Moneta_od_500_makedonski_denari_predna_strana_so_pogled_na_zlatna_posmrtna_maska_Trebeniste

АНАЛИЗА: Сите сакаат повисоки плати, ќе има ли пари во Буџетот?

Moneta_od_500_makedonski_denari_predna_strana_so_pogled_na_zlatna_posmrtna_maska_Trebeniste

Буџетот за 2018 година носи добра вест за Армијата, образованието и здравството. Платите во овие сектори ќе се зголемат. Но, овие најава ги кренаа на нозе дел од синдикатите, кои побараа зголемување и во други дејности

 

Пишува Анета Додевска

Додека јавноста се фокусираше на најавите за зголемување на персоналниот данок – Министерството за финансии објави раст на акцизата за 3% на дизелот.

Со новите буџетски проекции, не се предвидени заголемени приходи од перосналниот данок како резултат на раст на стапката, но сепак остана најавата дека корекции во даночниот систем ќе има, пишува во неделната економска анализа на Portalb.mk.

Во меѓувреме, најавата за повисоки плати во образованието, армијата и здравството, ги крена на нозе сидикатите од другите јавни сектори.

 

Прогресивен данок – за кого и од кога ?

Прогресивното оданочување, што беше најавено во изборната програма на СДСМ ќе стартува од 2019 година. Сепак информацијата дека се размислува стапката на данок на доход да се зголеми за месечни примања повисоки од 1.040 евра предизвика рекации на економистите.  Министерството за финансии за оваа намера најави јавна дебата на средината од 2018 година.

Прогресивниот данок да не го воведуваме на сила. Нашата намера е да почнеме од јануари 2019 година и постапката да биде целосно отворена. Се планира сите законски решенија за воведување на прогресивниот данок да бидат готови до средина на наредната година – изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

Кој ќе биде оданочен со повисока стапка, дали вработен што има 1.000 евра месечни примања е богат, колку и како со ова решение ќе бидат засегнати хонорарците и на крајот какви ќе бидат буџетските ефекти од зголемената стапка на персоналецот? Според дел од економистите потребно е да се одговорат бројни прашања пред да се посегне по прогресивно  оданочување.

Зголемувањето на перосналниот данок на праг од 1000 евра е тажно, доколку навистина се размислува за оваа граница на месечни примања. Во оваа група влегуваат ИТ менаџери, лекари, професори. Тоа не се богати луѓе и каква ќе биде пораката до нив доколку се зголеми данокот – Вие сте богати? Овој пристап директно ќе придонесе да се зголеми одливот на оваа категорија на професии во странство, кои и сега масовно ја напуштаат земјата – вели за Порталб, економскиот консултант Горан Рафајловски.

Тој смета дека треба да постои даночна праведност, богатите да плаќаат повеќе, но посочува дека најпрво треба да се направи анализа за да се утврди кои луѓе се богати, но и да се намали перосоналецот за оние со пониски примања.

Според мене, треба да разговараме за три стапки на даночно оптовраување. Вработените со најниски примања, до 25 000 денари,  да плаќаат 6% персоналец, втората група да ја сочинуваат оние со примања од 25.000 до 200.000 денари со даночна стапка од 12% и третата група, со примања повисоки од 200.000 денари да плаќа персоналец од 18%. Мора да се земе предвид  дека данкот на добивка, заедно со персоналниот данок, се ниско приходни даноци, па оттука и да се постави прашањето каков ефект ќе се постигне ако се зголеми данокот на оние со примања повисоки од 1.000 евра, а такви се само 2% од вработените – вели за Порталб економистот Рафајловски.

 

Повисоки плати за војската и образованието

Буџетот за 2018 година носи добра вест за Армијата, образованието и здравството. Платите во овие сектори ќе се зголемат. Конкретно, за војската најавено е зголемување на месечните примања за 10 отсто, додека за вработените во здравството, лекарите и медицинските сестри, како и вработените во образованието, растот на платите догодина ќе изнесува 5 отсто. Предлагачот вели дека со зголемување на платите се започнува од сектори кои се основа на секое општество, и со овој аргумент ја брани одлуката во оваа фаза да бидат иземени други сектори.

Но,  овие најава ги кренаа на нозе дел од синдикатите. Од УПОЗ, синдикатот на правосудните органи и администрација сметаат дека парцијалното покачување на платите го зголемува револтот кај другите сектори.

Креаторите на Буџетот најверојатно заборавиле дека платите на судската и обвинителската служба, не само што не се зголемени последниве години, туку им е скратено и законското право на исплата на надоместоци на плата. Од овие причини во 2016 година имаше штрајк од 60 денови. Слична е состојбата и со вработените во казнено – поправните установи, шумската, затворската и судската полиција – велат од УПОЗ.

Реагираше и Самостојниот синдикат на Клинички центар, од каде побараа средба со ресорниот министер, со став дека порастот на платите во здравството за 5% е незначителен .

Синдикатот на Клиничките центри смета дека предложениот буџет за 2018 година во делот за платите на вработените во јавното здравство, претставува дополнителен поттик за одлевање на докторите, медицинските сестри и останатиот персонал вработен во јавните здравствени установи, беше нотирано од овој синдикат.

Реакција имаше и од Синдикатот на култура, од каде велат:

Потценувачки и поразително е, носителите на дејноста во културата на Република Македонија, во 21-от век, да земаат пониски плати од просечната нето плата на ниво на Република Македонија.

Повисоки плати побараа и од полицискиот синдикат од каде се повикаа на владина одлука од април, 2015 година, при што побараа ветените зголемувања да им се исплатат на полицајците до крајот на годинава или да се направат измени на буџетот за следната година со кои би се овозможило тоа. Годишно од буџет во изминатите години за плати се трошеa по околу 400 милиони евра.

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Дел од поранешното раководство на УЈП на прослава на 22 години од формирањето на Управата. Фото: Веб страна на УЈП

АНАЛИЗА: Што покажа ревизијата – како работела УЈП?

Наодите што ги објави Државниот ревизор за работата на Управата за јавни приходи во 2016 …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *