Фото: Pixabay
Фото: Pixabay

АНАЛИЗА: Општини тонеле во долгови ама не запреле со нови вработувања!

Фото: Pixabay
Фото: Pixabay

Повеќе од 120 000 000 евра должат општините за неизмирани обврски кон добавувачи, кредити, долгорочни заеми, судски решенија и камати. Новиот ревизорски извештај со наслов: „Преземње на обврски и финансиска нестабилност кај единиците на локалната самоуправа“, ја анализира финансиска состојба на локалната самоуправа  за период од 2012 до 2016 година, пишува Portalb.mk во редовната економската анализа.

 

Пишува: Анета Додевска

За процесот на буџетирање, односно изготвување  и извршување на буџетите одговорен е градоначалникот, а за постапката за усвојување на Буџетот задолжен е Советот на општината.

Со извршената ревизија и направените анализи за период од 2012 до 2016 година, ревизорот констатира дека кај општините карактеристична е состојбата на нереално планирање на буџетите, постоечки, а неевидентирани долгови, блокирани сметки, но и општини кои и покрај тоа што тонат во долгови, не запреле со нови вработувања.

 

КАКО СЕ ПОЛНЕЛЕ ОПШТИНСКИТЕ БУЏЕТИ 

Големи отстапувања меѓу планираното и реализираното во буџетската година се констатирани во финансиското работење на општините. Имено, по извршената ревизија, утврдено е дека оваа состојба доминира во подолг временски период од 2012 до 2016 година.

Кај општините карактеристична е состојбата на нереално планирање на буџетите, односно ревизијата констатира дека има значително отстапување на планираните во однос на реализираните приходи. Конкретно, на ниво на сите општини во 2012 година на пример, од вкупните планирани буџетски приходи биле оставрени само 64%, во 2013 само 61%  а во 2014 биле реализирани 63% од планираните буџетски приходи. Во 2015 година релизацијата изнесува 65% а во 2016 година 65%.

 

Важно е што овие позначајни буџетски отстапување не биле надминати ниту со ребаланс на буџетите.

И по извршените ребаланси на буџетите не се надминуваат состојбите на неусогласеност на планираните и на реализираните приходи. Има и општини кај кои и покрај минималната реализација на буџетот, не се изготвува и донесува ребаланс на буџетот – нотира ревизорот.

 

ДОЛГОВИ И ОБВРСКИ

Според анализите и податоците објавени во ревизорскиот извештај, од 2012 година до 2016 година, само обврските кон добавувачите се значајно зголемени, за скоро 27 000 000 евра. Така, во 2012 сите општини кон добавувачите должеле 55,6 милиони евра, а на крајот на 2016 година долгот пораснал на скоро 82 милиони евра. Воедно зголемен е и уделот на овие долгови во однос на вкупните буџетски приходи, па така во 2012 обврските кон добавувачите учествувале со 25%  а во 2016 година со 35% во вкупните остварени приходи.

Но, дополнително, ревизорот посочува и на долгорочни обврски што ги имаат општините по основ на кредити и позајмици. И тука се забележува тренд на раст, па така во 2012 година долгорочните обрски изнесувале 23,5 милиони евра а во 2016 година 33,6 милиони евра.

Анализирајќи ги вкупните обврски, ревизијата констатирала непоклопување на податоците, односно во одредени години се прикажани помали износи поради ненавремено евридентирање на обврските.

Несоодветното презентирање на податоците за краткорочните и за долгорочните обврски не е во согласност со одредбите од членот 22 став 5 од Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници – се наведува во ревизорскиот извештај и се дава препорака градоначалниците да преземат активности за точно, навремено и целосно евидетирање на обврските.

Но, расте и бројот на општини што се соочуваат со извршни судски решенија за исплата на догови со камати. Така, во 2016 по овој основ 20 општини  во земјава должеле 4 000 000 евра и уште 1 775 000 евра за камата. И во овој дел ревизијата констатира несоодветно презентирање на податоците. Дополнително, утврдено е дека во однос на роковите за исплаќање на обврските, кај дел од општините не се почитува Законот за финансиска дисциплина.

Утврдивме дека кај дел од општините не се применуваат одредбите од Законот за финансиска дисциплина по однос на роковите за плаќање на обврските кон добавувачите, а кај општините со блокирана жиро сметка не постојат реални можности за примена на истите.

 

БЛОКИРАНИ СМЕТКИ, НЕСТАБИЛНА ФИНАНСИСКА СОСТОЈБА

Иако се наоѓале во тешка финансиска состојба и законски биле обврзани да прогласат финансиска нестабилност, дел од градоначалниците не го направиле тоа. Напротив, продолжувале со проекти, но и со нови вработувања.

Ефектот од тоа е понатамошно работење на општината како да не е во состојба на финансиска нестабилност, преземње на нови капитални проекти и инвестиции, заголемување на бројот на вработувања во општинската администрација и унапредување на дел од вработените, основање нови јавни претпријатија, започнување постапки за јавни набавки, што на крај резултира со понатамошно зголемување на обврските и задолжување на општините – наведува ревизорот.

 

Во приодот од 2012 до 2016 бројот на несолветните општини се менува, па така во 2012 имало 17 општини со блокирана сметка, во 2013 имало 14, а во 2014 година 11 општини. Во 2015 биле регистрирани 12 општини со блокирана сметка, во 2016 блокирани биле  14 општини, а во 2017 имало 16 блокирани општински сметки.

Во овој анализиран период, седум општини во континуитет се со блокирана сметка. Во 2016 година дури девет општини, иако биле со блокирани сметки, започнале нови проекти, но и реализирале нови административни вработувања. Кај општините кои се во нестабилна финансиска состојба, ревизорот забележал дека се карактеристични плаќањата преку цесии, компензации и слично.

 

 

 

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Check Also

Ако се следи Уставот и демократските начела референдум мора да има. Фото: скриншот

Контраспин: Референдум за името е подемократска форма за изразување на волјата на граѓаните од гласање во Собранието

Изјавите со став дека можеби и не мора да има референдум за евентуалната промена на …

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *