„Локалните беа референдум“. Фото: скриншот
„Локалните беа референдум“. Фото: скриншот

Контраспин: Османи мисли дека референдумот за името завршил?!

„Локалните беа референдум“. Фото: скриншот
„Локалните беа референдум“. Фото: скриншот

Ако Османи цени дека гласањето за локалните проблеми, за фекална канализација или за отпадот во Чаир, Тетово, Струга, Струмица, Скопје, итн, е еднакво со референдум на кој граѓаните одговораа дали сте за промена на името на Република Македонија, тогаш тој пласира спин и прави штета и на разговорите со Грција и на заложбите на Владата во врска со ова прашање

 

Пишува: Теофил Блажевски

Бујар Османи во дебатна емисија на ТВ Алсат изнесе извртена вистина дека референдумот за промена на името на Македонија завршил на локалните избори:

Спин: Чекаме конкретен предлог за кој веруваме дека ќе најдеме храброст да го затвориме ова прашање, бидејќи граѓаните ни дадоа порака оти се убедени во одлуките. Ако сме храбри, ако знаеме да водиме, тие ќе не поддржуваат. Ова се случи со договорот со Бугарија, со албанскиот јазик. Оваа порака ја добивме од овие избори. И јас ви гарантирам дека ако продолжиме со оваа динамика, да ги реализираме реформите, да го затвориме прашањето за името, ќе добиеме уште повеќе поддршка од граѓаните…(Алсат-М: Како ќе се затвори прашањето за името, со референдум или како?) Мислам дека овие избори беа референдум бидејќи на овие избори ние го најавивме прашањето за името и ги добивме овие бројки. (Алсат-М: Ова значи дека нема да има референдум за името?Зарем не беа референдум овие избори? Граѓаните ни ја дадоа поракатата – вие сте храбри, имате јасна визија каде треба да ја водите државата во наредните години

[Извор: Алсат – Патот кон (4 дел) /Youtube (4.54-5.11 мин)датум: 02.11.2017]

 

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

 

Контраспин: Бујар Османи, член на најтесно раководство на ДУИ, но и вицепремиер за европски пашања во дебатна емисија на телвизијата Алсат–М тврди дека разликите со Грција за уставното име на Република Македонија можат да се решат и без референдум, ценејќи дека граѓаните на локалните избори на владејачката коалиција веќе ѝ ја дале поддршката и за тоа прашање, што е извртување на вистината или спин.

Османи со оваа теза, освен ако не е пробен балон, може да нанесе двојна штета – и на разговорите за надминување на разликите околу уставното име на Република Македонија што се водат со посредство на ОН со Република Грција, но и на напорите на Владата да изнајде начин за затворање на овој проблем.

Вицепремиерот ја извртува вистината зашто едноставно, прво, такво прашање не било прашање во кампањата, освен можеби попатно на ДУИ, второ, затоа што никој досега од владејачката коалиција, ниту од оваа, ниту од претходната никогаш не рекол дека прашањето ќе се затвори без да бидат прашани граѓаните на Република Македонија и трето, затоа што е апсурдно и смешно, доверба добиена од граѓани на локални избори да ја третирате како доверба за решавање на толку тежок, суптилен и до некаде ступиден проблем, иако за ова последното Република Македонија и нејзините граѓани воопшто не се виновни.

Но, да наведеме само некои од фактите. Првиот е Програмата на Владата, јавно достапен документ, ставен на веб страницата на Владата откако таа е потврдена во Собранието. На страница 13 од овој документ пишува:

Поаѓајќи од Уставот на Република Македонија, за прашањата од највисок државен и национален интерес, Владата активно ќе гради консензус на сите релевантни чинители во државата. Таа реално и активно ќе се ангажира за надминување на наметнатиот спор од страна на Грција, но нема да прифати никаков разговор за идентитетски прашања. За можните решенија ќе ги консултираме граѓаните.

На први јуни 2017 година, кога Владата беше избрана во Собранието, претседателот на Владата тоа го кажа и лично во одговор на пратенички дискусии во однос на неговото експозе:

Проблемот на Грција со нашето име е логично прашање на загриженост. Ќе разговараме заедно со опозицијата, заедно со консензус ќе ги носиме одлуките кои ќе бидат конечни на референдум пред граѓаните, но во функција да најдеме решение за проблемот, а не да го блокираме – рече Заев во одговорот за пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Димитров, осум дена откако е преземна функцијата даде интервју за Блумберг телевизијата, при што, како што пренесоа дел од медиумите, исто така потенцираше дека финалното предлог-решение ќе биде проверено на референдум пред граѓаните:

Димитров рече дека ќе ги заживее разговорите со Грција и дека за секое решение „ќе се гласа на референдум“. Министерот, кој беше и преговарач во спорот за името, рече: „Важно е да се постигне решение што граѓаните ќе го прифатат и со кое нема да се чувствуваат понижено“.

Впрочем, идејата за референдум за името не е од сега. Таа во македонскиот политички естаблишмент и на власт и во опозиција е усвоена некаде по пропаѓањето на приемот во НАТО во 2008 година во Букурешт, кога на Самитот, Грција едноставно стави вето на предлогот на тогашниот претседател Џорџ Буш – помладиот, Македонија да влезе во клубот под привременото име. Иако, да потсетиме, тогаш и власта и опозицијата постигнаа договор ако е потребно во Букурешт да дадат согласност за промена на името во Република Македонија (Скопје), а потоа евентуално ова прашање да го стават на референдум. Ова го потврдија подоцна и директните актери на ваквиот договор и формално и неформално.

Но, како резултат на сите тие настани, тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и премиер Никола Груевски го зацементираа ставот за референдум како задолжителна постапка во евентуално финализирање за името. Еве што рече Груевски во 2009 година во интервју за МИА што го најдовме пренесено на еден друг портал:

Длабоко сум убеден дека вака крупно прашање во историјата на еден народ не може да се реши без консултација со сите граѓани. Името на државата е наследно. Тоа беше составен дел од прашањето за референдум на 8 септември 1991 година. За името на оваа држава не може да одлучуваат сами грст политичари или поедини интелектуалци, НВО или поединци. Тоа е така крупно историско прашање за кое може да одлучи само народот. Политичарите за ова прашање можат да го дадат само своето мислење но не и сами да одлучат.

Во 2011 година ова прашање е апсолвирано и за СДСМ, тогаш опозиција, која во предизборната програма исто така го зациментира ваквиот став:

Новата Влада прашањето за надминување на наметнатиот спор со Грција ќе го консултира со граѓаните преку референдум. Идентитетските прашања не можат и нема да бидат предмет на какви било преговори, се вели во предизборната програма на СДСМ.

Од тука, сосема е нејасно од каде Османи најде аргументи за извртување на вистината и за спинување, освен, да повториме, ако ова не беше пробен балон за тестирање на јавноста.

Инаку сосема е јасно дека албанските политички претставници имаат малку поразличен концепт. Тие не се задоволни со степенот на нивната вклученост во разврската на овој спор со Грција, а што е наведено и во програмскиот документ познат како Тиранска платформа. Но, и аналитичари и интелетуалци Албанци сметаат дека референдум не треба да има. Такви размислувања има и меѓу македонските интелектуалци, поранешни дипломати, иако конотацијата во која тоа е кажано е друга.

Како и да е, Османи не треба да спинува во јавноста за ова прашање врз основа на лични или на ставови во јавноста изнесени од експерти или поранешни дипломати. Бујар Османи е заменик претседател на Владата на РМ предводена од Зоран Заев, а Владата се раководи според програмата на Владата усвоена во Собранието на РМ.

Оттука, сосема е јасно дека референдум, барем додека е оваа влада и оваа програма на владата, ќе има, а изјавата на Османи е извртена вистина или спин.

 

Напомена:

Веројатно разбирајќи дека нешто во неговата изјава „не штима“, Бујар Османи некаде на полноќ, два часа по емисијата на својот ФБ профил го даде следното појаснување:

Жестока но плодна дебата во емисијата „Руга Дрејт“ на Алсат-М, кај Арта Тахири, заедно со Билјана Секуловска и Абдула Мехмети. Во жестината на дебата, некои работи не ги објаснив доволно прецизно, па дозволете да бидам прецизен. Владата доби доволно политичка поддршка за да може храбро да влезе и во решавање на спорот за името. Но, тоа не значи дека евентуалното взаемно прифатливо решение би било донесено без за тоа да бидат прашани граѓаните, т.е., без референдум.

Оваа изјава е ретерирање од ставот на Османи искажан во емисијата и може, но не мора да значи целосен демант. Ние ја видовме откако беше затворен овој текст. Нема соопштение, нема демант од владината служба или од неговиот кабинет. Како што самиот вели, станува збор за појаснување.

 

 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Дел од поранешното раководство на УЈП на прослава на 22 години од формирањето на Управата. Фото: Веб страна на УЈП

АНАЛИЗА: Што покажа ревизијата – како работела УЈП?

Наодите што ги објави Државниот ревизор за работата на Управата за јавни приходи во 2016 …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *