Според Законот за кривична постапка, предистражната постапка е тајна Фото: vlada.mk
Според Законот за кривична постапка, предистражната постапка е тајна Фото: vlada.mk

Не е работа на премиерот да обелоденува постоење на предистражни постапки

Според Законот за кривична постапка, предистражната постапка е тајна Фото: vlada.mk
Според Законот за кривична постапка, предистражната постапка е тајна Фото: vlada.mk

Премиерот Зоран Заев деновиве (01.11.2017) на самитот „Македонија 2025“ обелодени дека двајца членови на Владата се под истрага за корупција, поведена врз основа на пријави од граѓани.

Работат само два месеца и веќе се под истрага. Повеќе детали не можам да кажам

[Извор: Макфакс; Датум: 01.11.2017]

Истиот ден Владата преку сооопштение ја пренесе изјавата на премиерот дадена на самитот „Македонија 2025“.

Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество.

Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам за прв пат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта кои се на должност неколку месеци.

Се разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи подеднакво за сите.

[Извор: Влада на РМДатум: 01.11.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на Владата, Зоран Заев, во која тој на јавноста ѝ откри дека се води истрага за двајца високи претставници на власта, е прилично дискутабилна, несоодветна на премиерската функција и ингеренциите кои произлегуваат од неа и според методологијата на „Вистиномер“, ја оценуваме како  недоследна. Пред сѐ, поради тоа што предистражната постапка е тајна и ја водат истражните органи, полицијата и Јавното обвинителство, а не премиерот. Ваквата негова некоректна постапка остава впечаток во јавноста за непочитување на уставното начело за поделба власта на: законодавна, извршна и судска.

Истата непринципелна изјава Заев ја повтори и два дена подоцна (03.11.2017) во Будва каде што учествуваше на регионалната Економска конференција на Црна Гора 2017. Тогаш тој одговарајќи на новинарско прашање рече дека двајцата владини функционери се именувани во август.

Се работи за два случаи кои се веќе пријавени од граѓани и се процесуирани во постапка на истрага за луѓе што се именувани од оваа влада и тоа почетокот на месец август. Јас само тоа ќе го повторам, ако тоа некој добро го чита, ќе знае дали се работи за министри, директори или слично. Потенцирам, почетокот на месец август. Не сакам детали да дадам заради тоа што и немам право да дадам, може да се случи овие луѓе да не бидат виновни, може да бидат виновни, тоа е оценка на истражните органи.

Во член 289 од Законот за кривична постапка, со кој е предвидена „Тајност на предистражната постапка“, децидно е наведено дека:

Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна.

Забелешки за ваквиот настап  на Заев деновиве упати опозицијата, но и експертаската јавност. На 03.11.2017 во дебата на емисијата „360 Степени“, на „Алсат М“ претседателката на „Транспаренси Интернешнл“, Слаѓана Тасева,  изјавата на Заев ја оцени како неодговорна, непотреба и избрзабна. (0,49 do 5,32 минута  од видеото)

Мојата прва реакција беше дека можеби е дури и неодговорна, непотребна, избрзана изјава за којашто ниту беше време, ниту место да се даваат таков тип на изјави на тој собир… И таа изјава овозможи, за среќа тоа е позитивниот аспект, интерес кај медимите, новинарите, да целосно од сите аспекти го отворат ова прашање, покренувајќи го прашањето дали била во ред, дали била избрзана, што може да каже премиерот, што не може, што може да знае, што не знае. А, се разбира, другиот политички блок ја искористи ситуацијата да зборува за поделбата на власта, за тоа како не треба да се влијае врз институциите кои спроведуваат истраги – нешто што таму додека беа на власт до пред неколку месеци беше вообичаена практика – вели Тасева.

Таа потенцира дека дури и ако станува збор за укажувач, пријавата од него и постапувањето по пријавата не се јавни информации.

Исто така, ако станува збор за информатор кој пријавил некое сторено кривично дело до полиција или јавен обвинител, не треба да имаме ширење на таа информација сè додека целосно не се расчисти таа информација, дали воопшто постои основа за сомневање. И ако дојавата стигнала до Заев лично, треба само да најде соодветен начин да ја пренесе или да ги упати лицата таму каде што треба да ја дадат таа информација и потоа надлежните институции да си ја водат постапката сè до моментот додека тие не одлучат дека треба нешто да кажат. Значи, во ниту една од ситуациите не треба да се има ваква информација или да се кажува јавно – децидна е Тасева.

Професорката Беса Арифи, исто така, смета дека простапката на премиерот е проблематична.

Проблемот е во објавата на информацијата. Може да се толкува дека премиерот бил нестрплив во правец на тоа дека како Влада се навистина ангажирани во борбата против  корупцијата, но ова не го оправдува давањето таква изјава. Премиерот треба да биде внимателен и да не се меша во предистражната постапка, особено во врска со случаи на корупција и да не ја врши работата на истражителството или обвинителството. Над сè, поважно за реформските процеси во земјата не е премиерот да даде изјава дека ќе се истражат коруптивни случаи, туку тоа што е поважно е да се отвори истрага за случаите од надлежните органи и тие кога ќе дојдат до фаза на истрага, кога ќе имаат доволни докази дека некој навистина е инволвиран во корупција, тие да објават дека може да постои таков случај на нечија инволвираност во тој случај. Треба да се усвојат тие прашања и премиерот да ја врши својата работа да даде поддршка, но да остави полицијата и обвинителството да ги следат индициите за каква било корупција, каде може да бидат инволвирани функционери од државата. (од 28,17 до 29,42 минута од видеото)

На споменатата изјава на премиерот реагираше и опозицијата дека има спрега меѓу  Владата и обвинителството. Во соопштението од 01.11.2017, од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат:

Како информациите за поведената истрага стигнале до Зоран Заев ?

Кој му ги дал информациите и зошто информациите му се дадени на Зоран Заев ?

Сето ова буди сомнеж дека обвинителството целосно работи по нарачка и во дослух со Зоран Заев, бидејќи во спротивно треба истото да отвори случај од каде протекле информациите од истрагата.

Па, имајќи го предвид горенаведеното споменатата изјава на Заев дадена  на самитот „Македонија 2025“, ја сметаме за „недоследна“.

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Дел од поранешното раководство на УЈП на прослава на 22 години од формирањето на Управата. Фото: Веб страна на УЈП

АНАЛИЗА: Што покажа ревизијата – како работела УЈП?

Наодите што ги објави Државниот ревизор за работата на Управата за јавни приходи во 2016 …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *