Огледалце, огледалце...Фото: веб страница на ВМРО-ДПМНЕ
Огледалце, огледалце...Фото: веб страница на ВМРО-ДПМНЕ

Контраспин: Дали Груевски се гледал во огледало кога давал интервју?

Огледалце, огледалце...Фото: веб страница на ВМРО-ДПМНЕ
Огледалце, огледалце…Фото: веб страница на ВМРО-ДПМНЕ

Маката од претстојните судски процеси и прифаќањето на снимките како дел од доказите се вистинската причина да се тврди дека сегашната власт ќе апсела, ќе прогонувала и уништувала судбини и политички партии за да го смени името и идентитетот

 

Пишува: Теофил Блажевски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски тврди дека власта на СДСМ ќе апсела, обвинувала, прогонувала, се со цел да се сменело името и непречено да сме влегле во НАТО, што го оценуваме како извртена вистина, т.е. спин:

Спин:Планот им е преку заплашувања, притисоци, апсења и поткупи да го решат тоа (спротивставување од народот и опозицијата –н.з.). Се чини имаат одврзани раце од надворешните фактори да прават што сакаат, ако е со цел да попуштат за името. Народот го чувствува тоа. Ова е висока политика и геополитика, а не терање правда. Планот им е луѓе да гнијат по притвори и затвори, да не излезат од судници, да одговараат за конструирани работи, судиите да судат без докази како што ќе им се каже, медиумите да го оправдуваат сето тоа. Ќе се уништуваат и оцрнуваат личности, семејства, луѓе, партии и се што е на патот на оваа марионетска власт. Само за да се оствари големата геостратешка цел, која, за да биде иронијата поголема, не е спорна за нас во ВМРО-ДПМНЕ, и напротив е најмалку исто, а и повеќе посакувана отколку во СДСМ, тука мислам на членството во НАТО, само што разликата е во тоа што ние сакаме пофер договор по однос на суштината на спорот со нашиот јужен сосед.

[Извор: Веб страна на ВМРО-ДПМНЕ, датум: 16.09.2017]

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Контраспин: Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, во мега интервју за порталот Република, изнесе еден куп тврдења поврзани со наводната промена на името и идентитетот на Република Македонија и на македонскиот народ, без ниту една поткрепа на кажаното, а најспектакуларно е тврдењето за претстојни апсења, обвинувања и прогони како начин да се спречеле спротивставувањата од народот и опозицијата.

Оваа изјава на Груевски е објавена истиот ден кога новинарот Томислав Кежаровски ја промивираше својата книга „Живот во кутија“, која зборува за неправдата и голготата што ја претрпе, поминувајќи 8 месеци во притвор, однесен насила со спектакуларно апсење на членови на посебна полициска единица, сниман со камерите на истата таа полиција на Груевски, испрашуван и обвинет од истото тоа обвинителство под контрола на Груевски и осуден од истиот тој суд кој што го контролираше владата на Груевски, односно најблискиот круг на луѓе. Зошто го издвоивме Кежаровски? Затоа што постојат индиции целиот случај му е спакуван токму поради текстови во кои се наведуваат сомневања за други криминали во владата на Груевски и текстови поврзани со истрагата за загинувањето на Никола Младенов.

Но, тој случај, кој за среќа ги обедини новинарите во Македонија и не ја исполни целта за нивно заплашување, не е единствен. Од моментот кога Македонија не влезе во НАТО во 2008 година почнува свртувањето на политката на владата на Груевски во однос на стеснување на основни човекови права и слободи, вклучувајќи го и правото на слобода на говор и слобода на медиумите.

 

АПСЕЊАТА И ПРОГОНИТЕ БЕА ДЕЛИКАТЕС НА ГРУЕВИЗМОТ

Непотребните понижувачки апсења пред камерите на продуцентската куќа „Груевски прикажува“, кои потоа беа емитувани во ударни термини на вечерните вести на приватните гледани телевизи, а кои, пал, беа алиментирани од владата на Груевски, преку директен договор меѓу неговиот прв братучед и сопствениците или главните уредници – се дело токму на системот на владеење што го толерираше и веројатно и го поттикнуваше Груевски, зашто не видовме дека некогаш се спротивстави на тоа.

Во таква атмосфера на „демократура“ својствена на автократски режим, на пример, никогаш не можеше слободно да се дебатира дали ни треба Воинот на коњ на плоштад, а од спротивната страна мајка му Олимпија и татко му Филип (на воинот де), дали ни треба преименување на аеродромот, дали ни треба преименување на автопатот, како и дали со тие потези се сака да се постигне предност во договорите со Грција, плус да се наполнат џебовите на политичката и бизнис елитата на власт!?

Но, не се проговори воопшто и за суштината и текот на преговорите со Грција и пред и по судскиот спор што го добивме во Хаг и како да се ефектуираат резултатите од тоа.

И тоа не е чудно, зашто не смееше да се проговори и за тоа зошто Република Македонија на 31 декември 2007 година на „Хеленик Петролеум“ и исплати сума од 40 милиони  долари како надомест на штета и за улогата на Груевски во сето тоа. Не смееше да се проговори на кој начин се доделува земјиште и се прават договори за изградба на луксузен хотел и градска куќа во центарот на Скопје, на истиот човек од Грција, кој е толку силно вмешан во македонската коруптивна стварност и пред да дојде Груевски на власт.

Не смееше да се проговори, де факто, за ниту една политика што ја водеше ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, зашто тие се безгрешни, нели. Кога велиме не смееше да се проговори не мислиме на написи по порталите, туку за блокада на мејнстрим мдиумите, за блокада на истраги (Телеком), за попречување на институциите да функционираат во откривањето на криминалот и корупцијата.

Ако некој проговори силно, како што проговараа да речеме Љубе Бошковски или Љубчо Георгиевски, или ќе му наместат поткуп преку уфрелни играчи и подоцна заштитени сведоци од грчка провениенција пред „Воденица“ или, како во случајот на Георгиевски, ќе му ја уништуваат и осакатуваат партијата.

Ако, пак, некој објави прислушувани телефонски разговори, како што го стори тоа Зоран Заев во 2015 година, тогаш се пакуваaт обвиненија, се апсат луѓе за шпионажа и обид за пуч, се држат во затвор укажувачи на криминал или т.н. „свиркачи“ и се презема сè и сешто против политичките противници.

 

СТРАВОТ ЗА СОПСТВЕНАТА КОЖА Е ОЧИГЛЕДЕН

Вториот елемент од кој се гледа спинот е тоа што во интервјуто Груевски тврди дека договорот со Грција ќе бил неповолен и штетен за Македонија, за народот за идентитетот. А, од кај го знае Груевски договорот и ако го знае зошто не го изнесе во интервјуто?

Но, се чини вистинската позадина на ваквите спинови на Груевски се наоѓа во последните неколку пасуси од првиот дел на интервјуто:

Стратегијата беше нас да не прикажат како нечесни, да ни измислат афери и да не прогонуваат за да се реализира зацртаната цел… И ако немаат докази ќе се обидат да измислат, како на пример, правење на незаконските снимки да се докази. Ако и тоа не е доволно ти вадат нови закони за заштитни сведоци и што ли уште не, само за на сила да те обвинат со измислени докази.

Сосема е видливо што тврди Груевски – сите судски процеси и обвиненија против него и неговите блиски сопартијци се монтирани. Тоа е маката, а не промена на името, идентитетот, предавништвото, итн.

Поради тоа, исказот на Груевски од почеткот на текстот го оценуваме како извртена вистина, т.е. спин.

 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Фото: portalb.mk

АНАЛИЗА: 140 милиони евра во рацете на пет министри-Aлбанци !

Едно до најмоќните министерства, кое располага со буџет поголем од 100 милиони евра останува во …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *