016 година и компанијата за помине со казна која се состоеше од отслуженото време и јавната опомена. Но, она што е интересно за нас е фактот што македонските власти знаеле за овој проблем на „Синохидро“ (Македонија е членка на Светската банка и нејзини претставници имаат пристап до интранетот на Банката каде што е објавена оваа одлука), односно знаеле дека компанијата е под забрана да учествува на тендери финансирани од Светската банка, но немале проблем да ја изберат како компанија која би ги градела автопатите во земјава кога тие се финансирани од кинеската Ексим банка.

Сето ова покажува дека корупцијата кај државните кинески фирми е и тоа како раширена, а кај „Синохидро“ особено. Токму затоа ваквата изјава на Груевски, во која тој искажува чудење и невозможност за корупција кај кинеските државни фирми, а особено „Синохидро“, ја сметаме за спин.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Untitled-kontraspom

Контраспин: Груевски – јас сум невин како цвет

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој 11 години беше главен фактор што „разденуваше“ и „стемнуваше“ во Македонија, …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *