ratajkovski-kolaz-1-860x680

Ратајковски, и покрај оставката, сè уште е одговорен уредник на МТВ 1

Диме Ратајковски сè уште е формално и правно одговорен уредник на првиот програмски сервис на МРТВ, иако пред повеќе од еден месец поднел оставка од лични причини. Тој сè уште фигурира и на интернет-страницата на МРТ како одговорен уредник на првиот програмски сервис.

Ратајковски денеска не сакаше да коментира и да одговори на прашањето на „Мета“ дали оставката му е прифатена.

– Немам информација, но и да имам не би ви ја дал – рече Ратајковски, притоа потврдувајќи дека сè уште е вработен во МРТ.

Програмскиот совет на МТВ на својата последна седница ја разгледала оставката на Ратајковски, но нема дадено согласност, бидејќи се чека одговор од извршниот директор Марјан Цветковски.

– Програмскиот совет ја разгледа оставката, но официјално се нема произнесено бидејќи се чека извршниот директор да достави предлог за разрешување и за назначување нов уредник на првиот програмски сервис – изјави за „Мета“ претседателската на програмскиот совет, Снежана Клинчарова, додавајќи дека програмскиот совет само дава мислење.

Поради тоа што законски за време на избори не може да се врши разрешување и назначување, Клинчарова рече дека оставката на Ратајковски ќе биде констатирана веднаш по изборите.

– За да не се комплицира ситуацијата и за да не се бара мислење од Антикорупциската комисија, оставката и назначувањето на новиот одговорен уредник ќе се направи веднаш по изборите, кога ќе биде доставен и предлогот од директорот – рече Клинчарова.

Таа, исто така, потврди дека Ратајковски сè уште е вработен во МРТ, но немаше информации дали тој сè уште си ја извршува на функцијата ниту, пак, дали оставката е неотповиклива. На последниот состанок на програмскиот совет, на кој исто така се разговарало и за покривањето на локалните избори, наместо Ратајковски присуствувал уредникот на информативната програма, Стојан Трпчевски, кој и понатаму е задолжен за информативните блокови на првиот програмски сервис.

Реформирањето на јавниот сервис МРТВ е дел од приоритетите предвидени со планот „3-6-9“, во согласност со препораките на Европската комисија, а со чие имплементирање треба да се обезбеди отстранување на условеноста на препораката за почеток на преговори на Македонија за влез во ЕУ. Со планот се предвидува професионализирање на МТВ, нејзино целосно буџетско финансирање, како и зајакнување на независноста на јавниот сервис.

Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека реформите во МТВ ќе бидат спроведени до крајот на годината и дека тие треба да доведат до тоа експертите да го постават и менаџерскиот и уредничкиот тим на националниот радиодифузер.

– Можевме во МРТ политички да ја промениме целата гарнитура, како што бил трендот и претходно, но во време кога зборуваме за реформи, меѓу кои едни од најзначајните се медиумските реформи, тоа треба да се случи со реформите. Заев не треба да поставува директор таму или, пак, СДСМ, ниту пак уредници – рече премиерот при гостивањето во емисијата „Отворено“.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата „Отворено општество – Македонија“.

Check Also

vlada-rm-860x680

МРТ ги прекршила професионалните принципи за сеопфатно информирање, оцени Владата

Владата на денешната седница ја утврдила предлог – одлука за усвојување на годишната програма за …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *